1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионски несреќи на Куба и во Пакистан

5 ноември 2010

Кубански авион, кој летал од Сантјаго де Куба за Хавана со 68 патници, од кои седум членови на екипажот, се урнал синоќа во централна Куба. Нема преживеани. Во авионска несреќа во Пакистан загинаа пак 21 лице.

Потресни слики по падот на авионот во КубаФотографија: AP

Авион на авиокомпанијата „Аерокарибиан“, кој летал од Сантјаго де Куба за Хавана со 68 патници од кои седум членови на екипажот, се урнал синоќа во централна Куба. Кубанските власти за цивилно воздухопловство соопштија дека нема преживеани.

Меѓу загинатите има дваесет и осум странски државјани. Седумнаесет од жртвите се од земји во Латинска Америка, деветмина се граѓани на европски земји, меѓу нив двајца Германци.

Авионот АТР-72 се урнал во близина на градот Гуасимал, 355 километри источно од Хавана, во централната провинција Санкти Спиритус.

Спасувачките екипи употребија булдожери за да го пробијат патот до местото на несреќата во реонот на гратчето Гуасимал.

Засега не се познати причините, но кусо време пред несреќата, пилотите испратиле повик за помош, а веднаш потоа го загубиле контактот со контролата на летањето.

Мал авион се урна кај Карачи

Мал авион со 21 патник се урна по полетувањето од аеродромот во јужниот пакистански град Карачи. Властите соопштија дека нема преживеани во несреќата. Патниците, претежно вработени во американска нафтена компанија, требало да отпатуваат до нафтена платформа во јужниот дел од Пакистан.

Според портпарол на пакистанската Агенција за цивилно воздухопловство, авионот се урнал поради техничка неисправност. Пилотот на авионот модел Цесна, ја известил контролата на летот 30 секунди по полетувањето дека откажал моторот, по што добил дозвола да се врати назад и тогаш авионот се урнал. Нема податоци за националноста на патниците.

Автор: ЖА/ ГЧ/ миа/ ртре/ дпа

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми