Патниците чиј лет е откажан да добиваат пари, а не ваучери
1 октомври 2021Муштериите на шеснаесет авиокомпании, меѓу кои и Визер, Луфтханза, Рајанер, Еуровингс, Изиџет, Ер Франс и ТАП, во иднина ќе ги добиваат поедноставно назад своите пари за откажаните летови во време на корона-пандемијата. Освен тоа, авиокомпаниите сакаат и подобро да ги информираат своите гости за нивните права.
Европската комисија соопшти дека ваков договор е постигнат во дијалогот помеѓу институциите за заштита на потрошувачите, авиокомпаниите и Комисијата. Патниците на 16-те авиокомпании во случаите со сторнирани летови ќе треба да ги добиваат парите назад во рок од седум дена, како што е и предвидено со прописите на ЕУ за заштита на потрошувачите.
„Ова е одлучувачки за да се воспостави повторно довербата на потрошувачите“, изјави еврокомесарката надлежна за сообраќај, Адина Валеан.
Повеќе:
Коронавирус: Како повторно да се лета?
До кога ќе има евтини авионски летови?
Многу авиокомпании на почетокот на пандемијата масовно ги кршеа правата на своите муштерии. На пример, патниците, меѓу другото, беа присилувани да прифаќаат ваучери за откажаните летови, иако за тоа требало да биде дадено парично обесштетување. Сега повеќето авиокомпании се согласија да ги исплатат ваучерите кои досега не се искористени. Националните сообраќајни власти ќе треба уште да одлучат како да се постапува во случаи во кои ваучерите не се исплатени.