1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Авакси“ над небото на Авганистан?

Анке Хагедорн30 јули 2008

Меѓународните заштитни трупи за Авганистан - ИСАФ побараа од НАТО ангажман на извидувачки авиони „авакс“. Во Германија тоа е спорно и веднаш предизвика про и контра дебата.

„Авакс“снимен по полетувањето од базата во ГејленкирхенФотографија: AP

„Авакс“ се модифицирани авиони од типот Боинг 707, опремени со специјален радарски систем. Летаат на височина од 9 илјади метри, можат до 11 часови да останат непрекинато во воздух и да лоцираат други авиони на територија од преку 300 илјади квадратни километри. Во Авганистан „аваксите“ би требало да се користат пред се’ за координација на се’ поинтензивниот воздушен сообраќај.

„Цивилниот и воениот воздушен сообраќај во Авганистан значително се интензивира. Контингентот на НАТО стана многу поголем - од почетните 6000 во 2004-та година сега се 53 илјади луѓе, а тоа значи и многу повеќе воздушен сообраќај. Цивилен воздушен сообраќај во почетокот воопшто немаше, сега е прилично интензивен. Сиот тој сообраќај мора да се координира“, рече за Дојче Веле портпаролот на НАТО Џејмс Апатурај.


Во екипажите на „аваксите“ една третина се Германци


Апатурај уште укажа дека во Авганистан нема радарски систем на земја, како во Германија или другите европски држави, па таа комплексна задача мора да ја преземат „аваксите“.

НАТО има 17 такви авиони, сите стационирани во базата во Гајленкирхен кај Ахен во Германија. Екипажите се составени од претставници на 15 земји, една третина се Германци.

Затоа можниот ангажман во Авганистан предизвика немир во Германија. Претставникот за надворешна политика на социјалдемократската фракција во Бундестагот Герт Вајскирхен рече дека ќе мора точно да се провери дали таквиот ангажман е во согласност со уставот.


Опозицијата предупредува - Германија би завлегла во борбени дејствија


Либералите побараа веднаш да биде информиран парламентот и велат дека е „апсолутно неприфатливо“ што сојузната влада перманентно се обидува да „го држи во мрак“ Бундестагот.

Зелените предупредија дека би било екстремно тешко разграничувањето меѓу ИСАФ и антитерористичкиот ангажман Бесконечна слобода. „Речиси е неизбежно дека со ангажман на ’авакси’ индиректно посилно би учествувале во борбени дејствија“ - рече Винфрид Нахтвај, претставник на Зелените за одбранбени прашања.


ЦДУ: „аваксите“ ќе придонесат за зголемена безбедност


Недвосмислена подршка даде само надворешно-политичкиот претставник на демохристијаните Екарт фон Кледен: „Ангажманот на ’аваксите‘ ја зголемува безбедноста на нашите војници и на нашите сојузници, тоа ќе помогне и да се избегнат цивилни жртви, а ќе значи и подршка за цивилната обнова на земјата“.

Портпаролот на НАТО не кажа децидно дали „аваксите“ ќе бидат употребени и за воени цели. За тоа прво ќе се одржат консултации на Воената комисија на НАТО. Откако таа ќе реши за обемот и траењето на бараниот ангажман на „аваксите“, ќе бидат испратени и соодветни барања до земјите членки.

►◄




Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми