1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистанските гласачи се излагани

Флоријан Вајганд/ Превод: Жана Ацеска 22 септември 2014

Договорот на двајцата кандидати уште пред официјалното соопштување на резултатите од претседателските избори ја загрозува демократијата на Хиндукуш, смета Флoриjан Вајганд.

Фотографија: picture-alliance/AA

Авганистан и натаму изненадува со апсурдности. По шест месеци изборен процес со два круга на гласање, комплицирано пребројување, бескрајни разговори, телефонирања и блиц-посети на врвни меѓународни политичари, се стигна до резултат - постојат само победници, никој да не се почувствува навреден!?

Толку неверојатно, што дури и самите Авганистанци со неверување си ги тријат очите. Низ социјалните мрежи се шири гигантско незадоволство кон водечките елити на земјата. Мнозинството коментари одразуваат огорченост, фрустрираност, а кај многумина се шири фатализам. Расположението пред неколку месеци беше сосема поинакво: двапати, во април и во јуни, без оглед на опасноста по своите животи, Авганистанците излегоа на гласачките места. Сликите кои будат надеж го обиколија светот, се чинеше, демократијата на Хиндукуш е можна. Во првиот круг водеше Абдула Абдула, во вториот Ашраф Гани.

Но, тоа отвори прашања, станаа гласни обвинувањата за изборен фалсификат. Гласовите беа наново преброени под надзор на ОН. Истовремено двајцата кандидати се обидоа да се договорат за „влада на национално единство“. По долги натегања, соодветниот договор беше потпишан вчера (21.09.2014).

Идејата да се спрегнат двајцата кандидати заеднички во една влада се чини како Соломонски излез од ќорсокакот во кој беше доведена земјата. Но, ова решение е фатално за развојот на демократијата во Авганистан: гласачите добија впечаток дека нивните гласови не се важни, кога елитите на власта меѓу себе се договараат кој ќе владее со земјата.

Уште полошо: договорот беше јавно потпишан уште пред објавувањето на официјалните изборни резултати. Според него, Гани ќе биде претседател, Абдула ќе биде премиер. А само неколку часа подоцна, во јавноста излезе Изборната комисија и го прогласи Гани за претседател, но не наведе бројки од изборниот резултат, ниту официјален победник!? Тоа е беспримерно непочитување на избирачите, и дозволете ми-перверзна демократија.

По ваквото искуство со авганистанската варијанта на од Запад увезената демократија, не би било чудно луѓето на Хиндукушда се свртат кон други форми на владеење. Уште сега талибанците повторно добиваат зголемено влијание, успешно го користат вакуумот во власта настанат со изборниот процес. Фрустрираноста поради политичарите од Кабул им носи вода на нивната воденица. А натегањата од минатите месеци покажуваат дека и Абдула и Гани првенствено се заинтересирани за својата моќ. Со тоа е присутна и опасноста едниот или другиот да се потпре на поддршка на божјите воини.

Но, се‘уште постои надеж. Со новата влада можно е конечно свртување кон итните задачи: потпишувањето на Безбедносниот договор со САД, а речиси уште поважно, преговори околу ветувањата за поголема помош за кризната земја. На Гани му е итно потребна помошта ако сака да ги спроведе своите реформи, меѓу другото и во финансискиот сектор. Но, за таа цел сите членови на „владата на национално единство“ треба да работат заеднички, без оглед на етничкото потекло, сеедно дали се либерални или конзервативни. Ако тоа успее на подолг рок, би било досега беспримерно во авганистанската историја. Но, шансите не се големи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми