1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Хаосот на аеродромот - симбол на војната во Авганистан

Васлат Хасрат-Назими
24 август 2021

Сликите од аеродромот во Кабул со денови предизвикуваат запрепастеност. Мисијата во Авганистан завршува како што почна - со големи обележја на неоколонијализмот, смета Васлат Хасрат-Назими.

Afghanistan Kabul Airport | Evakuierungen
Фотографија: LANCE CPL. NICHOLAS GUEVARA/UPI/imago images

Драматични сцени на аеродромот во Кабул. Американски војници викаат на Авганистанците кои им се приближуваат и бараат од нив да се повлечат. Еден ја турка толпата која притиска, додека друг нишани со оружје кон луѓето. Дел од Авганистанците држат пасоши високо над главите, меѓу нив и европски. Но, се чини дека тоа не ги интересира војниците. На видеа може да се види како американски војници пукаат во групи луѓе и се обидуваат со солзавец да ја повратат контролата врз хаосот. Жени врескаат и молат за помош, други паѓаат во бессознание. Деца згрозено гледаат во родителите, очигледно во состојба на шок.

Вакви слики деновиве има насекаде, како бројни мали знаци на опомена на телевизиските екрани и дисплеите од смартфоните: Видете што им се случува на оние кои не сакаат ислам од камено доба.  Во Германија и Европа - запрепастеност. Како само можеше да дојде до ваква драматична ситуација? Колку треба да си очаен, за да го подадеш само бебето над оградата со бодликава жица, без да бидеш и самиот со него?

Во бегалски камп се сите исти

Неколку часа откако Американците почнаа со првите летови за евакуација, аеродромот Кабул се претвори во неорганизиран бегалски камп. Тука не е важно кој каков пасош има или каква виза, дали е роден во Германија или во Авганистан. Тука, каде важи правилото на посилниот, човек е само едно - Авганистанец. И, со тоа - човек од втора класа. Така е и третиран. Социјалниот статус, степенот на образование, добрите контакти, богатството или обезбедениот престој - сето тоа веќе не е важно. Пропадна илузијата дека човек треба само добро да се потруди за да избега од војната и траумата и потоа да живее како човек од прва класа во Северна Америка или Европа.

Васлат Хасрат-НазимиФотографија: Fahim Farooq

Она што се случува е симбол на она за што се прават обиди да им се наметне на Авганистанците веќе 20 години - не, веќе 40 години - дека се беспомошен, очаен народ, кој треба да биде спасен од морално супериорната меѓународна заедница. Деновиве заробен помеѓу американските војници кои пукаат врз него од една страна и архаичните казни кои им се закануваат од талибанците од друга страна. На Авганистанците прво треба да им се признаат човековите права, па врз основа на тоа да им се обезбеди право на заштита и сигурност.

Неоколонијален поглед

Но, дури и меѓу луѓето од втора класа се прават разлики: невиното бебе, без дамки на сомневања за терор и исламизам, спасено од американски војници, е најомилената категорија. Такви деца сѐ уште може да се формираат и да се интегрираат на Запад. Секојдневно се појавуваат нови пропагандни слики на војници кои носат в раце неколкумесечни бебиња.

Толку е гротескно: неколку минути претходно родителите на овие деца биле малтретирани. Се смета дека само ако се одвојат од родителите, на децата може да им се понуди посакуваната иднина. Стара колонијална стратегија, веќе применета во САД и Канада кон индигените народи.

Екстремен контраст на „чистото“ дете е возрасниот, нецивилизиран Авганистанец: мажи кои вечно спроведуваат крвна одмазда. Западот особено нема милост кон авганистанскиот маж. Постојано се прашува зошто како бегалци доаѓаат речиси исклучиво мажи. Зошто не се спротивставуваат и без борба им се имаат предадено на талибанците?

Глобално инсценирање

Притоа, се превидува дека авганистанската армија не се предаде без борба, туку беше оставена на цедило од САД, НАТО и од сопствената влада. Се превидува дека бегаат пред сѐ мажи, зашто жените во Авганистан сами веќе не се осмелуваат да излезат ниту од дома. Исто така, радо под тепих се турка фактот дека бегство преку граница е многу опасно и напорно за жените. Наместо тоа, тапо се повторуваат ориентални и неоколонијални искривени слики. Или, во склад со констатацијата на индиско-американската книжевна теоретичарка Гајатри Чакраворти Спивак од 1988 година, глобално се размислува на овој начин: „Бели мажи спасуваат темнокожи жени од темнокожите мажи.“

Да се потсетиме: мисијата во Авганистан пред 20 години, покрај борбата против тероризмот, беше легитимирана токму со оваа намера - Западот сакаше да го ослободи Авганистан од талибанците, за да ги спаси авганистанските жени. Токму овие жени сега ѝ се препуштени повторно на нивната судбина. Само оние кои ќе успеат да влезат во авион кој лета кон Запад, имаат шанса да живеат како жени според западниот идеал. Сите останати, а особено авганистанските мажи, се препуштени сами на себе.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми