1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Изградбата на двата автопати ќе трае уште со години

БГ
3 јули 2017

Првичните проценки на надлежните покажуваат дека изградбата на двата автопати: Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ќе се пролонгира за најмалку една, односно две години. Дополнителната цена ќе биде најмалку 120 милиони евра

Mazedonien Autobahnbau zwischen Ohrid und Kicevo
Фотографија: DW/M.Jovanovski

Изградбата на двете делници од автопатите ќе трае многу подолго од планираното, а според проценката на министерот за транспорт Горан Сугарески тоа дополнително ќе чини најмалку уште 120 милиони евра. Особено проблематична е делницата Кичево-Охрид на која се утврдени бројни пропусти и грешки во проектот како и во реализацијата.

Оптимистичките прогнози на надлежните се дека автопатот до македонскиот туристички центар ќе биде завршен најрано до октомври 2019 година. Реалната проценка, велат извори на ДВ, е дека проектот нема да биде завршен пред средината на 2020 година, или најмалку уште три години.

Но, и обете сценарија зависат од ритамот со кој ќе се наоѓаат решенија за проблемот. Имено, клучното прашање кое треба да се реши на политичко ниво е како ќе се затвори финансиската конструкција и кој ќе ја плати сметката за дополнителните трошоци? Владата ќе треба да одлучи и дали одново ќе се задолжува за изградбата на автопатот, и кај кого?

Како што веќе објави ДВ, поранешната Влада им потпишала на кинеските изведувачи дека презема одговорност за сите пропусти на автопатите. Тоа значи дека државата треба да ја преземаме одговорноста за доцнењето и направените пропусти.
Штетата е голема особено на автопатот Кичево-Охрид, додека за делницата Миладиновци-Штип можно е да се постигне договор со кинеските инвеститори за продолжување на рокот за изградба на уште една година, но без големи дополнителни трошоци.

Претходната влада зеде кредит од 580 милиони евра од кинеската Ексим банка, а со закон преку Собранието ѝ ја довери изградбата на двата автопати на компанијата „Синохидро“.

Специјалното јавно обвинителство, во рамките на предметот „Траекторија“, поднесе обвинение против експремиерот Никола Груевски и неколку високи поранешни владини функционери токму за изградбата на двата автопати. Тие се обвинети дека го оштетиле буџетот на државата за 155 милиони евра.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми