1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агим Чеку нов премиер на Косово

Зулфија Јакупи11 март 2006

Во говорот по изборот Чеку се обрати и на Србите од Косово – и тоа на српски јазик

Агим Чеку
Агим ЧекуФотографија: dpa-Bildfunk

Новиот косовски премиер истакна дека владата ќе работи на создавање клима на меѓуетничка доверба и соработка, и оти времето на омраза и дискриминација за граѓаните на Косово треба да премина во минато. Агим Чеку од говорницата на српски јазик им се обрати и на косовските Срби: „Во демократско Косово и вие Србите, како и сите други граѓани на Косово, имате и ќе имате иднина. Косово им припаѓа на сите и сите заедно ќе создадеме општество кое гарантира слобода, рамноправност и економски напредок за секого, без оглед на националната припадност. Во тоа треба да верувате. За вакво општество, за ваква иднина, треба да се изборите заедно со сите други граѓани на Косово учествувајќи во владата, собранието, инсититуциите, во секојдневниот живот на Косово“.

Во владата што ја предводи Агим Чеку има и двајца Срби: Славиша Петковиќ е министер за заедниците и за враќање, а полковникот на косовската полиција Дејан Јанковиќ ќе биде ден од двајцата заменици на министерот за внатрешни работи. За сега останува празно и местото на министер за земјоделство, резервирано за „Српската листа за Косово и Метохија“, која реши да продолжи да ја бојкотира работата на косовските институции.

Агим Чеку во говорот по изборот им се заблагодари и на меѓународните фактори и искажа увереност дека Косово ќе биде независна држава: „Ние сме им многу благодарни на САД, НАТО, ЕУ, ОН и на сите наши пријатели кои ни помогнаа кога ни беше тешко. Имаме намера да продолжиме да ги градиме нашите политички и економски капацитети, како и да работиме врз изградба на сигурно опкружување за сите...Од овде, од косовското собрание, ја нагласуваме нашата обврска да продолжиме да соработуваме со господин Ахтисари и членовите на Контакт-групата за решение на статусот на Косово. Ние цврсто веруваме дека државата Косово, која ќе биде создадена на крајот од тој процес, ќе биде демократска држава и сакана татковина за сите нејзини граѓани“.

Шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен го поздрави изборот на Агим Чеку за премиер. Петерсен изрази уверување дека посветеноста на Чеку на исполнувањето на стандардите, искажана во Косовскиот заштитен корпус, чиј командант беше, здружена со неговите раководечки и управувачки способности, сега ќе бидат конвертирани во конкретни иницијативи на владата за решавање на многу приоритетни прашања, вклучително и многу важното прашање за малцинствата.

Шефот на американската канцеларија во Приштина Филип Голдберг оцени дека изборот на Чеку, како и на Кољ Бериша за претседател на косовското собрание, е извршен во важен момент за Косово и во согласност со демократската процедура. Тој го оцени како добар говорот на Чеку и посебно ветувањата дадени на српското малцинство. „Тоа се работи неопходни за Косово кое се движи во насока кон решавање на својот конечен статус“ – рече Голдберг.

Со соопштение изборот на Чеку го поздрави и шефот на германската канцеларија во Приштина Ојген Волфарт.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми