1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ССНМ: Бараме итни визи за спас на авганистански новинари!

19 август 2021

Очекуваме од властите да ги стават на располагање сите ресурси за новинари од Авганистан кои сметаат дека им се загрозени слободата и животот, вели претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Afghanistan | Journalisten
За издавање визи за авганистанските новинари се упатени барања од новинарските здруженија во многу земји во светотФотографија: Wakil Kohsar/AFP/Getty Images

Тече иницијатива за евакуација на новинари и медиумски работници од Авганистан чии животи се во опасност, откако талибанците ја презедоа контролата во целата земја. Поддршката за евакуација на новинарите кои имаат потреба од помош ја координира Меѓународната федерација на новинари (IFJ) заедно со други организации на терен, а ги повика сите партнерски организации да лобираат кај нивните влади за вклучување во напорите за евакуација на новинари од Авганистан.

Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), вели дека веднаш одговориле на повикот на Меѓународната федерација на новинари.

„ССНМ, како партнерска организација на Меѓународната федерација на новинари, веднаш ја прифати инцијативата и се обрати до Владата, премиерот, претседателот на државата и министерот за надворешни работи. Известени се, и се чека одговор. Бараме од Владата на Република Северна Македонија да издаде итни визи, за да се спасат медиумски работници од Авганистан. Времето не е наша страна во оваа ситуација, затоа се надеваме дека нема да биде предоцна“, вели Беловски за ДВ.

Заштита на слободната мисла

Во моментов повеќе земји веќе се приклучиле на иницијативата за издавање на визи, со што помагаат да се спасат новинари чии животи се во опасност.

„Како дел од акцијата координирана од Меѓународната федерација на новинари, холандската Влада се согласи да им помогне на 15 авганистански медиумски работници. Владата на Обединетото Кралство е во преговори со Националната унија на новинари за бројот на новинари на кои би им помогнале. Пакистан досега спаси 311 медиумски работници, а Канада формираше специјална програма за помош“, објаснува претседателот на ССНМ.

Авганистанска новинарка води радио програма (20.04.2021)Фотографија: Mohammad Jan Aria/Imago Images

Списокот на авганистански новинари кои имаат потреба од помош го води Меѓународната федерација на новинари во соработка со професионални здруженија и синдикати на новинари од Авганистан.

„Солидарноста и хуманоста се основното градиво на нашата професија. Вистинско време е да покажеме дека оваа земја умее да ги почитува и недвосмислено да ги штити слободата на изразување и слободната мисла. Затоа очекуваме итна реакција од властите да ги стават на располагање сите ресурси и да понудат евакуација на секој новинар од Авганистан кој веќе не се чувствува безбедно и смета дека му се загрозени слободата и животот. Ако не успееме да го спасиме секој човечки живот, барем да се обидеме да ги браниме највисоките цивилизациски човекови придобивки“, повикува Беловски.

Оваа иницијатива не е поврзана со онаа на која се одзваа македонските власти и се обврзаа да примат 460 бегалци од Авганистан.

Повеќе:

Светот во дилема: Каков да биде односот кон талибанците?

По падот на Кабул, неминовен е силен бегалски бран и мигрантска криза

Авганистанските жени стравуваат од најлошото

Писма до владите

Целта на Меѓународната федерација на новинари е да се обезбедат визи, сместување и секаква друга помош на новинари и медиумски работници од Авганистан кои сакаат да ја напуштат земјата.

И други новинарски здруженија во регионот, Европа и пошироко испратија барања до националните влади, за да ја разгледаат можноста за издавање визи на нивни колеги од Авганистан. Такво барање до владата во Србија испрати НУНС (Независно здружение на новинарите во Србија), а истото досега го примија и властите во Хрватска, Шпанија, Португалија, Франција, Белгија, Германија, Холандија, Британија, Пакистан, Австралија, Нов Зеланд, САД...

„Вашингтон пост“, „Њујорк тајмс“ и „Волстрит журнал“ во заедничка изјава побараа од американскиот претседател Џо Бајден да преземе мерки и конкретни чекори за заштита на безбедноста на авганистанските медиумски работници кои работеа за американски медиумски организации, како и на нивните семејства.

„Во изминатите дваесет години, храбрите авганистански колеги работеа неуморно помагајќи им на 'Вашингтон пост', 'Њујорк тајмс' и 'Волстрит журнал' да споделат вести и информации од регионот со глобалната јавност. Сега, тие колеги и нивните семејства се заробени во Кабул, нивните животи се во опасност“, се вели во изјавата, и се бара недвосмислен сигнал дека властите во САД ќе застанат зад слободниот печат, преку итни мерки и конкретни чекори неопходни за заштита на нивната безбедност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми