1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан може да биде сигурен - меѓународната заедница и во наредните години ќе биде на негова страна

2 април 2004

На дводневната конференција во Берлин таа се обврза финансиски да му помогне во обновата и да придонесе за создавање клима на безбедност, но побара од авганистанското раководство решителни напори за сузбивање на производството и трговијата со дрога.

Учесниците на kонференцијата
Учесниците на kонференцијатаФотографија: AP

Земјите-донатори сметаат дека е во полза на нивната сопствена безбедност ако Авганистан стане стабилна земја во која тероризмот веќе нема да може да најде база. Затоа тие дадоа уверување дека меѓународните трупи ИСАФ ќе останат во таа земја се’ додека самата не се оспособи да гарантира безбедност со сопствени војници и полиција. НАТО има намера да стационира пет натамошни таканаречени “Регионални тимови за обнова” надвор од главниот град Кабул, за да се зголеми влијанието на централната влада.

На конференцијата е ветена натамошна финансиска помош за обнова на Авганистан. “Впечатлив сигнал е што донаторите преземаа обврски од 8,2 милијарди долари за наредните три години. Тоа не само што е важно за обновата, туку истовремено ја покажува и долгорочната политичка, материјална, но и морална обврска на меѓународната заедница за обновата на Авганистан” – оцени германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер.

Но, 700-те делегати од 56 земји искажаа и јасни очекувања од авганистанската страна. Сузбивањето на производството на афион и на лабораториите за добивање дрога од него беше една од централните теми на конференцијата. Со потпишаниот договор Авганистан и шест соседни земји утврдија меѓусебна соработка во сузбивањето на дрогите.

“Одгледувањето дрога, регионалните властодршци и тероризмот се три фактори кои меѓусебно се поттикнуваат. Ако сакаме мир во Авганистан, мораме истовремено да ги сузбиваме сите три. Ние немаме избор – мораме да дејствуваме” – рече авганистанскиот претседател Хамид Карзаи. Авганистанска влада презеде и обврска да разоружа 100 илјади борци на локалните милиции – и тоа треба да ја зголеми безбедноста во земјата, неопходна и за парламентарните и претседателски избори, кои се префрлени од јуни за септември. Германија ќе издвои дополнителни два милиона евра за проблематичната регистрација на избирачите. “Оваа конференција јасно покажа: ќе биде направено се’ за да може изборите да се одржат како слободни и фер, во соодветно опкружување и во интерес на авганистанскиот народ”, нагласи Јошка Фишер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми