Земјите членки на ЕУ се договорија за намалување на издувните гасови од новите автомобили. Испуштањето јаглерод диоксид од 2020 до 2030 година треба да се намали за 35%.
Реклама
По долги преговори на министрите за екологија на ЕУ во Луксембург, австриската министерка Елизабет Кестингер оцени дека заштитата на климата во Унијата е повторно на „лентата за претекнување“. Кестингер претседаваше со состанокот на министрите позветен на проблемот со ограничување на испуштањето јаглерод диоксид од возилата. Министрите во текот на изминатата ноќ донесоа заклучок емисиите на издувни гасови од новите автомобили до 2030 година да се намалат за 35% во однос на вредноста која ќе биде достигната во 2021-ва.
Сега Министерскиот совет треба за новите гранични вредности да преговара со Европскиот парламент. Согласноста на земјите членки на Унијата и на ЕП е неопходно за да се донесат нови закони за заштита на климата. ЕП има поамбициозни цели. Парламентарците во преговори влегуваат со барање за намалување на издувните гасови за 40%. Планирано е „тријалогот“, во кој ќе учествува и Европската комисија, да биде завршен во март. Потоа пленумот на Парламентот би можел да гласа и тоа пред европските избори во мај 2019-та. Доколку тоа не успее, гласањето ќе биде одложено за долг период, сѐ додека не се конституира новиот ЕП. Со оглед на тоа што се смета со тешки преговори, разговорите почнуваат веќе денеска.
Потребни се повеќе електромобили
Редукцијата на издувни гасови нема да се определува за секое возило кое од 2030 година ќе се продава во ЕУ, туку за цела „флота“ на еден производител. Тоа значи дека автопроизводителот и натаму може да продуцира големи џипови кои голтаат многу гориво, доколку истовремено произведува и електромобил со нула емисии на издувни гасови. Важна е просечната вредност на сите продадени автомобили.
Германската влада прави напори да ги поштеди малку германските производители, зашто Фолксваген, Мерцедес и БМВ каскаат во развојот на електромобили. Францускиот министер за екологија веќе бара целта да биде намалување на штетните гасови за 40%, со оглед на тоа што Ситроен и Пежо по прашањето на заштита на климата се понапред од германските производители.
ЕУ-дипломатите истовремено укажуваат дека емисиите на ЦО2 од автомобилите во Европа се одговорни за само 15% од загадувањето на климата. Во светски рамки погледнато, тоа се само неколку проценти, што значи само ситен дел од проблемот. Поважни во светски рамки, како што се вели, се емисиите од термоцентралите, индустријата и затоплувањето на зградите.
Германците и нивните автомобили
Без оглед на скандалот со дизел горивото, автомобилите се дел од германскиот национален идентитет. Но колку е навистина длабока љубовта на Германците кон пријателите на четири тркала?
Удар за автомобилската индустрија
Репутација на славните германски автопроизводители доживеа голем удар, но продажбата и натаму расте. Сепак, германските брендови сочинуваат помалку од две третини од сите возила на германските патишта. Притоа се работи за чисто машка „територија“: само една третина од сопствениците на возила во 2017 година се жени. Интересно, таа бројка воопшто не се промени во последната деценија.
Фотографија: picture alliance/dpa
Една деценија на пат
Германските патнички возила, полека старееја, од 8,1 година во просек пред една деценија, до највисокиот просек во историјата од 9,7 години во 2017. Патем, Германија воопшто не е во светскиот врв според возила по глава на жител. Таа е на 20 место - 17 места зад САД, каде на секои десет жители има осум автомобили. Најмалку моторизирана земја во светот е Того.
Земја на олдтајмери
Околу 600 илјади возила - околу 13 проценти од сите возила на германските патишта се сметаат за олдтајмери, што значи дека се постари од три децении. Околу 380 илјади имаат историски регистерски таблички кои се добиваат доколку се докаже дека возилото е сочувано со оригиналната состојба.
Фотографија: Imago/imagebroker/friederich
Постепена моторизација
На 1 јануари 2017, во Германија беа регистрирани 45,8 милиони патнички возила. Во однос на населението од 82,8 милиони, тоа значи дека има 684 автомобили на илјада жители. Денес, има пет пати повеќе автомобили во земјата отколку пред половина век, кога беа регистрирани околу 9 милиони возила.
Во земјата на БМВ
Просечната старост на возилата во Германија варира од покраина до покраина. Веројатно не е изненадување што во Баварија, домот на БМВ и покраина со најголем приход по глава на жител, просекот на старост на возилата е најмал. Просечната старост на возилата на патиштата во Бранденбург, покраината околу Берли, надминува една деценија.
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Gebert
Германија заостанува
Иако бројот на возила на бензин остана стабилен во последната деценија, нивниот удел се намали на две третини од сите мотори во 2017. Бројот на дизел возила порасна од 10 на 15 милиони од 2008 наваму. Електричните и хибридните возила комбинирано сочинуваат само 0,5 проценти, или вкупно 200 илјади. Во Норвешка уделот на електричните возила е повеќе од 1 процент.