1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Абазовиќ: Црна Гора ги прави првите чекори кон демократија

Јасмина Розе
3 септември 2020

Лидерот на третата по големина партија во црногорската опозиција, Дритан Абазовиќ во интервју за ДВ вели дека просрпските и проруски партии во идната влада не се опасност за проевропскиот курс на земјата.

Themenbilder Wahl in Montenegro: Dritan Abazovic
Фотографија: URA

ДВ: Господине Абазовиќ, дали исходот од изборите во Црна Гора е победа на демократијата или менување на курсот во правец на оддалечување од ЕУ и НАТО?
Дритан Абазовиќ: Во Црна Гора се случи тектонско пореметување, нешто што долги години и за многу генерации беше неверојатно. Ние сме прва земја во Европа која до вчера немаше демократска промена на власта. Таа се случи на овие избори и тоа е нешто многу позитивно. Што ќе се случува натаму околу формирањето на новата влада и новото мнозинство, останува да видиме.
ДВ: Како што оценуваат медиумите во регионот, во ваши раце сега е судбината на Црна Гора...
Ние верувавме дека можеме да бидеме клучни играчи, и станавме тоа. Го урнавме режимот на Мило Ѓукановиќ кој беше недопирлив 30 години. Лукашенко од Балканот падна и тоа е многу важен факт. Тоа не значи дека пред земјата не се големи предизвици, но што се однесува до нашата коалиција и она што го договоривме во предизборната кампања, Црна Гора може да биде многу мирна, затоа што нашата политика е проевропски ориентирана, граѓанска и со цел за целосна инкорпорација на европските вредности во нашето општество.
ДВ: Дали е можно тоа да се постигне со опозиција во која се и проруски партии?
Јас мислам дека тезите кои се поставуваат во врска со проруската и просрпската опозиција се погрешни. Не затоа што не постојат такви партии или дека тие партии не добија значаен број мандати. Ние треба да направиме програѓанска влада. Тука не победи никаква просрспско мнозинство. Огромното мнозинство граѓани на Црна Гора, независно од мандатот, бараат промени.
ДВ: Вашето граѓанско движење УРА е јазиче на вагата за формирање на новата влада. Кон кој табор ќе се приклоните: црногорската опозиција, која е хетерогена и во која се наоѓаат и проруски сили или можеби сепак кон социјалистите на Ѓукановиќ?
Ние нема да се приклониме кон Ѓукановиќ затоа што целиот наш политички живот го посветивме на борбата против неговиот режим. Тоа е прво. Второ: нема да се приклониме ниту кон просрпската опција, туку ќе бараме партнерство по оние основи кои ги договоривме пред изборите. Ние баравме да се формира експертска влада и колегите од опозицијата тоа го прифатија. Во експертската влада нема да има политичари. Значи, нема промена на надворешно-политичкиот курс на Црна Гора, ниту на преземените меѓународни обврски. Заедно мора да работиме на промоција на европската агенда и на оние начела кои им ги ветивме на граѓаните во предизборните активности.
ДВ: Потпишавте документ од четири точки со лидерите на опозицијата во кој се согласивте дека Црна Гора останува на патот кон ЕУ, останува во НАТО, нема повлекување на признавањето на Косово и малцинствата ќе ги задржат своите права. Кои се гаранциите дека тоа ќе се почитува?
Ние сме гаранција за одбрана на Црна Гора. Ние сме гаранција за промоција на граѓанските вредности. Ние сме гаранција дека нема да има промена на надворешно-политичкиот курс- додека тоа зависи од нас. А доколку некој друг може да направи мнозинство и сака да го направи- нека му е со среќа!
ДВ: Германските медиуми се прашуваат како воопшто може да функционира толку шаренолика и хетерогена коалиција како вашата. Што ве обединува и поврзува, освен уривањето на Ѓукановиќ?
Во овој момент само уривањето на Ѓукановиќ и борбата против организираниот криминал и корупција. Сите опции се посветени на европските интеграции и тоа е концептот. Преку експертската влада најдовме модел кој треба да биде транзициски и да овозможи за две или четири години да се организираат слободни избори, а потоа да добиеме влада во која ќе бидат идеолошки слични партии. Мислам дека тоа го разбира секој човек во Црна Гора, а се надевам дека и секој во ЕУ, кој следи политика, ќе го разбере тоа.
ДВ: Во понеделникот го посетивте Пљевал каде дојде до националистички испади над Бошњаците. Граѓаните велат дека тоа го доживеале како враќање во деведесетите. Каква е ситуцијата таму?
Состојбата не е толку добра, но се надевам дека ќе се стабилизира. Замолив, а тоа го сторија и други колеги, никој да не слави по улиците и да се избегнуваат сите провокации, бидејќи тие им одговараат на оние кои сакаат да го сочуваат статус квото. За она што се случуваше во Пљевал делумно е виновна полицијата која не реагираше. Кога бев таму сретнав 50 полициски инспектори и не е можно никој да не може да идентификува ниту еден напаѓач, без оглед дали се работи за напади врз имот или за физички напади врз граѓани од бошњачка националност.
ДВ: Колку се овие напади, како и инцидентите во Подгорица, закана по мирот и стабилноста во Црна Гора?
Ние никогаш не сме менувале власт во нашата историја. И ако некој мислеше дека тоа ќе се случи со рози, фанфари и цвеќиња, мислам дека е во голема заблуда. Но луѓето мора да знаат дека на другата страна се наталожија многу негативни емоции во последните 30 години, дека многу луѓе чувствуваа дискриминација.
Ние не сме земја со голема демократска традиција па да не изненадуваат овие работи. Ние сме балканска земја, полуприватна, заробена од неколку семејства околу господин Ѓукановиќ и ние сега треба да го минеме оној прв и најнизок чекор кон демократија. Најважно е дека е помрднато демократското тркало и дека УРА овозможи да се врати суверенитетот на граѓаните.

Абазовиќ (десно) за време на посетата на ПљевалФотографија: URA
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми