1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Автомобилска 2022: Ковид, криза со чипови и неизвесност

Клаус Улрих
8 јануари 2022

Ќе продолжи ли кризата во автомобилската индустрија и годинава? Поради коронавирусот постои голема неизвесност. Производните процеси се прекинати, фабриките затворени, а владее и недостататок на чипови.

Продажбата на нови автомобили заглавена во пандемијата
Продажбата на нови автомобили заглавена во пандемијатаФотографија: Jochen Tack/picture alliance

По повеќе од три децении во кои производството на автомобилската индустрија ја надминуваше побарувачката, за време на пандемијата на коронавирусот ситуацијата е сосема обратна. На производителите им недостигаат чипови, има проблеми во синџирите за снабдување, а цените на суровините растат. Производството заглавува, купувачите на возила веќе не можат да сметаат на големи попусти, а нарачаните автомобили ги чекаат многу подолго од претходно.

„Сеопфатно, опоравувањето веројатно ќе се случи дури во 2023 година“, оценува Фердинанд Дуденхефер, стручњак за автомобилска индустрија од германскиот Центар за автомобилски истражувања (ЦАР), во една актуелна студија.

Во 2019 година, односно една година пред корона-кризата, во Германија беа продадени 3,6 милиони автомобили, а веќе во 2020 година тој број опадна на 2,9 милиони. Според прогнозите на ЦАР, во 2021 може да се очекува дека ќе бидат продадени 2,69 милиони. Дуденхефер очекува дека во првата половина од  годинава, германските прозведувачи и натаму ќе се борат со последици поради недостаток на чипови, но продажбата сепак би требало да порасне и тоа на околу 3,01 милиони автомобили.

Враќање на нивото пред пандемијата, односно целосно закрепнување на автомобилскиот пазар во Германија, Дуденхефер очекува да се случи дури во 2023 година. Дури тогаш, вели, може да се очекува дека снабдувањето на пазарот ќе се стабилизира.

Според неговите наводи, на крајот на 2023 година просечната старост на возилата регистрирани во Германија ќе биде над 10 години, а тоа би можело да доведе до „подмладување“ на возниот парк, односно до зголемено купување на нови автомобили. Овој процес на обнова, пред сѐ, го постигнуваат електричните автомобили, кои се сѐ побарана стока и на германскиот пазар.

Раст на автопазарите во 2021 година

Индија пред Германија

Дуденхефер потсетува на уште еден феномен: по 2020 година, во која доминираше коронавирусот, проблемите и прекините во производството во автомобилската индустрија, која е клучна за германскиот БДП, влијаеја и на забавување на растот во првите два квартала од 2021 година. Важните пазари како САД, Русија и Бразил, во истиот период забележаа раст на прометот. „Последица на тоа е распределбата во автомобилскиот пазар на глобално ниво. Во 2021 година, за првпат во Индија се продадени повеќе автомобили отколку во Германија“, вели тој. А и во 2022 година, според прогнозите, Индија ќе биде пред Германија.

Анализата на податоците на Меѓународниот монетарен фонд покажува дека во Индија може да се смета со големи стапки на раст на автомобилскиот пазар. Меѓу земјите на БРИК (Бразил, Русија, Индија, Кина), токму Индија, благодарение на засилената индустријализација, би можела да се позиционира веднаш зад Кина. Ни Бразил, ни Русија годинава не можат да сметаат на значителен економски раст.

Лесно закрепнување на пазарот на автомобили

Во 2019-тата, годината пред пандемијата, на светскиот пазар беа продадени околу 80 милиони нови возила. Во 2020 година продажбата опадна за над 14 отсто, на 68,6 милиони. Според прогнозите на ЦАР, во 2021 година може да се очекува благ раст на продажбата на 70,5 милиони, а во 2022 година дури и мал скок, на 75,2 милиони. Ни во 2023 година, кога се предвидува продажба од 78,8 милиони автомобили, нема да се достигне нивото од пред пандемијата. Дури во 2025 година може да се очекува враќање на бројките кои автомобилската индустрија ги забележа пред короната.

„За закрепнување од пандемијата е потребно време“, внимателен е заклучок на стручњакот Дуденхефер, врз основа на прогнозите на неговиот Центар за автомобилски истражувања. Процесот на создавање додадена вредност мора повторно да се организира, а би требало да се креираат и дополнителни капацитети кога станува збор за производството на чипови, порачува овој германски стручњак.

Повеќе: Збогување со моторите со внатрешно согорување

Тој смета дека до 2023 година нема да се надомести сѐ она што е пропуштено во време на пандемијата, а особено не кога станува збор за производството на возила. Сепак, има место и за оптимизам. „Стареењето на возниот парк на заситените пазари упатува на заклучок оти може да се очекува долгорочен раст на светскиот автомобилски пазар.“

Не е сѐ така црно...

И покрај кризата, за автомобилската индустрија во изминатиот период не беше баш сѐ така црно. Судејќи по резултатите од истражувањето на аналитичарите од британската консултатска фирма „Ернст и Јанг“, 16-те најголеми светски производители на автомобили во третиот квартал од 2021 година заедно оствариле оперативна добивка од околу 23 милијарди евра. Тоа е раст од 11 отсто и воедно - нов рекорд.

Иако, продажбата на патнички автомобили опадна за 16 насто (според проценките на аналитичарите, поради недостатокот на чипови, околу 11 милиони возила воопшто не можеа да бидат произведени) и 13 производители продадоа помал број возила отколку во истиот период претходната година, сите 16 компании заедно остварија промет од 371 милијарди евра, што е всушност пад од 1,6 отсто.

Како да се заработат пари со e-автомобил?

01:11

This browser does not support the video element.

Сепак, добивката значително се зголеми, бидејќи чиповите што беа достапни беа инсталирани во скапи модели на возила, кај коишто производителите имаат поголема маржа. Овие модели беа првенствено достапни за купувачите, а освен тоа, речиси и да немаше попуст при купување нови автомобили, бидејќи побарувачката беше поголема од понудата.

Исто така, повеќето компании успеаја да ја зголемат својата берзанска вредност во текот на годината, а пред сѐ американскиот производител на електрични автомобили Тесла.

Проблеми во Кина

Сепак, аналитичарите во „Ернст и Јанг“ посочуваат дека се можни нови тесни грла во автомобилската индустрија: „Значајниот пораст на бројот на нови инфекции со коронавирусот во некои земји и мерките за штедење што се воведуваат може да доведат до нови проблеми и нарушувања во синџирите на производство и на снабдување“.

Кина е најпогодена од ваквите турбуленции. Во третиот квартал од оваа година најголемиот светски автомобилски пазар забележа пад на продажбата од дури 26 отсто.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми