Симболична политика наместо бомбастични постапки
1 октомври 2015Нешто бомбастично најави претседателот на Палестинците Махмуд Абас спроти неговиот говор пред Генералното Собрание на ОН. Меѓутоа: „Абас не го раскина Ословскиот договор“, исправно констатира Калед Елгинди од вашингтонскиот Брукингс Институт, иако првите медиумски извештаи, создадоа впечаток дека претседателот на Палестинците еднострано се откажува од мировниот процес за Блискиот Исток договорен во Осло во 1973 година, во кој се утврдува патот до решение за две држави. „ Абас всушност повеќе истакна дека Палестинците не сакаат да бидат единствената страна која се чувствува приврзана за договорот“, изјави Елгинди за Дојче Веле.
Во продолжение на оваа изјава, Абас го обвини Израел за многубројни прекршувања на договорот, меѓу другото и за одбивањето да го запре населувањето на окупираните области и да ги ослободи палестинските затвореници. „Ова е класичен шаховски потег на Абас. Тој ги полни пиштолите за потоа многу колебливо да ги употреби“, вели Елгинди. Што ќе значи најавата на Абас за практичната политика, е повеќе од несигурно, вели експертот за Блискиот Исток: „Не верувам дека ќе дојде до раскинување на безбедносната соработка со Израел, што е најголемата грижа на Израелците и на Американците“.
Сирискиот конфликт доминира
Слично како и Украина и Палестинците се жртви на променетата глобално-политичка агенда. Ескалирачкиот конфликт во Сирија, борбата против Исламската држава и бегалската криза стојат сосема горе на листата на приоритети на Американците, Русите и на Европејците. Палестинците беа длабоко погодени од тоа што американскиот претседател Барак Обама во својот говор пред Генералното Собрание на ОН ниту еднаш не го спомена палестинско-израелскиот конфликт.
Саеб Ерекат, главниот палестински преговарач и близок соработник на Абас, за ДВ изјави дека е разочаран од претседателот на САД: „Обама и сите лидери беа обединети во борбата против Исламската држава. Тоа е добро и ние го поддржуваме. Меѓутоа секој знае дека ИД не може да биде победена со куршуми“, вели Ерекат заострувајќи ја критиката: „Како може претседателот на САД да каже дека сака да ја победи ИД и да донесе демократија и стабилност во регионот а истовремено да ја игнорира израелската окупација на Палестина? И да да го игнорира фактот дека израелските активности за населување продолжуваат?“ , вели Ерекат за ДВ. Барак Обама во неговиот говор во Каиро во 2009 година порача дека политиката на населување на Израел мора да се промени. Оттогаш се нема променето ништо. Напротив активностите за населување еврејски семејства на палестинските автономни области се зголемиле за повеќе 20 проценти.
Без промени во политиката на САД
Калед Елгинди смета дека е малку веројатно дека администрацијата на Обама ќе биде потресена од критиката од страна на Палестинците: „Американците имаат полни раце работа со Исламската држава и со Сирија. Тие нема да ги променат своите надворешно-политички приоритети, само затоа што Абас одржал говор“.
Намалениот интерес на Американците за израелско-палестинскиот конфликт не треба да се поистоветува со откажување од решението за две држави, вели Саеб Ерекат: „Во 1974 година ОН одлучија да има две држави- Израел и Палестина. Оние кои го поддржуваат ова решение за две држави, не би смееле да дозволат организација ан една од државите а на другата да ѝ го оневозможат истото“.
Немоќта на симболичната политика
Ерекат упатува на церемонијата на кревање на палестинското знаме, која се случи по говорот на Абас пред зградата на ОН во Њујорк. Таа ја покажува решителноста на Палестинците да застанат зад својата независност. за Калед Елгинди церемонијата повеќе е догаз за немоќта на Палестинците: „Кревањето на знамето е единственото нешто што му преостанува на Абас. Тој може да води само симболична политика, зашто не може да ги промени релните политички факти“.
Ако ништо не се промени, предупредува Ерекат, фрустрацијата кај Палестинците би можела да стигне до заканувачки височини. „Ако Израелците ја продолжат политиката на населување, тогаш израелската влада е целосно одговорна за последиците“, вели тој предупредувајќи: „ Очајот води кон очајнички постапки. Мораме да го запреме очајот.“