1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов закон за администрацијата - во петок да работи 4 часа

ДТЗ
30 септември 2021

Новиот предлог-закон за административните службеници предвидува полното работно време на административните службеници да изнесува 36 часа неделно. Предлогот е отворен за дебати и сугестии уште шест дена.

Symbolbild Ausruhen im Büro
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Административците да работат со скратено работно време од 36 часа неделно, а во петок работното време да им трае само четири часа. Ова го предвидува новиот предлог-закон за административните службеници, којшто е објавен на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи).

„Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено“ - се вели во членот 55 од предлог-законот за административните службеници, кој е изготвен од страна на Министерството за информатичко општество и администрација.

Предлогот е отворен за дебати и сугестии уште шест дена. Во предлог-законот е наведено и дека за неполно работно време на административните службеници ќе се смета работното време кое е пократко од 36 часа неделно, а ќе се остварува согласно законот. Покрај нов закон за административните службеници, дел од реформите е и изготвувањето на нов закон за вработени во јавниот сектор.

Ваквиот предлог предизвика низа прашања и реакции во јавноста. Министерот Јетон Шаќири за ДВ вели дека не гледа причина зошто не би бил прифатлив ваквиот предлог. „Тој се базира на искуството на повеќе земји во светот“, вели тој. 

Во насока на целосна деполитизација на администрацијата и воспоставување на систем на заслуги во процедурите за вработување, во изминатиов период Министерството за информатичко општество и администрација работеше и подготви два нови закони, кои ќе се јавно достапни од 17 септември на националниот портал ЕНЕР, а тоа се Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Овие два закони, кои се меѓусебно поврзани се основа за целосно исклучување на политичките влијанија, но и секој друг облик на влијанија во постапките за вработување во институциите на јавниот сектор, објаснува Шаќири.

Целта, според него, била да се трансформира администрацијата во мала, ефикасна, задоволна, лесно достапна на граѓаните и сервисно ориентирана. 

Законски измени

Со предложениот закон, се менува и оценувањето на административните службеници. Административниот службеник кој ќе добие оценка дека „особено се истакнува” или „се истакнува“ ќе биде награден со признание, до пет слободни денови или специјализирана обука. На оној пак, што ќе биде оценет со „делумно задоволува“ ќе му биде изречена опомена и ќе добие ментор. Ако повторно биде опоменат, платата ќе му биде намалена еден месец за 5%.

Според актуелниот закон, администрацијата работи 40 часа неделно, во периодот од 7:30 или 8:30 часот до 15:30 или 16:30 часот. Според надлежните, законите треба да ја направат департизирана и деполитизирана јавната администрација, ослободена од непотизам и клиентелизам. 

Шаќири: Предлогот се базира на искуството на повеќе земји во светотФотографија: Government of North Macedonia

„Постојниот Закон за административни службеници воведе доста новини во однос на регулирањето на статусот и постапката за вработување на административните службеници. Законот воспостави нови стандарди во однос на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. Но, по 5 годишна примена на законот на површина излегоа голем број практични проблеми во имплементацијата, чие надминување е неопходно за доследно да се примени законот и да се постигне целта поради која е донесен“, се наведува во образложението за носење на новиот закон.

Превработеност и партизација

Превработеноста и партизираноста на администрацијата е проблем кој се провлекува со години наназад. Наместо да се намали бројот на административци, нивниот број постојано се зголемува, со што се оптоварува државниот буџет. 

Бројот на вработените во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2020 година изнесува 131.183 лица. Тие својот работен ангажман го реализираат во вкупно 1.332 институции. Од вкупниот број, 19.594 лица се вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција.За споредба, во 2017 година имало 1.299 институции и 128.722 лица со работен однос.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми