180410 Flugverbote Kritik
19 април 2010На петтиот ден од почетокот на забраната за летање, во Германија се множат гласовите кои бараат укинување на блокадата на воздушниот сообраќај поради вулканскиот облак. Шефот на компанијата „Ер Берлин“, Јоахим Хунолд, критикува дека забраната се основа само врз компјутерски симулации преземени од надлежните власти во Велика Британија. Конкретни мерења на состојбата, барем со балон на надлежната метеоролошка служба, се’ уште не се спроведени, нагласува Хунолд. Сличен е ставот и на најголемата германска авиокомпанија, „Луфтханза“, која од петокот исто така ги прекина сите летови, а две третини од флотата остави на аеродроми во странство.
Портпаролот Клаус Валтер потврди дека во меѓувреме десет авиони биле префрлени без патници од Минхен во Франкфурт, по што пилотите биле детално испитани за условите на летот: „Посадите на авионите не стекнаа впечаток дека има пречки во воздушниот сообраќај на висините на кои летале.“
Техничките проверки на авионите исто така не покажале никакви траги на оштетување на заштитниот слој, ниту, пак, на стаклата. Авионите летале на висина меѓу 3.000 и 8.000 метри. Холандската компанија „КЛМ“ испратила дури еден авион на висина од 13.000 метри и ни таму немало никакви проблеми. Такво е искуството на „Ер Франс“, која од денеска сака да го користи аеродромот во Тулуз за меѓународни летови. Поради ваквите искуства германските и европските авиокомпании бараат да се спроведат конкретни мерења пред да се продолжува забраната за летање.
Министерот за сообраќај ги отфрли критиките на авио-компаниите
Германскиот министер за сообраќај Петер Рамзауер ги отфрли критиките од авио-компаниите како неодговорни. Тој смета дека воздушниот сообраќај ќе биде затворен во делови од Европа и во наредните денови. Тој нагласи дека се придржува до меѓународните норми. Друг пристап кон проблемите со вулканскиот облак би бил неодговорен, нагласи министерот Рамзауер.
Во меѓувреме германската метеоролошка служба потврди дека ласерски мерења покажале постоење на вулкански честички во воздушниот простор над Германија и тоа на висина меѓу 3.000 и 7.000 метри. До вечер се очекува да полета и авионот на германската Агенција за воздушен и вселенски сообраќај, кој е опремен со соодветни мерни апарати, кои треба да дадат подетални податоци за реалната опасност од вулканскиот облак од Исланд.
Автор: Хорст Клојзер/Горан Чутанoски
Редактор: Александра Трајковска