1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија: Само етапна победа над популизмот

5 декември 2016

Дури и по поразот на Норберт Хофер на претседателските избори, неговата Слободарска партија и натаму цврсто во фокус ја има канцеларската функција во Австрија.

Österreich Präsidenschaftswahlen Wahlplakate
Фотографија: Imago/Eibner

Претседателскиот кандидат на десно-популистичката Слободарска парија претрпе пораз само затоа што не можеше да ги мобилизира сите приврзеници. Причина за тоа може да биде фактот дека протестот во австриската провинција по 11-месечна изборна кампања едноставно загуби на сила. И истовремено причина може да биде и тоа што стравот од маршот на „Слободарите“, ги натера избирачите на поренешниот претседател на Зелените, Александер Ван дер Белен, да излезат на изборните места. Но во анкетите Слободарската партија и натаму има популарност од 35 проценти и со тоа е далеку најсилна политичка сила во Виена.

Крај за големата коалиција

Неодамна затоа дури и социјалдемократскиот канцелар Кристијан Керн направи чекор кон отворање кон валканата десница. Тој имено одржа разговор со главниот популист и претседател на Слободарската партија, Хајнц Кристијан Штрахе, кој во живо беше пренесуван на радио. Политички големата владина коалиција во Виена составена од Социјалдемокрската и Народната Партија на Австрија е длабоко поделена и веројатно близу до крајот. Нови импулси за итно неопходните реформи на економскиот и социјален систен во Австрија, која страда од висока невработеност, не може да се очекуваат.

Франк ХофманФотографија: DW

Во Австрија може добро да се набљудува што се случува кога партнерите во големата коалиција кои меѓусебно се блокираат, од нужда постојано вината ја бараат кај „далечниот Брисел“ и притоа премолчуваат дека тие таму имаат значајна улога. Одмерено според нејзината големина, Австрија со нејзините осум милиони жители припаѓа кон политички највлијателните држави во ЕУ. Меѓутоа дома виенските политичари не сакаат да чујат за тоа, кога треба да ја прикријат својата неспособност. Кога на пример на луѓето мора да им објаснат, дека многу нешта, кои некогаш беа можни во Австрија, денес се речиси неспроведливи. Вообичаената 14-та месечна плата во Австрија е дел од таквите примери.

Наспроти тоа, Слободарската партија одамна не ги претставувала своите ветувања за спас толку самоуверено како сега: со оглед на тоа што економски со традиционалните партнери на Запад во моментов ништо не напредува, во иднина треба погледот да се заврти кон Исток. Така, заменикот градоначалник на Виена од редовите на Слободарската партија со економска делегација го посети белорускиот главен град Минск - како тоа да ќе помогне нешто. На населението кое жали по поранешниот статус на Австрија на велесила, му се пренесува дека земјата мора да оди исклучиво по националистичкиот пат на државите, поранешни територии на Хабсбуршката монархија, или на нивните соседи од Западен Балкан, за и самата да си ја пронајде старата големина.

Подбуцнувачи на стариот национализам

Пред националистичките српски приврзеници, претседателот на Слободарската партија изјавува дека поранешната српска провинција Косово е срцето на Србија. Нему му е сѐ едно што населението таму се состои од 95 проценти Албанци, кои одамна не сакаат ни да чујат за тоа. И поддршката на Слободарската партија за сепаратизмот на босанските Срби, наспроти секој европски резон и стабилноста во регионот, кажува сѐ. Од Виена контра Европа ќе доаѓа уште многу зло, ако на Слободарската партија ѝ успее да се дограби до канцеларската функција во Австрија.

Демократските сили во Виена мора да го спречат тоа: на Австрија ѝ се потребни нови владејачки опции настрана од големата коалиција. Можност за тоа постои во повеќепартиска коалиција меѓу либералните Неос, Зелените, граѓанската Народна партија и социјалдемократите. Доколку, но само доколку една од двете партии од големата коалиција храбро се заложат за тоа, стојат јасно на своите ставови и опстојат на својата линија за време на изборната кампања.

Поранешниот претседател на австриските Зелени и независен кандидат Александер ван дер Белен го демонстрираше тоа: „Потребна ни е Европа“, велеше тој дури и кога нападите од страна на Слободарската партија беа најсилни. Сега убедениот Европеец Александер ван дер Белен е идниот претседател на Австрија и како таков тој мора да варди Австрија да ги исполнува своите меѓународни обврски врз основа на конвенциите за човекови права кон бегалците на кои им е потребна помош.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми