1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија тоне во корупциски скандали

19 ноември 2011

Австрија ја тресат корупциски скандали, а обвинувањата водат дури и до актуелниот премиер Вернер Фајман. Она што во други европски земји е строго забрането и казниво, во Австрија се’ уште се толерира.

Големи зделки за големи париФотографија: fotolia/granata68

Во Виена луѓето сакаат да уживаат во сјајот на славното кралство и раскошот, а виенскиот валцер го обожува и слави целиот свет. Но, во моментов се´ се врти само околу една работа. Имено, Австрија тоне во корупциски афери без преседан. Борецот против корупција Франц Фидлер од „Транспаренси интернешенл“ веќе одамна го следи ваквиот тренд во земјата. Тој знае дека сомнителните луѓе седат најгоре во политиката – почнувајќи од сојузниот канцелар Вернер Фајман.

„На канцеларот му се префрла дека објавувал огласи во некои весници на сметка на даночните обврзници. Негова намера била да ја подобри климата и комуникацијата со овие весници за тие поповолно да известуваат за него и владата“, вели Фидлер.

Канцеларот Фејман се брани и вели дека обвинувањата се претерани. Но, некои тврдат дека тој за таа цел потрошил неколку милиони. Можеби социјалдемократот Фејман е само ситна риба на овој план. Имено, во кабинетот на неговиот претходник, Волфганг Шисел, трошоците биле уште поголеми. Штетата се проценува дури во милијарди. Еден таков пример е аферата „Бувог“. Државата продаде илјадници станови, а тендерот за тоа го доби фирмата „Имофинанц“. Наводно вработените на оваа фирма добиле информација од владини кругови за понудите на конкурентите на тендерот и на тој начин поднеле најдобра понуда: „Со оглед на тоа што многумина не знаеа за понудата на фирмата-конкурент, сомнежот падна врз еден мал круг луѓе, во кој се вбројува и министерот за финансии“, објаснува Фидлер.

Австрија имаме многу лежерен однос кон корупцијата

Австрискиот премиер Вернер ФајманФотографија: AP

Станува збор за министерот за финансии Грасер кој беше дел од владата на претходниот премиер Шисел. Тој, се разбира, ги негира обвинувања дека ја открил понудата на конкурентите на фирмата „Имофинанц“. Експертите тврдат дека информацијата одела преку кумот на министерот Грасер, Валтер Мајшбергер. Тој ја информирал фирмата „Имофинанц“, а за ваквата услуга добил и парична награда во милионски износ. Мајшбергер наводно не се сеќава од каде и како стигнала информацијата до него. „Ние во Австрија имаме многу лежерен однос кон корупцијата. Многу од она што во другите европски држави е строго забрането и казниво, кај нас се´ уште се толерира - без разлика дали тоа се случува со замижување пред некоректните постапки или пак дури со свесна намера, имено со знаење дека нешто не е коректно, но сепак без преземање конкретни чекори против тоа.”

Долгогодишниот непотизам и корупцијата во државата сега доведоа до проблеми со имиџот. Австриските граѓани сметаат дека речиси сите политичари во земјата се подготвени да даваат тајни информации со цел лично да се збогатат.

„Воопшто не им верувам на политичарите, затоа никогаш не излегувам на избори и тоа така ќе остане”, вели една жена.

„Тоа се луѓе кои мислат повеќе на себе и своите интереси и затоа на тоа поле има негативни појави”, се жали еден маж.

„Многу површно се однесуваме кон проблемот. Тоа не се мали, туку големи деликти и најчесто се работи за големи суми пари“, вели еден друг маж.

Постепено излегува се' на виделина

Политичарите се корумпираниФотографија: Picture-Alliance/dpa

Еден од лобистите откри некои работи, а потоа се огласија и медиумите и така почнаа да се откриваат една по друга афера. Сега треба и австрискиот парламентот да се занимава со корумпираната Република. Но, дали и владата ќе соработува во расветлувањето на аферите е големо прашање. Политичарката од редовите на зелените Габриела Мозер, која раководи со истражната комисија, има лошо искуство: „Јас се надевам и апелирам до министерствата да ни ги достават документите што е можно побрзо и тоа во неизменета форма и со што е можно повеќе детали“, вели Мозер.

Работата што ја чека Комисијата е огромна. Таа треба да расветли најмалку шест корупциски скандали. А, правосудството работи бавно. „Мора многу побрзо да се работи, бидејќи постапките траат со години. Тоа, пак, води до незадоволство кај народот. Имено, се добива впечаток дека виновниците ќе се извлечат некако и работата ќе се прикрие, а тоа би било погрешно.“

На Австрија и’ е неопходен нов почеток. Доколку земјата сака да го спречи непотизмот, демократијата мора да се постави на сосема нови темели.

Автор: Армин Виздорф / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми