1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агамбен, Ниче(не Македон) и Николоски од аспект на короната

20 март 2020

Би било добро граѓаните да станат глуви, или поточно критични кон ширачите на ужасни тези, или кон политичарите на кои единствена амбиција и приоритет сега им е освојување на моќта преку заблуди. Пишува Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Бидејќи си ветив дека периодов на криза со коронавирусот нема да се впуштам во строго политички анализи, уште помалку во анализирањето на нечие политикантство (свесен што денес е битно, а што не е), ќе се зафатам со аспектите кои имаат поширок здив и поголемо значење.

Улогата на умниот човек на пример, улогата на филозофијата во времето на короната, улогата на критичното преиспитување на реалното, наспроти злонамерното извртувања на реалноста и наметнувањето заблуди.

Пример, добра вест пристигна вчера, со која е урнат уште еден мит: новиот коронавирус не е создаден во лабораторија. Генетичката анализа потврдила дека е производ на природна еволуција на други вируси од истото „семејство“. Ова говори колку треба во овие моменти да се чуваме од антинаучни егзорцизми, суеверија, теолошки испрдоци, политичко-партиски злоупотреби, спиритуалистички и филозофски бладања или нарцисоидни делириуми на поединци или групи.

Деновиве наидов на интересна полемика, поточно на едностран прекор, на еден познат филозоф кон друг далеку попопуларен колега, околу самата улога на филозофијата (како „љубов кон мудроста“) и како таа ја толкува вирозната криза. Паоло Флорес д'Арке гo анализира последниот, како што самиот ќе каже, „немудар“ текст на Џорџо Агамбен наречен „Зараза“.

Тезата на Агамбен е дека Италија се соочува со „таканаречена епидемија на коронавирусот“, од која следува неоправданата „паника“ од која пак „една од најнехуманите последици“ е фактот што се состои во ширењето на „самата идеја за заразата“. Според Агамбен, проблемот не е заразата, која според него не постои, туку тоа што се шири идејата за зараза.

Агамбен своите филозофски бладања ги продолжува со интерпретацијата дека се измислува кауза, некаква си божја казна за гревовите, дека вината е на властите и на медиумите кои сакаат да создадат состојба на колективна паника со цел да продолжат со своето либидо на „вонредна состојба“.

Агамбен гледа една извртена логика – заразата не постои, но постојат ширачите на заразата. Според него, не е постоењето на вирусот и начинот како тој се пренесува, тоа што секој граѓанин го прави потенцијал „ширач“ на заразата, доколку секој продолжи нормално да се однесува. Не, според Агамбен, мерките кои ги преземаат властите се причината поради која „секоја индивидуа се трансформира во потенцијален ширач или заразувач“. Односно мерките кои во реалноста треба да нѐ заштитат, нас нѐ ставаат во состојба да се доживуваме еден со друг како потенцијални заразувачи. Тоа ги прави властите виновни за „дегенерација на односите меѓу луѓето“.

Нормално овие тези Флорес д'Арке ги разбива објаснувајќи дека на Агамбен не му ни поминува низ главата дека одложувањето на односите со блиските на неколку недели или месеци, откажувањето од „драгата личност која не смее да е допрена, ниту приближена“- Агамбен dixit, е всушност со цел таа личност да биде допрена и приближена во годините што доаѓаат, а не да биде допрен само нивниот ковчег.

И продолжува - ако земеме предвид дека мерките кои денес се спроведуваат од властите всушност беа наметнати од лекарите и научниците, излегува дека според Агамбен, заговорот не е на властите, туку е заговор на белите мантили против народот. И додава: „Тоа би требало да се доста јаки мазохисти од доктори, имајќи предвид дека работат во првите редови и се најзагрозени од вирусот, и неретко плаќаат со својот живот за својата работа која се граничи со хероизам.“

Производи на мракот

Искрено ме зачудува дека морам еден Агамбен да го споредам соНиколоски од ВМРО, кој слично ја толкуваше вонредната состојба како владин инструмент да си носи посакувани закони. Или пак несреќната мисла на Мицкоски дека од власта се молеле на Бога да се случи короната за ВМРО да не може со народот да излегува на протести. Но, ете, сакав да пренесам што може да произведе мракот или помрачувањето на човековиот ум, доаѓало тоа од филозоф или од политиканти.

Односно, дека сега е време, како што забележува и Флорес д'Арке, за повеќе илуминизам, наука, истражувања, а помалку за филозофски бладања или политикантство. И дека на тој што се бави со првото работата му е да шири критички дух, љубов кон мудроста и знаењето, и тоа пред сѐ кон научното знаење, а не да навлегува во посттеолошки контемплации или заговори. Истото денеска важи за политичарите, а за некое прекрасно чудо, некои од нашите на власт се покажаа и повеќе од компетентни во соочување со кризата.

Други колумни од авторот:

Решението за коронавирусот зависи од сите нас!

Македонија (болна од страв) во време на коронавирусот

Вирусот на расизмот позаразен од коронавирусот

Друг доста добар илустративен пример за заблудата која може да произлезе од нашиот мрак на незнаење или од историски поинаков контекст, а потоа и за политичката злоупотреба која може да произлезе од арбитрарноста на мислителот, е примерот на Ниче.

Кај Ниче, покрај возвишената поезија и вознемирувачките афоризми, постои многу малку наука. Неговите мисли околу човекот и човековата состојба се парцијални, арбитрарни, општи. Не дека и повеќе од тоа може да се претендира од класичните филозофи. И во неговиот Заратустра тој се соочува со културата која му претходи и која кулминира во него и која пред сѐ се состои од поезија која се продава за наука, апсурдни теории, иделистички духови и апстрактни поими комплетно откачени од реалноста. Се разбира, интуицијата му кажувала дека зад дрскоста на филозофите или црковните лица постои една друга повистинска вистина, но тој не знаел ништо за ентропијата, биологијата, за потсвесното, за оној „вистински свет“ кој постои зад илузијата на моќта. Така и самиот Ниче завршува создавајќи теории корисни пред сѐ за моќта која заблудува, односно за една од најстрашните форми на моќ во модерното време – фашизмот. Се разбира дека неговите, пред сѐ духовни идеи, се искористени како расни концепти, и дека неговите гледишта се киднапирани од нацистичката идеологија.

Коронавирусот е реален

Но, поентата е дека денес знаеме оти суперчовекот на Ниче и неговата возвишена неморалност не му припаѓаат на „реалниот свет“ ништо повеќе од која било друга заблуда.

Од друга страна, за разлика од мислењата на Агамбен, Ниче или Николовски, коронавирусот му припаѓа на „реалниот свет“. Коронавирусот е апсолутно реален и неговата апсолутна реалност немилосрдно ги соочува и ги прави небитни сите оние аспекти кои не се реални. Дотаму е реален што нѐ освестува и во нашите не само политички или филозофски заблуди, туку во нашата свесност како сме произвеле еден драматично погрешен општествено-економски систем и култура. Короната денес е мерката за нереалното. Како што е мерката за нашиот здравствен колапс, или мерка за нашето уништување на планетата и животната средина. Или пак е мерка за неснаоѓањето со кризата на популистичката десница која гледа како нејзините лажни стравови се издишуваат пред реалниот страв.

Би било добро доколку граѓаните станат глуви, или поточно станат критични кон ширачите на ужасни тези против моќта која без заблуди се соочува со реалноста, или кон политичарите на кои единствена амбиција и приоритет во овој момент им е освојувањето на моќта преку заблуди.

Би било убаво да се напушти секое политиканство во овие моменти. Сѐ што е непродуктивна препирка, замерка, што троши енергии кои немаат врска со решенија и кризни мерки, е крајно небитно.

Тоа што треба постојано да се претендира и што е здраво, е да се бара постојано вистината од властите и одговорните, граѓаните да се третираат како возрасни и така да се повикуваат на одговорност и на тој начин да партиципираат, без никакво засладување, минимизирање, криење или камуфлирање на реалноста околу вирозата. Тоа се однесува и на државните услови и капацитети.

И како што гледате, вистина и транспаретност се бара, и во голема мерка се добива, но се бара не само околу стратешките одлуки и избори кои се прават, туку и околу механизмите како тие одлуки се носат и кои се мотивациите. Дебатните емисии, особено со политички марионети и ведети на една или друга политичка страна, се сосема непотребни и не служат за ништо.

На телевизија треба да се појавуваат само властите, експертите и одговорните кои не ги кријат проблемите и недостатоците со кои се соочуваат, кои нема да ги кријат ниту своите стравови и надежи, и кои така ќе бидат референтна точка за целата земја и сите луѓе кои дополнително стануваат дезориентирани.

Се раѓа една позитивна доверба во многу аспекти од системот, каква што не познававме, и тоа ќе создаде предуслови за солидарност. Тоа сега треба да се прошири на сите одговорни, на опозицијата и конечно на самите граѓани и целата нација, не на основа на патриотизам, крв или територија и граници, туку на база на алтруистичка споделба на заеднички предизвици и искуства, на основа на формативната и историска реалност која ја доживуваме и со која се соочуваме, на свеста дека споделуваме исти предизвици и маки, и заеднички бараме нова смисла за нашите проблеми и животи.

Само низ тој културен процес, народот повеќе ќе разбира и повеќе ќе ги прифаќа сите ограничувања и мерки кои денес ја намалуваат нашата слобода.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми