1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев контра скратеното работно време за администрацијата

ДТЗ
1 октомври 2021

Ако сакаме швајцарски плати треба сите да работиме ефикасно и сериозно и во приватниот и во јавниот сектор, вели премиерот.

Nordmazedonien Wiederwahl Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Премиерот Зоран Заев не го поддржува предлог - законот за скратено работно време  на администрацијата, со којшто  е предвидено работната недела да трае 36 часа, а во петок да работат само четири часа. 

„Мојот впечаток е дека граѓаните очекуваат прво администрацијата којашто ја плаќаат да работи поефикасно, а не помалку ефикасно, тоа се моите очекувања. Но, секако кога доаѓаат барањата од граѓаните впишани во одредени програми и мерки, должност е ние да ги претставиме пред народот и тој да се изјасни. Прво, како народ треба повеќе да работиме, не помалку“, вели Заев во однос на законското решение коешто го предлага Министерството за информатичко општество и администрација. 

Премиерот смета дека, „ако сакаме швајцарски плати треба да работиме многу повеќе од таа продуктивност што денеска ја имаме“. „Еве, почнувајќи од себе, па секако до сите работници, вработени и во приватниот и во јавниот сектор“, додава Заев. Тој смета дека ефикасноста во јавната администрација е нешто на коешто треба да се фокусираат. 

„Видовме дека функционира целиот систем и со 37-38% на работа луѓе за време на брановите на пандемијата, функционираше системот и тоа го знаме сите, што само по себе кажува дека веќе постојните капацитети на администрацијата мора да бидат максимално искористени во таа полза“, вели Заев. Според него, од 165.000 административци, нивниот број сега е намален на 132.000. Во моментов 15 илјади работат во министерствата. 

Предлог-законот за адмнистрацијата е отворен за дебати и сугестии уште неколку дена. Покрај нов закон за административните службеници, дел од реформите е и изготвувањето на нов закон за вработени во јавниот сектор. Министерот Јетон Шаќири за ДВ вчера изјави дека не гледа причина зошто не би бил прифатлив ваквиот предлог. „Тој се базира на искуството на повеќе земји во светот“, вели тој.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми