1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автогол на Сингапур со кампањата против обложување

Б. Георгиевски/ртр9 јули 2014

Наместо поука за опасноста од обложувањето, кампањата на властите во Сингапур се заканува да прерасне во маркетиншка катастрофа, откако во неа беше сугерирано дека Германија ќе го освои СП во Бразил

Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Властите во Сингапур си постигнаа автогол со кампањата против обложувањето за време на Светското првенство во фудбал. На рекламата се појавува младо момче кое им кажува на своите другари дека неговиот татко ја вложил целата заштеда на победа на Германија на првенството. Видеото се емитува секој ден за време на одржувањето на СП во Бразил на локалните телевизии.

По полуфиналната победа на Германија над Бразил од 7:1, видеото од кампањата стана хит на социјалните мрежи, но предизвика и бројни критики и потсмев на сметка на властите.

Брзи во реакциите беа и владините министри.

„Изгледа дека таткото на момчето кој ја вложил целата заштеда на победа на Германија, ќе се смее цел пат до банката“, се шегуваше министерот за труд Тан Чуан-Јин на својата Фејсбук страница.

„Германија го совлада Бразил со 7:1! Бразил ќе треба да открие каде им тргна наопаку, а јас ќе морам да го пронајдам оној кој го пишуваше текстот за кампањата“, порача министерот за трговија Тео Сер Лук, во друг пост.

Германија како рационален избор

Националниот совет за проблемот со коцкањето во Сингапур соопшти дека рекламата е добар потсетник за можните катастрофални ефекти од обложувањето и неговата цел не била да се навлегува во „возбудата“ на Светското првенство.

Казино во СингапурФотографија: picture alliance/dpa

„Изборот на Германија внесе една доза на реализам во нашата порака, затоа што никој не би се обложил на потенцијално лош тим“, изјави портпарол на советот. „Без разлика дали ќе победи или ќе загуби, опасностите од проблемот со коцкањето, и потенцијалните страв и болка низ кои минуваат најблиските, остануваат непроменети“.

Кампањата се случува и во период кога неколкумина Сингапурци се обвинети за вмешаност за еден од најголемите скандали со местење фудбалски натпревари. Истрагата на европските полиции откри дека централата на глобалната криминална мрежа која се занимава со лажирање фудбалски мечеви се наоѓа токму во Сингапур.

Коцкањето е толку присутно во Сингапур што тамошната Влада формираше и посебно анти-коцкарско тело во 2005 година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми