1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобри времиња за автоиндустријата

Улаус Улрих/ Симе Недевски6 март 2014

Саемот на автомобили во Женева, годинава доаѓа во вистински момент- расте расположението во браншата. Европејците повторно купуваат повеќе возила. Сепак експертите предупредуваат дека кризата сѐ уште не е надмината.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Јануари беше петтиот месец по ред во кој порасна бројот на регистрирани возила на европскиот автомобилски пазар, на радост на одговорните во автомобилската индустријата. Ново златно време за браншата? „ Доаѓаат подобри времиња за европските производители, но од златно време сме и натаму далеку“, вели Фердинанд Дуденхефер, експерт а автомобилска индустрија при Универзитетот Дуизбург- Есен. Минатата година во Европската унија и во земјите на ЕФТА (Норвешка, Швајцарија, Исланд) се продадени вкупно 12,3 милиони возила. Одлична бројка, ама сепак за 3,2 милиони помала од онаа забележана во 2005. година. „На пат сме да излеземе од кризата, но таа ќе потрае уште некое време. Изгледите денес се подобри и тоа им помага на производителите“, вели Дуденхефер за ДВ.

Низ кризата добро поминаа германските производители на луксузни возила. Наспроти Фолксваген, за кого и самото име вели дека е „народен автомобил“ , БМВ, Мерцедес и Ауди, загубите на европскиот автомобилски пазар ги надоместија со поголемата побарувачка во САД и во Кина. Се очекува дека овие марки и натаму ќе бележат рекорди, особено што прогнозите за економскиот раст покажуваат дека светската економија заздравува. Најголемиот авто-концерн во светот Фолксваген исто така смета на пазарите надвор од Европа и подобро се снаоѓа од другите т.н масовни производители- да речеме Опел кој му припаѓа на концернот Џенерал Моторс , потоа европското одделение на Форд или пак францускиот концерн Пежо- Ситроен. Сите овие автопроизводители бележат загуби во последните години. Со надминувањето на кризата и овие производители кои се концентрирани во прв ред на Европа можат да се надеваат на подобри времиња. „Може да се смета дека загубите ќе бидат помали во 2014. година, а потоа во 2015. година деловниот биланс можеби ќе биде на нула“, анализира Дуденхефер.

Ефтин бензин, моќни мотори

Глобално погледнато, автомобилската бранша не полага преголеми нaдежи во новите трендови. Сведоци сме на нов процут на моторите со внатрешно соговрување, кој е поттикнат и од ниските цени на горивата. Барел сурова нафта чини 100 долари, дури 40 долари помалку отколку на почетокот на кризата во 2008. година. Прогнозите дека цената на нафтата двојно ќе се зголеми за пет, шест години не се реални, веруваат многу експерти. Ефтиниот бензин исто така не ги мотивира купувачите да плаќаат повеќе за штедливи модели. „Алтернативните погони досега не се покажаа како сигурни“, вели Дуденхефер. Електро-автомобилите повеќе остануваат проекција за иднината отколку реалност. Тие се прескапи, а батериите не траат долго. „БМВ последен се обиде со голема иновација со моделот и3. Останатите производители се повлекуват од овој пазар чекор по чекот“, вели Дуденхефер.

И саемот во Женева е одбележан од традиционалните модели. Овој саем секоја година е прва голема презентација на новите модели на автомобили во Европа и трендовите кои се претставуваат тука ќе доминираат и на улиците. „Конвенционалното цути. Големи возила, многу коњски сили, автомобили кои будат стари емоции се повторно во фокусот“, вели експертот од Универзитетот Дуизбург-Есен. Тоа го докажуваат и бројките-побарувачката за спортски тренски возила никогаш не била волку голема. Со други зборови, штедливоста и заштитата на животната средина како да се прегазени. Повторно се барани моќни возила.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми