Авганистан: Завршија изборите засенети од насилство
18 септември 2010Претставник на независната изборна комисија соопшти дека до пладне излезноста на изборите била 32 проценти.
Инаку гласањето на изборите во Авганистан протече во сенка на насилството . Десетина луѓе ги загубија животите во нападите на талибанците врз избирачките места. Цел на напад во кој немало жртви бил и главниот штаб на НАТО во Кабул.
Властите во земјата тврдат дека изборите течат подобро од очекуваното. Станува збор за втори парламентарни избори во Авганистан по соборувањето на талибанскиот режим во земјата во 2001 година. Граѓаните од 2500 кандидати треба да изберат 249 членови на парламентот, наречен Џирга.
Тешко беше да се осигура безбедноста на избирачите
Талибанците и претходно најавуваат дека ќе сторат се за да го спречат нормалниот тек на изборите, а за свои главни цели ги определија силите за безбедност и лицата кои се директно вклучени во изборниот процес.
Најголемиот дел од жртвите досега се токму припадници на обезбедувањето на гласачки места и тоа на северот на земјата.
Северниот град Кундуз, на минатите избори, пред пет години, важеше за најбезбедно место во земјата. Но тоа веќе одамна не е случај, потврдува и гувернерот Мухамад Омар.
„Годинава дури не бевме ниту во состојба да им ја гарантираме безбедноста на гласачите. Делови од периферијата на градот се под целосна контрола на талибанците и Ал Каеда“, вели Омар.
Бројни неправилности
Низ целата земја, затворени останаа околу 1.200 избирачки места. Полицијата вели дека ризикот за граѓаните е преголем, откако талибанците се заканија дека ќе го нападнат секој кој ќе излезе на изборите.
Претставник на изборната комисија во земјата соопшти дека 92 проценти од избирачките места биле отворени и оцени дека излезноста е многу добра, иако одби да ја прецизира.
Во таква ситуација се чинат банални и неправилностите кои се појавија на изборите. Набљудувачите, чиј број е околу 7.500, јавија за бројни случаи на повеќекратно гласање.
Автор: БГ/СН/дпа/ртре
Редактор: Симе Недевски