1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија: кампања против муслиманите

Емир Нумановиќ
14 октомври 2017

Предизборниот период во Австрија, речиси традиционално, е период во кој доселениците се во центарот на вниманието на јавноста. Исклучок не се ни денешните парламентарни избори на сојузно ниво

Wahlkampf in Österreich, Plakat
Фотографија: DW/E.Numanovic

Целата кампања за парламентарните избори во Австрија беше фокусирана на доселениците од исламска вера, а паролите на предизборните плакати ним не им ветуваат ништо добро: заштита на границите, запирање на приливот на доселеници, запирање на политичкиот ислам, заштита на западните вредности- гласат само дел од нив. Со вакви пароли досега се служеше австриската десница, но овојпат во радикалните ставови во однос на доселениците и муслиманите се придружи и Австриската народна партија (ОВП). Тоа е особено забележливо во настапите на министерот за надворешни работи Себастијан Курц, кандидат за премиер на Народната партија на изборите.
Дел од граѓаните се изненадени од пресвртот во линијата на конзервативците. Мугдим Ќатиќ, претседател на виенското здружение „Босна и Херцеговина“, кое е активно во австрискиот политички живот, вели дека за тоа постои рационално и едноставно објаснување.
„Себастијан Курц порано говореше дека Исламот е дел од Австрија, кога доселениците беа важен дел од австриското општество кои му помагаа на стопанството, а сега тој се бори против наводниот политички ислам, сега би затворал исламски градинки и џамии, ќе ги штити границите итн. Тоа е чиста калкулација, бидејќи ОВП на последните избори мина многу лошо и сега се работи на тоа да се придобијат барем 10 проценти од десничарските гласови, за да се остане на власт. Тој сега им се обраќа исклучиво на десничарите“, вели ќатиќ.

Валкана кампања

Ваквите калкулации, сепак, многумина не оставаат рамнодушни. Исламската заедница на Австрија остро реагираше на анти-исламската кампања. „Се работи за тоа да се денунцираат сите исламски институции и да се осомничи нивната образовна и педагошка работа. Политиката кон муслиманите во земјата во моментов води една валкана кампања“, соопшти заедницата.
Реакцијата се случи откако Курц во Виена претстави студија во која се наведува дека секоја трета џамија во Виена активно работи против интеграцијата на оние кои се молат во џамиите. Она што е интересно е дека од 400 џамии во Виена, студијата опфатила само 16.
Но, настапите на министерот за надворешни работи и човекот кој во владата беше задолжен за интеграцијата, не ги иритираат само доселениците и муслиманите. Речиси еднаков немир неговата политика создава и меѓу самите десничари. Тие сметаат дека Курц ги користи нивните теми и го обвинуваат дека многу задоцнил во препознавањето на нивната важност за австриското општество. Па така, речиси целата кампања на радикалната десница се состои од напади врз Курц во која тој се напаѓа дека „доцна се сетил“ и дека реагирал дури откако мигрантите и бегалците „ја преплавиле земјата“.
„Како е можно ОВП токму сега да ги открие сите важни теми- доселеници, исламизација, бегалци, исламски градинки, интеграција? Се прашувам што правевте сето ова време додека бевте министер за интеграции“, му порача лидерот на десните радикали Хајнц Кристијан Штрахе на Курц за време на една ТВ дебата.

Мугдим ЌатиќФотографија: DW/E.Numanovic

Стариот пријател Додик

Додека трае битката десно од центарот, се чини дека десните радикали сепак имаат ексклузивитет кога е една тема во прашање: соработката со претседателот на Република Српска во БиХ, Милорад Додик. За време на неодамнешната посета на Виена, Додик ги повика Србите во Австрија да гласаат за десните радикали. Штрахе му парираше на Додик со барање босанските Срби да добијат право на самоопределување во БиХ.
Сепак, Ќатиќ смета дека гласачите нема да наседнат на ваквите трикови.
„Штрахе се обидува да остави впечаток дека му е важна српската заедница во Виена и Австрија. Тој носи бројаници и игра оро на концерти на народна музика. Тоа е само магла и песок во очите на гласачите. Имам чувство дека луѓето нема да наседнат на евтини трикови“, вели Ќатиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми