1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платата тече, дел од рамковните уште без работа

ДТЗ
14 април 2021

Три месеци по презентацијата на планот за прераспределба на 1.349 рамковни службеници, дел од нив сѐ уште не седнаа на нови работни места.

Symbolbild Ausruhen im Büro
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

На 22 јануари годинава вицепремиерот и министер за политички системи, Артан Груби го презентираше планот за прераспределба на 1.349 „рамковни“ службеници на нови работни позиции во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа. Со овој план требаше да се реши деценискиот проблем, кој претставува сериозен товар за буџетот и конечно да се најдат столчиња за административците, кои воопшто не одеа на работа. Три месеци по презентацијата на планот, дел од службениците сѐ уште не се седнати на столчињата на кои добија „прекоманда“, поради најразлични пречки кои не овозможуваат во целост да се реализира планот на вицепремиерот Груби. 

Унапредени од административци во инспектори 

МВР, УЈП, Царината и Државното правобранителство требаше да згрижат најголем дел од рамковните административци. Меѓу нив, најголемиот дел се економисти и правници, но има и кадри со средно образование. Вицепремиерот и министер за политички системи, Артан Груби при презентацијата на планот информираше дека листата била прочистена и на неа нема лица кои се водат како вработени, а всушност се заминати во странство. Според Груби, меѓу административците нема само Албанци, туку и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци. 

-повеќе на темата: Многу административци, малку столчиња за нив

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, деновиве на прес-конференција посочи дека од аспект на неговото министерство, досега се завршени процедурите во сите институции за сите вработени кои беа предвидени со К5 програмата. „Најголем број од вработените врз основа на оваа програма веќе почнаа со работа во соодветните институции. До МИОА не пристигна ниту еден допис од ниедна институција која одбила да ги трансферира кај неа тие вработени. Од комуникацијата со Министерството за политички систем знаеме дека овој процес се ближи до крајот. Значи, нема никој што не ги прифаќа тие вработени“, рече Шаќири. Тој, сепак, потврди дека се чека некои од институции да ги завршат годишните планови за вработување. 

„Она што ме радува и што е факт, е дека дел од вработените во тие институции почнаа да работат, а дел се и унапредени, на пример, од административци во инспектори“, рече Шаќири.

МВР, УЈП, Царината и Државното правобранителство требаше да згрижат најголем дел од рамковните административциФотографија: picture alliance/dpa/Patrick Pleul

Пречки на секој чекор

Од институциите со коишто контактираше ДВ, пак, велат дека иако административците досега требаше да започнат со новите работни задолженија, за одредени работни позиции тие сѐ уште се соочуваат со законски, безбедносни и системски пречки. Така, во Министерството за внатрешни работи, каде треба да се вработат најголем број од службениците - 143, сѐ уште ги немаат поминато безбедносните проверки. Поради чувствителноста на институцијата, станува збор за стандардни процедури низ коишто треба да поминат сите вработени. Со оглед на тоа дека постапката ќе трае подолго време, засега не се знае колкумина од административците ќе го поминат тестот и дали ќе почнат со работа во МВР.

-повеќе на темата: Најмногу столчиња за административците во МВР, УЈП и Царина

Во Управата за јавни приходи нови работни позиции треба да добијат 92 административци. Оттаму во писмен одговор на прашањето на ДВ велат дека е во тек постапката за преземање преку распоредување на вработените преку програмата за соодветна и правична застапеност.

„УЈП изврши проверка на општите и посебните услови на службениците кои треба да се преземат. По извршената проверка се јави потреба од изменување и дополнување на систематизираните работни места во УЈП и за таа цел до Министерството за информатичко општество и администрација се достави Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во УЈП и тој е одобрен. Во тек се следните чекори од оваа постапка“, се вели во одговорот.

Согласно планот, во Царинска управа се преземени 74 вработени. Од Царината за ДВ информираат дека службениците се распоредени на работни места  за кои ги исполнуваат условите предвидени во Правилникот за систематизација на работни места. „Сите преземени ги прифатија новите задолженија за работните задачи и согласно тоа доаѓаат на работните места на кои се распределени“, велат од Царината. 

Тоа го потврдува и министерот задолжен за администрацијата, Јетон Шаќири. Тој во изјава за ДВ вели дека е најважно што по толку години се изнашло решение за проблемот со овие административци. Дека планот добро се реализира, според него, потврда е тоа што дел од прераспределените веќе започнале со работа како цариници. За други, пак, во тек се безбедносни проверки, како на пример во МВР, а потврдува дека е во тек и усогласување со планот за систематизација во УЈП, по што институцијата ќе почне да ги презема кадрите. 

Државата секоја година издвојува над осум милиони евра за вработените според Рамковниот договор кои воопшто не доаѓаа на работните местаФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Камен на сопнување

Како камен на сопнување, сепак, се јави проблемот со прераспределбата на службениците во Државниот пазарен инспекторат. Директорот на инспекторатот, Стојко Пауновски за ДВ вели дека нема да дозволи кај него да бидат прераспределени кадри кои нема да работат, ќе седат дома, а ќе земаат плата. „Детективи, криминалисти, јавна администрација не може да работат во пазарниот инспекторат. Од кадрите коишто треба да бидат префрлени само 12 се правници и за нив ќе се најде решение. Но, нас ни требаат луѓе што ќе работат на терен, а не да седат во канцеларија“, дециден е Пауновски. Тој вели дека со несоодветна прераспределба на кадрите се доведува во прашање функционирањето на целата институција, во која изминативе години биле извршени коренити промени. Па така, ако во 2018 година, била затекната состојба од вкупно 300 вработени, од кои 210 биле административци, а само 90-мина оделе на терен, сега Пауновски тврди дека ситуацијата е многу променета. 

-повеќе на темата: Над осум милиони евра годишно за „армијата“ рамковно вработени

„Од 250 вработени, дури 180 се инспектори, додека останатите се администрација, за која обезбедивме соодветни услови за непречено работење“, вели тој. Покрај тоа што новите вработувања ќе доведат до „пренатрупување“ на канцелариите, со оглед на тоа што се бара тие да бидат распоредени во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, тој вели дека проблем е и тоа што кадрите не се со сооодветно образование. 

„Не мора сите да бидат инспектори, некој од нив може да работи и во администрација“, порачува министерот Шаќири, кој е дециден дека рамковните административци нема да бидат оптоварување за ниту една од институциите каде што ќе бидат префрлени, бидејќи државата веќе има обезбедно финансиски средства за нивните плати. 

И едната и другата страна очекуваат другиот да попушти и да направи отстапки со цел решавање на проблемот. „Се надевам дека ќе попуштат при реализацијата на планот, ние мораме да ја браниме нашата институција. Сметам дека треба да се бара ново решение“, дециден е Пауновски, кој денеска очекува да се реализира нова средба за настанатиот проблем. 

Над осум милиони евра за плати 

Државата секоја година издвојува над осум милиони евра за вработените според Рамковниот договор кои воопшто не доаѓаа на работните места. Според проценките, за десетина години рамковните вработувања ја чинеле државата околу 100 милони евра. Овие вработувања се спроведени во периодот 2008-2015 преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Според податоците, кои што ги презентираше деновиве министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, бројот на вработените во јавниот сектор, заклучно со 31 декември 2020 година, изнесува 131.183 лица во 1.332 институции. Според него, во споредба со истиот период лани, бројот на вработените во јавниот сектор е намален за 1.717 лица.

 

Владата ги укинува, привремените вработувања се множат

01:10

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми