1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Уметност

Адорно, Кле и Бенјамин – спомен и шифра

12 август 2019

Како да се зборува во спомен на мислител, кој велеше дека филозофот не смее да дозволи да го парафразираат? А секој омаж, дури и најсуптилниот, не може без парафрази.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Минатата недела, на 6-ти август, се исполнија педесет години од смртта на Теодор В. Адорно. Тој беше една од најхаризматичните личности на дваесеттиот век. Како да се зборува во спомен на мислител, кој велеше дека  филозофот не смее да дозволи да го парафразираат? А секој омаж, дури и најсуптилниот, не може без парафрази.  Во духот на неговата филозофија, поверен би бил споменот на оној, кој се сеќава низ особена констелација, во која раскажаното е слика и  шифра, а не  поим.

Има две личности кои трајно ме обликуваа во филозоф и уметник. Тоа се филозофот и композитор, Теодор В. Адорно (1903 – 1969) и сликарот и  виолинист, Паул Кле ( 1879-1940). Се сретнав со нивни дела во исто време. Во третата година од студиите по филозофија во Скопје, 1973-та.  Во еден напис во списание за астрономија, на кое беше претплатен брат ми Наум Барџиев, оти  сонуваше да студира астрофизика, најдов цитат од Адорно: „вистинскиот прогрес е да се отстапи од прогресот“. Се работеше за неконтролираниот технолошки прогрес. Не знам што ме погоди повеќе. Парадоксот во мислата на Адорно или таинственоста на неговото  име и презиме – Теодор Визенгрунд Адорно! Мислам дека беше второто. Самото име беше веќе шифра и музика.  Оттогаш почнав да трагам по се‘ каде што пишуваше нешто за Адорно. Тогаш уште немаше многу преводи на српскохрватски од него. Една година подоцна во Белград  го купив клучното дело на Адорно и Хоркхајмер, „Дијалектика на просветителството“.  Го прочитав во еден здив.

„Духовно роднинство“

Впечатокот од сликите на Паул Кле беше за мене откровение. Тогаш не ги видов во оригинал, туку во една енциклопедија. Кле, кого студентите на Баухаус го викале „големиот Буда“ не беше ниту малку похаризматичен од Адорно. Меѓу првите книги на германски што ги купив откако се преселив  во Германија беа „Дневниците“ на Паул Кле. Оттогаш се занимавам со неговото дело и биографија. Исто  толку интензивно колку и со делото на Адорно, на чија естетичка теорија магистрирав на универзитетот во Белград 1982-та. Естетиката на Адорно и онаа на Кант беа централни и во мојата докторска дисертација  две години подоцна. 

Теодор В. Адорно, една од најхаризматичните личности на дваесеттиот векФотографија: picture-alliance/akg-images

Адорно и Кле  останаа за мене патокази, по кои постојано трагам. Сите, кои филозофијата и уметноста не ја доживуваат само како професија, туку како   лична преобразба, ја познаваат потрагата по „духовно роднинство“. Такви се за мене Адорно и Кле. Тој однос не може да се „опредмети“, да се направи професија. Тој останува многу личен. Адорно малку пишува за делата на Кле. Во неговата „Естетичка теорија“ го споменува само на едно место. Адорно беше мислител на  зборот и тонот, а не  на сликата. Кај него важи старозаветната „забрана за слики“. Но, токму Кле му останува верен на истиот принцип, со тоа што создава слики, кои се компонирани како музичките дела. Кои не раскажуваат, туку „звучат“,  како музиката. Тие имаат навистина „загадочен карактер“, што е основниот белег на уметничкото дело кај Адорно.  Тие се слики, затворени во себе како шифрата. И се отвораат како невидливо писмо само за „посветените“ во сликарството. Онака како што го разбира  Кле, кога вели дека уметноста не го прикажува видливото, туку го прави невидливото видливо. Но не со тоа што го „открива“, туку со тоа што  пак го „прикрива“ – во сликата. Такви се сите дела на Кле. Иако Адорно во својата естетика посветува внимание на апстрактната уметност, неговите омилени  уметници се Самуел Бекет и Арнолд Шенберг. 

Ангелус новус“

Но, Кле и Адорно сепак се допираат  во невидливата животна констелација на третата личност, која е бездруго една од најзначајните во биографијата и филозофијата на Адорно. Иако тој пријател  е само кусо време дел од светот на Адорно, сепак останува невидливиот, постојано присутен соговорник во неговата  филозофија. Се работи за навистина неповторливата, восхитувачка, но толку трагична личност на филозофот Валтер Бенјамин (1892-1940). Бенјамин, имено,  го купил 1920-тата прочуениот цртеж  на Паул Кле, „Ангелус новус“. Кле секогаш одново црта и слика ангели. И во раниот период во Минхен, кога настанал овој цртеж. Но, секако, најинтензивно во последната година од животот,  во која дневно црта по неколку од прочуените цртежи со молив. Со кревок цртеж, како да е извлечен од  растрепераната детска рака. Ангели, бестежински привиденија. Преполни со самоиронија, виц и хумор. Расеани ангели, срамежливи ангели. Тие се уште во „чекалната за ангелство“, вели Кле. Насловите на сликите на Кле се посебно творештво. Тој сиот живот пишувал и поезија. Таа се чита и  во насловите на делата.  Кле го нацртал  „Ангелус новус“  во 1920 и го изложил на изложбата во мај истата година во галеријата на Ханс Голц во Минхен. Таму,  1921-та, за 1000 рајхсмарки (463 евра) Бенјамин го купува  цртежот „Ангел новус ". Тој станува шифра за неговото творештвото. Бенјамин не успеал навреме да пребега во Америка, како Адорно, уште пред почетокот на Втората светска војна. Додека во  октомври 1940-тата во Шпанија чека на брод за Америка,  очајниот Бенјамин си го одзема животот. „Ангелус новус“  потоа стигнал  кај Адорно, заедно со сета оставина на Бенјамин. Подоцна тој му го предал на другиот верен пријател на Бенјамин,  нa еврејскиот теолог Гершом Шолем. Тоа била последната желба на  Бенјамин. „Ангелус новус” сега се наоѓа во музејот во Ерусалим.  Патем, Паул Кле почина само неколку месеци пред Бенјамин, во јуни 1940-тата.

Сликарот Паул Кле, 1921 годинаФотографија: picture-alliance/akg-images

Адорно и Бенјамин се германски Евреи, родени во високата граѓанска класа. Се запознале  некаде во исто време кога Бенјамин  го купил цртежот на Кле.  Тоа значи, на  нивните средби во Берлин, во станот на Бенјамин, и Кле бил  невидливо присутен. Преку  „Ангелус новус“. Бенјамин  бил пријател на богатата, убава и умна Еврејка, Маргарете (Гретел) Карплус. Нејзиното семејство поседувало фабрика за кожа во Берлин. Така започнува  големата љубов на Адорно, кого пријателите го викале „Теди“, со Гретел Карплус, неговата идна сопруга и најблиска соработничка. Нема една реченица во  ракописите на Адорно која не била проверена од неа. Адорно во 1924-тат година ги завршува  студиите по филозофија во Франкфурт,  со дисертацијата за феноменологијата на Хусерл. Во 1925-тата заминува  во Виена, да студира композиција кај Албан Берг.

Музички врски

Адорно сиот живот компонира, а често одржува и пијано-концерти  за мал круг публика. Мајката на Адорно, Марија Калвели - Адорно била оперска пејачка, а нејзината немажена сестра, која живеела со семејството Визенгрунд, била пијанистка.  Тој вели дека имал среќа да има две мајки, оти двете сестри го воспитувале и  музички го воспитувале. Во спомен на мајка си и тетка си, Адорно го напиша прекрасниот есеј „Со четири раце, уште еднаш“. Во него тој ја открива атмосферата во која растел. Ниту во фамилијата на Паул Кле не недостигало музичкото образование. Татко му бил професор по музика во гимназијата во Берн, а мајка му оперска пејачка. Кле во младоста сакал да стане виолинист, но сепак, се одлучува за сликарството. Но Кле слика како музичар и сето време свири во симфониски оркестри. Адорно  денот  го започнувал свирејќи го Бах и Бетовен. Кле секој ден претпладне свирел неколку часа виолина. Најчесто Моцарт.

Има уште една констелација која невидливо ги поврзува биографиите на Адорно и Кле. Композиторот Арнолд Шенберг, исто така Евреин, творецот на атоналната музика, на кој Адорно цел живот му се восхитува, бил близок со  рускиот сликар Василиј Кандински. Неговото длабоко пријателство со Паул Кле потекнува од времето кога заедно студираат  сликарство во Минхен. Тоа станува уште поинтензивно кога обајцата стануваат професори во Баухаус. Малкумина знаат дека Кандински се интересирал за  учењето на Кабалата, веројатно кога го пишувал списот  „За духовното во уменоста“. Тоа го поврзало со Шенберг. А исто толку малку е познато дека Шенберг бил и сликар. Пред години во Келн гледав негови слики во музејот Лудвиг.

Паул Кле и Василиј Кандински, 1927 година во градина во Десау, фотографија објавена на изложбата на двајцата сликари во Минхен Фотографија: Bibliothèque Kandinsky/Foto: Nina Kandinsky

Додека студирав во Скопје, но и кога работев на факултетот и пишував магистерски труд за естетиката на Адорно, мојот восхит за Адорно  се пренесе и на мојот  најблизок колега, сега веќе починатиот Златко Лечевски. Јас ги откривав прва книгите на Адорно. И му ги препорачував. А тој потоа ги „голташе“, како и јас. Кога се преселив во Германија, мојот примерок на книгата  од Адорно и Хоркхајмер, „Дијалектика на просветителството“, остана кај него. Во Германија веќе можев да ги читам делата на Адорно и Бенјамин, но и тие на Кле,  во оригинал, на германски. Всушност, германскиот го учев читајќи ги нивните дела. На мојот филозофски стил многу влијаеше  јазикот на Адорно. Како што и делата на Кле прозвучуваат и во моите слики и цртежи. Пред две години ми напиша од Скопје младиот филозоф Мариглен Демири дека  тој сака да пишува магистерски труд за Адорно. Ми рече дека ќерката на Златко му  ја подарила книгата „Дијалектика на просветителството“. На  првата страница пишувало „Кица“. Мариглен го добил мојот одамна  заборавен  примерок. Невидливо, преку Златко. Иако Мариглен никогаш не ми беше студент.

И така  го затворам кругот, полн со  љубени имиња, шифри на надеж и творештво, констелации  со загадочен карактер - мојот личен омаж на педесетгодишнината од смртта на  големиот мислител Теодор В. Адорно, кому му должам толку важни сознанија за мене и за мојот пат во животот и во творештвото. Првиот мој омаж беше на мојата прва изложба во Германија, на дваесетгодишнината од смртта на Адорно, на која еден германски пијанист, подоцна мој драг пријател,  го свиреше Шенберг. Првото што ми го кажа пијанистот, кој имаше големи очи како Адорно и Шенберг, беше: „Знаете ли дека  Кандински и Шенберг биле пријатели?“

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми