1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Агресијата на Путин во Украина и шокот на Германците

26 февруари 2022

Русија ја нападна Украина, а Германија се разбуди во шок. Посебниот однос на Германците кон Русија подразбираше дека тие до денес всушност не сакаа да замислат нешто како инвазија врз Украина, оценува Јенс Турау.

Flaggen Deutschland und Russland
Фотографија: Thomas Koehler/ picture alliance/photothek

За почеток, мала дигресија од дамнешни времиња. Во Берлин, на факултет, дојдов во 1983 година, кога градот уште беше поделен со ѕид. На студиите по политички науки имаше семинари под називот: „Критичка солидарност со СУ“. СУ беше кратенка за поранешниот Советски Сојуз. Може ли тоа да биде вистина? Зарем ѕидот, кој се простираше низ денешниот главен град, не беше токму многу добар пример колку руската или тогашната советска политика, беше немилосрдна?

И брзо научив дека на многу левичари во Германија, непријател не им е Москв, туку Вашингтон. Оттаму се водеа страшни војни во Виетнам, како и во централна и во Латинска Америка. На Советскиот Сојуз тоа му беше непознато. И зарем Црвената армија не го ослободи Аушвиц? Во секој случај, агресивното политичко однесување на Истокот и на Западот беа доживувани различно.

Промена преку зближување

Максимата на преовладувачката (на почетокот западногерманска) политика беше она што се нарекуваше политика на попуштање. „Промена преку зближување“, како што тоа го нарече  социјалдемократот Егон Бар. Да не бидам погрешно сфатен: беше правилно да се бараат разговори со поранешниот воен непријател на Истокот и да се прават договори, пред сѐ за да се подобри положбата на сонародниците источно од Железната завеса, во Германската Демократска Република (ГДР).

Повеќе: Шолц: Путин направи тешка грешка

Политиката на германскиот кацелар Вили Брант, на која на почетокот жестоко ѝ се спротивставуваа конзервативците, во раните 1970-ти години постигна многу. Таквиот пристап подоцна го присвоија и наследниците на Брант, Хелмут Шмит и Хелмут Кол. Но, кога Шмит на почетокот на 1980-тите цврсто стоеше зад одлуката за Двоен заклучок на НАТО, односно понудите за натамошните преговори за контрола на вооружувањето со Истокот и истовремено ракетното вооружување на Запад, тој ја загуби поддршката од својата партија СПД.

Јенс Турау, автор на коментарот

Мировното движење, моќно и силно меѓу младите во тогашната Сојузна Република Германија, јуришаше против тој план. Протестите кулминираа под слоганот „Излезете од НАТО, директно во забава“. За потенцијална закана од Москва можеше да се слушне многу помалку.

Горбачов, миленик на Германците

Подоцна, поради повторното германско обединување, советскиот лидер Михаил Горбачов, стана миленик на Германците. Многу помалку аплаузи доби тогашниот американски претседател Џорџ Буш, кој беше прв шеф на некоја држава победничка во Втората светска војна кој се согласи со повторно обединување. До средината на 1990-тите, многу руски војници тивко се повлекоа од територијата на поранешна ГДР.

Европа, а во нејзиниот центар обединетата Германија, ја славеше победата во Студената војна. НАТО и ЕУ се проширија на исток, не размислувајќи многу за реакциите во Москва. Сето тоа да ги поправат пазарната економија и демократијата - така гласеше духот на времето.

Повеќе: Бербок: Се разбудивме во еден поинаков свет

И навистина, откако се распадна Варшавскиот пакт во 1991 година и откако се изборија за слобода од Москва, Европејците од централна и источна Европа не сакаа ништо друго освен конечно да припаѓаат на богатите клубови од Западот. Тоа беше и е нивно право.

Украинците во Берлин стравуваат за роднините во татковината

01:23

This browser does not support the video element.

Изборна победа со едно „Не“ за американската војна

Во 2002 година тогашниот канцелар Герхард Шредер, до денес близок пријател на Путин, откако на почетокот имаше мала поддршка во истражувањата на јавното мислење, изненадувачки успеа повторно да биде избран за канцелар, пред сѐ благодарејќи на едно прашње во кампањата: неговото „Не“ за учеството на Германија во нападот на Ирак под водство на САД. Како што се покажа подоцна, таа војна всушност навистина беше оправдана со лаги - но, тешко е да се замисли дека јасниот германски став за руските воени акции имаше таков ефект во Германија. 

Германија и по тоа остана на својот курс кон Москва, кој датира уште од времињата на политиката на попуштање: да се разговара каде и кога е тоа можно, па и деловно. Гасоводот Северен тек 2 во Балтичкото Море со години е предмет на жестоки критики, не само во САД, туку и во ЕУ. Па сепак, германската политика се држеше за тоа, и покрај предупредувањето да не се прави зависна од рускиот гас. Канцеларката Ангела Меркел долго ја отфрлаше секоја критика на сметка на тоа, нагласувајќи дека тука се работи за „чисто приватна, деловна работа“. Тоа е формулацијата која во декември ја усвои и нејзиниот наследник Олаф Шолц. Пред тоа, во 2013 година, акциите на прислушување на американската тајна служба НСА беа - со право - со недели доминантна тема во Германија. Па дури и мобилниот телефон на Ангела Меркел беше шпиониран. Московската хибридна војна, дезинформациите и политичките убиства од страна на руските разузнувачки служби на Запад, ни приближно многу не ги разбеснија Германците. 

Путинова војна

Веројатно тоа е мешавина на користољубие и рамнодушност: подобро со Русија да не се плеткаме, премногу е блиску до нашиот праг. Сето тоа мора да се смени и тоа сега на страшен начин и ќе се промени. Изгледа дека германската влада барем тоа го сфати. Северен тек 2 засега не се става во погон, канцеларот Шолц случувањата ги нарекува онака како што сѐ: „Војна на Путин“. И зборува за мрачен ден за Украина. За цела Европа. Бидејќи, тоа не се случува некаде далеку, туку влијае и на нас и тоа до срж.

Останува на тоа дека Германија ѝ е должна на таа земја, со оглед на многуте милиони руски војници и цивили кои загинаа во Втората светска војна. Поточно: должна е на рускиот народ. Но, не и на неговиот владетел, кого го напушти здравиот разум и кој очигледно има на ум целосно нов поредок во Европа, во кој доминира Русија. Западот сега мора да застане заедно против агресорот. Бидејќи, Владимир Путин ништо друго и не е. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми