1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан не смее повторно да стане прибежиште за терористи

31 март 2004

Денеска и утре во Берлин политичари од околу 60 држави и меѓународни организации разговараат околу обновата на Авганистан, две ипол години по соборувањето на режимот на талибанците. Меѓу 700 учесници се и американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел, како и генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер. Германскиот канцелар Герхард Шредер и претседателот на Авганистан Хамид Карзаи ја отвораат ко

Средба Фишер-Карзаи вчера во Берлин
Средба Фишер-Карзаи вчера во БерлинФотографија: AP

нференцијата

Сегашнава е веќе трета донаторска конференција за Авганистан што ја организира Германија, која како што е веќе најавено, е подготвена во наредните 4 години да издвои вкупно 320 милиони евра, а покрај тоа и’ помага на азиската држава и со советници, како и со воено присуство. “Помошта што ја дава Германија, домаќинот на конференцијата, ќе го унапреди мировниот процес во Авганистан. Резултат ќе бидат поголема стабилност и легитимност, што пак нам ни овозможува по неколку месеци да одржиме општи избори – претседателски и парламентарни”, рече Карзаи, кој од вчера престојува во Берлин, по средбата со Шредер. Германскиот канцелар нагласи: “Сметам дека на земјата и’ претстои сосем тежок пат и не се решени сите проблеми, посебно не безбедносните, но предводена од претседателот Карзаи таа е на вистински пат. Тоа влијае врз нашата готовност и натаму да го поддржуваме вистинскиот пат во интерес на мирољубивиот развој во регионот и пошироко”.

Карзаи вели дека сака да постигне неговата земја во рок од десет години да се ослободи од зависноста од помошта на меѓународната заедница и за тоа ќе поднесе план на конференцијата. Потребите за наредните 7 години авганистанската влада ги проценува на 27 милијарди долари – конференцијата во најдобар случај може да донесе ветувања за една третина од тие средства. Помошта, во сета нејзина разновидност, за авганистанската влада е предуслов за стабилност, без што, пак, нема натамошен развој. Затоа, на конференцијата нема да стане збор само за парични донации, туку и за политичкиот развој, изборите предвидени за септември, како и за безбедноста во земјата во која само во февруари се убиени 11 соработници на хуманитани организации. Меѓународната заедница бара од авганистанската влада да го унапреди процесот на создавање стабилни државни структури, да го сузбива одгледувањето дроги, што се смета дека е извор на финансирање на тероризмот, како и да го потисне влијанието на локалните моќници.

На донаторската конференција во Токио минатата година беа ветени 4 ипол милијарди, но само дел од нив беа ставени на располагање. Германија се придржува кон своите ветувања, рече министерот за надворешни работи Јошка Фишер и навести дека на конференцијата во Берлин ќе се заложи и другите земји да покажат таков однос: “Централен и изразито важен пункт е сите да сфатат дека ние не само што мораме да ги исполниме нашите обврски, туку и да ги интензивираме. Сметам дека на тоа ќе мора да се обврзат најважните земји-донатори. Ние во тој поглед нема да се опуштиме. Зашто, економски напредок, изградба на инфраструктура од школски до здравствен систем, и отворање економска перспектива се решавачки фактори не само за иднината на Авганистанците, туку и во борбата против националниот и меѓународен тероризам” – рече Фишер во интервју за телевизија Дојче Веле. Авганистан и поддршката за негова обнова спаѓаат меѓу надворешно-политичките тежишта на владината политика, зашто таа земја не смее повторно да стане прибежиште за терористи, нагласи Фишер.

Германскиот ангажман го пофали американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел: благодарение и на напорите на Германија Авганистан направи толку голем напредок, пишува Пауел за весникот “Франкфуртер Алгемајне”.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми