1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АВМУ да се департизира, а не да се комплицира

Катерина Блажевска10 август 2016

Очекувањата сведени на минимум, а резервите издигнати до максимум: ваков е ставот на стручната јавност за новата Привремена комисија за следење на медиумското претставување во предизборниот период

Фотографија: Fotolia/wellphoto

Во стручната и медиумската сфера нема големи очекувања од работата на ад-хок телото кое ќе го мониторира предизборното известување на медиумите, доколку лидерската четворка до крајот на месецов оцени дека се исполнети условите за одржување фер - избори. Четири од предвидените пет члена на таа Привремена комисија вчера беа именувани од директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски (АВМУ), врз основа на член 196-д, став 2 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кој влезе во сила на 1 август 2016 година.

„Именувани членови по предлог на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се Слаѓана Димишкова претседател на новинарската асоцијација МАН, долгогодишен новинар и уредник во дневниот весник 'Вест' и Цветин Чилиманов долгогодишен новинар, дописник, колумнист и аналитичар. По предлог на политичката партија СДСМ именувани се Љубомир Костовски, новинар и уредник на on-line изданието 'Глобус' и Горан Трпеновски, новинар и уредник на политичката рубрика во дневниот весник 'Вест'“, соопшти АВМУ.

Бај-пас тело

Горан Трпеновски се уште не знае како ќе функционира Привремената комисија во која од вчера е именуван за член. Не се пријавил на огласот, но таму се нашол по предлог на колега од друг медиум. За одлуката дознал од соопштението на АВМУ, бидејќи лично никој не го информирал. Не знае по каква методологија ќе работи Комисијата, кога ќе биде првата средба и по кој принцип ќе се носат одлуките.

„Ова тело е изнудено решение. Бидејќи Агенцијата не функционира, ова е еден вид бај-пас тело, кое можеби ќе придонесе медиумите да известуваат според стандардите во Изборниот законик - балансирано и непристрасно. Новата влада што ќе биде избрана, во првите 100 дена треба да го прифати предлогот за медиумски реформи на поранешниот медијатор Питер Ванхауте, а партиските лидери до 31 август да донесат заклучок - дека кој и да победи на изборите ќе спроведе суштински медиумски реформи. Нам ни е потребно трајно, а не привремено решение“, дециден е Трпеновски.

Во однос на очекувањата од работата на ова тело, неговата колешка Слаѓана Димишкова смета дека е рано за оценки: „Ќе има време за изјави. Треба прво да почне процесот. Не е почнат мандатот“.

Фотографија: Fotolia/picsfive

Доказ за нужноста од промени

Во стручната јавност, резервите кон ова тело се издигнати до максимум, а очекувањата сведени на минимум.

„Имам бројни и сериозни, а можеби е подобро да се означат како реални резерви во однос на 'ад-хок' телото“, вели комуникологот Климе Бабунски.

„Сигурно дека проблемите во медиумската сфера во Македонија се од 'библиски димензии', па и 10 'ад-хок' тела, токму заради таквата 'случајна природа' не ќе може да ги сменат работите. Имено, клиентелизмот во медиумската индустрија (индустрија - повторно со голема резерва) е системски проблем за чие решавање се неопходни нови закони и 100 посто нови членови во Советот на АВМУ и во Советот на МРТ. Од друга страна, трезвеноста налага да не се очекуваат оптимални решенија од политички преговори - во спротивно повтoрно сме во голема заблуда. Политиката во моментов толку можеше. Значи, ад-хок телото, онака како што е замислено, не ќе може суштински да ги менува работите, но истовремено и самото негово постоење е доказ за нужноста од промени, токму заради молчаливиот и никаков 'профил' на Советот на АВМУ и Советот на МРТ.
Но, како дел од стручната јавност јас сум 'реален и го барам невозможното': суштински промени, а не партиски козметики, како замена за згазена демократија и јавни (државни) институции“, вели Бабунски.

Се ќе зависи од петтиот член

Четворицата членови на Комисијата најдоцна до 23 август со консензус треба да го утврдат петтиот предлог за член на Привремената комисија, кој треба да биде „од редот на припадниците на најголемата немнозинска заедница“.

„Без оглед кои се членови на ад-хок телото, не очекувам ништо спектакуларно, бидејќи целиот систем е погрешен“, вели Жанета Трајковска од Институтот за комуникациски студии.

„Ставот на медиумската организација е кажан пред една година: потрeбни се системски реформи во медиумите, а не проформа партиско-политички компромиси кои само лажно ќе претстават дека е направен договор за одредени точки во медиумите. Според мене, ова тело ќе биде проформа и тело кое дополнително ќе го кочи системот. Се ќе зависи од петтиот член. Се воспоставува вештачки насадено тело меѓу стручните служби и Советот на АВМУ. И наместо АВМУ да се департизира, неговата работа се комплицира. Ове е уште еден пример за деинституционализирање на системот“, оценува Трајковска.

За формирање на оваа Привремена комисија договор беше постигнат на 20 јули, во преговори меѓу четирите партии - потписнички на Договорот од Пржино.

Комисијата сто дена пред изборите ќе го мониторира спроведувањето на одредбите од Изборниот законик што се однесуваат на медиумското претставување. Нејзиниот мандат ќе трае до завршување на изборниот процес. На членовите на Комисијата им следува месечен надоместок во висина од три и пол просечни плати во Македонија, односно по околу 80.000 денари месечно.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми