Австрија осамена во ЕУ околу преговорите со Турција
14 декември 2016
И покрај тоа што ја нема поддршката од министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ, шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц не се согласува со оценката дека е изолиран. Успех е што поради несогласувањето на Австрија не се донесени официјални заклучоци на Советот на ЕУ за состојбата со преговорите за приклучување на Турција и другите кандидати кон Унијата, изјави Курц вчеравечер во Брисел. Покрај тоа, „еднаш засекогаш стана јасно дека нема да се отвораат нови поглавја во преговорите“, нагласи Курц. За отворање, имено, е неопходна едногласнсот на ЕУ, а Австрија се противи.
Дипломат на ЕУ блокадата на Австрија ја оцени како несреќна, затоа што на тој начин не е официјално признат ниту напредокот на кандидатите за ЕУ од Западниот Балкан.
По заклучокот на ЕУ за запирање на проширувањето на преговорите за приклучување со Турција, засега е непознато како ќе реагира Анкара. На самитот на Унијата утре, шефовите на држави или влади на ЕУ имаат намера, покрај останатото, да разговараат и за односот кон Турција, па не е исклучено Турција да реагира веќе претходно.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во ноември веќе ѝ се закани на ЕУ до отворање на границата за бегалците, откако Европскиот Парламент побара „привремено замрзнување“ на преговорите со Анкара за приклучување.