1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија - видео со драматични последици

Отмар Лаходински
21 мај 2019

Како тајно снимениот разговор на водечките политичари на Слободарската партија со наводна внука на руски олигарх ја втурна Австрија во вистинска државна криза.

Österreich Wien PK Kanzler Kurz und Präsident Van der Bellen planen Neuwahlen
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Во текот на само еден викенд, внатрешнополитичката ситуација во Австрија до темел се измени. Сојузниот канцелар Себастијан Курц од Австриската народна партија (ОВП) ѝ стави крај на коалицијата со Слободарската партија на Австрија (ФПО), со која беше на власт од крајот на 2017 година. Во септември ќе има нови избори.

Причина беше политичката бомба во форма на видео снимка, која во петокот вечерта истовремено на интернет ја објавија „Зиддојче цајтунг“ и „Шпигел“. Во вила на Ибица во јули 2017 година со скриена камера се снимени шефот на Слободарската партија Хајнц-Кристијан Штрахе, подоцна вицеканцелар на Австрија, и тогашниот градоначалник на Виена од Слободарската партија, Јохан Гуденус, подоцна шеф на пратеничката група на партијата во австрискиот парламент. Кој ја поставил стапицата, досега не е познато. Двајцата политичари разговараат со наводна внука на руски олигарх во врска со евентуални инвестиции во Австрија во милионски суми, тајни партиски донации, купување на најголемиот дневен весник на Австрија и околу тендерите со кои Слободарската партија би ѝ се реванширала на Русинката со летонски пасош за нејзината поддршка.

Средбата, на која обилно течат водка и енергетски пијалоци, трае неколку часа. Тајно снимените разговори ги разоткриваат двајцата како арогантни и коруптивни политичари, кои за посакуваните руски донации се подготвени на секакви можни, па и илегални активности. Три месеци подоцна се одржаа парламентраните избори, по кои произлезе политичка коалиција на ОВП како партија со најголем број гласови и Слободарската партија.

По објавувањето на снимката, Штрахе и неговиот пријател Гуденус поднесоа оставки на сите политички функции.

32-годишниот австриски канцелар Себастијан Курц неодамна вети длабоки реформи во државата. Така, како престижен проект е најавено фузионирање на досегашните 21 служба за социјално осигурување во пет. Пред само три недели беше презентирана даночна реформа која во две етапи, почнувајќи од 2020 година треба да ги намали даноците на плати и на приходи. 

Снимениот разговор на Хајнц-Кристијан Штрахе предизвика вистинска лавинаФотографија: Imago Images/photonews.at

Слободарската партија во ресорите кои ги имаше, меѓу кои министерствата за надворешни, за внатрешни работи, за одбрана, инфраструктура и социјала, имаше поставено партиски членови на високи позиции. Министерот за внатрешни работи Херберт Кикл пожнеа жестока критика од опозицијата и медиумите кога на почетокот на 2018 година изврши полициска рација во австриската тајна служба, претрес на канцеларијата на Службата за заштита на уставот и сузбивање на криминалот БВТ и го смени нејзиниот шеф. Кикл ги заостри правилата за барателите на азил и мигрантите, драстично скратувајќи ја паричната помош за нив и поврзувајќи ја со познавање на германскиот јазик. Прифатните центри за апликантите за азил тој ги преименува во „центри за депортација“, што дури и виенскиот кардинал Кристоф Шенборн го критикуваше као „неподносливо“.

Слободарската партија во почетокот очигледно тешко се снаоѓаше со својата државна улога. Постојано искрснуваа проблеми со соочувањето со историјата и германско-национални организации. Се појавуваа поетски книги со недозволени нацистички текстови. Заменикот градоначалник од Браунау, родниот град на Адолф Хитлер, во песните ги споредуваше мигрантите со стаорци. Излегоа на виделина врски на Слободарската партија со т.н. „идентитарци“, група која добила донација од атентаторот врз џамии во Крајстчрч во Нов Зеланд.

Повеќе: 

Австриските десничари го покажаа вистинското лице

Австрија: Штрахе си оди, владата останува?

Скандалот околу Штрахе ја тресе австриската влада

Во кампањата за изборите за Европскиот парламент, ФПО зазеде јасен антиевропски курс и се поврза со Матео Салвини, шефот на десничарските популисти од италијанската Лега, шефицата на француските десничари Марин Ле Пен, холандскиот антиисламист Герт Вилдерс и други десничарски партии, во намера да формираат десничарска пратеничка група. Видеото од Ибица за десничарскиот табор претставува сега товар.

Канцеларот Курц сега калкулира со изборна победа на парламентраните избори, слична на онаа од 2002 година, кога неговиот претходник на функцијата Волфганг Шисел целосно профитираше од самоуништувањето на Слободарската партија преку нејзиниот тогашен шеф Јерг Хајдер. 

Но, овојпат Австрија се наоѓа во вистинска државна криза, зашто составот на привремената влада до изборите, што се случува првпат во Втората Република, е целосно отворено прашање. Вчера поднесоа оставки сите министри од ФПО, солидаризирајќи се со министерот за внатрешни работи Херберт Кикл, кого канцеларот Курц најави да го разреши од должноста со помош на претседателот Александер Ван дер Белен.

Курц најави испразнетите министерски места да ги замени со експерти. Но, се насетува дека оваа влада нема да има мнозинство во парламентот и не би го преживеала планираното гласање за доверба. Во таков случај сојузниот претседател би можел да им додели мандат на други партиски шефови за формирање преодна влада.

Социјалдемократите се настроени кон одмазда поради нивното прогонство во опозиција, каде со новата партиска лидерка Памела Ренди-Вагнер уште не можат вистински да се снајдат. Зелените, кои во 2017 година не влегоа во парламентот, се надеваат сега на повторен влез.

Засега е сигурна само една последица: внатрешнополитичкиот распоред на силите во Австрија со видео снимката од Ибица претрпе комплетна промена.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми