1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е Шаленберг?

Дијана Рошчиќ | АРД
11 октомври 2021

Александер Шаленберг денеска е назначен за канцелар на Австрија. Кој е новиот шеф на владата во Виена?

Wien Vereidigung Bundeskanzler Schallenberg
Фотографија: Lisa Leutner/AP/picture alliance

Александер Шаленберг последниве години изгради неверојатна кариера. Како што има изјавено, никогаш не му било дел од животниот план да биде министер за надворешни работи – а сега шефот на дипломатијата стана 16. канцелар на Република Австрија.

Шаленберг во неделата разговараше со сојузниот претседател на Австрија, Александер ван дер Белен. Претходно само кусо изјави: „Ова е изненадување за сите нас. Како што е редот, сега ќе одам кај Сојузниот претседател, а потоа ќе разговараме за сѐ останато. Ве молам за разбирање. Ќе дадам изјава откако ќе дадам заклетва.“

Долгогодишен соработник на Курц

Шаленберг израснал како син на дипломати во Индија, Шпанија и Франција, а подоцна студирал право. Пет години го водеше правниот оддел на австриското претставништво во ЕУ во Брисел. По враќањето во Австрија, Шаленберг стана портпарол на Министерството за надворешни работи. Додека ја извршува оваа функција, Шаленберг исто така работи и за министерот за надворешни работи Себастијан Курц, кој го унапреди во „шеф на стратешко планирање за надворешна политика.“ Во 2017 година Курц исто така го презема Шаленберг во канцеларскиот кабинет, каде кусо време го води одделот за стратегија и планирање.

Повеќе: Шаленберг: Апсурдно е во ЕУ да се трга настрана земја за пример како С. Македонија

Стана министер благодарение на Ибица-скандалот

Следниот скок во кариерата Шаленберг го добива благодарение наскандалот на Ибица. По падот на владата на ОВП-ФПО, Шаленберг станува министер за надворешни работи во преодната влада на сојузната канцеларка Бригите Бирлајн. Останува на ова место и по повторната победа на Курц на изборите есента 2019 година.

Во саботата (9.10) се случи изненадување – по оставката на Себастијан Курц тој  станува нов канцелар. „Ова е крајно предизвикувачка задача и време,“ вели тој. „Ова не е лесно никому од нас, но сметам дека покажуваме неверојатно ниво на одговорност за оваа земја.“

Претседателот Александер ван дер Белен (д.) му честита на новиот канцелар Александер ШаленбергФотографија: Georg Hochmuth/APA/dpa/picture alliance

Во целост на линија со канцеларот Курц

Овој дипломат од кариера ретко се мешал во секојдневната политика. Но и во таков случај, тоа секогаш било во целост на линија со Себастијан Курц, кој има голема доверба во Шаленберг. На пример, за миграциските прашања – во септември 2020 година тој на телевизија ОРФ го „зацементира“ австрискиот став дека нема да прифатат ниту едно лице од запалениот бегалски камп Морија, со зборовите: „Мислам дека оваа дебата мора да ја водиме без емоции, рационално. И не треба секогаш кога ќе се појави некој брод на брегот на Европа, или кога ќе се случи некој инцидент во бегалски камп, па дури и во ваков итен случај, веднаш да се врши распределба. Ве молам, па тоа не може да биде решение.“

Шаленберг подоцна се покаја за изборот на овие зборови, но не го смени ставот: „Јасно сум уверен во тоа и воопшто не се работи за популизам.“

„Имаме уште многу работа“

Сега Шаленберг ќе ја води владата во која учествуваат и Зелените, кои се екстремно оддалечени од ставот на ОВП по прашањето на миграција. По неодамнешните пресврти поврзани со Себастијан Курц, расположението меѓу коалициските партнери најверојатно дополнително ќе се залади.

Во едно телевизиско интервју на крајот од септември Шаленберг ова го прокоментира многу дипломатски: „Коалицијата ја сочинуваат две сосема различни партии. Ова не е брак од љубов. Понекогаш се запаѓа во ќорсокак, но соработката всушност многу добро ни функционира и нѐ чека уште многу работа во следните неколку години.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми