1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ад-хок бесмислица

Зоран Јордановски28 август 2016

Нужни се 3 дена трпение да се дознае дали во РМ ќе има избори во декември, а 3 месеци за да се дознае мотивот за нив. Македонија и Грција трасираат пат на доверба - води ли тој кон консензус? Колумна на Зоран Јордановски

Фотографија: Fotolia/picsfive

Само уште три дена ќе трае неизвесноста дали предвремените парламентарни избори во Македонија ќе се одржат во декември годинава или сепак догодина, можеби заедно со локалните. Од условите што беа договорени од страна на лидерската четворка остана нереализирано само формирањето на ад-хок групата за мониторинг на медиумското известување. Тука се потврди она што беше јасно уште од самиот почеток: дека таков нонсенс едноставно не може да функционира. Не беше потребен голем ментален напор да се предвиди ваквиот тек на работите. Јасно беше дека тоа тело не може да функционира поинаку од неформалното тело чија рожба е – лидерската четворка. Новинарите-претставници на двата спротивставени табора не можат меѓу себе да се договорат околу петтиот член. И повторно не е потребен голем ментален напор да се предвиди како би изгледала работата на ад-хок комисијата, ако таа воопшто проработи. Овде совршено се совпаѓа и фактот дека не е договорена ни методологијата за работа на таа комисија. Подробностите од предлозите, што излегоа на виделина во некои од медиумите се куриозитетни: девет дозволени кршења на правилата за урамнотежено известување на предизборните партиски кампањи, на десеттото да следува укор, или она, за бонус од педесет проценти за владеачките партии. Дури и ако станува збор само за предлози, сепак е апсурдно. Оттука, се чини дека голем ментален напор е потребен само за да се сфати согласувањето на опозицијата да оди на избори под условите што ги прифати.

Зоран Јордановски

Ако лидерската четворка самата ги реши преостанатите нерешени прашања (ако појдеме од претпоставката дека избирачкиот список е навистина прочистен и реален, за што, ми се чини, е неопходна одредена доза на фантазија) и ги стави потписите под договорот за избори во декември, ќе имаме прва основа за сомневањата во однос на мотивите за одржување на избори во таков амбиент, каков што е во Македонија. Дефинитивниот одговор нормално ќе уследи по изборите – тогаш на сите ќе им стане јасно кој бил мотивот на потписниците на договорот за предвремените избори. Ако излезе на виделина некаков „дил”, избирачите би морале да се чувствуваат измамени – во овој случај од сите партии потписнички. Тоа би значело крај на надежите за излез од кризата преку еден нов почеток за создавање вистински демократски амбиент во земјата, со уште покатастрофални последици.

„Добар“ наспроти „разумен“ компромис

Македонија и Грција, навидум или и фактички, почнаа да постапуваат на најрационалниот можен начин – во зачестени контакти и меѓусебни посети, но и во практиката, да ги бараат и поттикнуваат работите што ги поврзуваат обете земји, кои се од обостран интерес, а нерешливите проблеми да ги остават во мирување. За позитивни чекори никогаш не е доцна, иако јавноста во обете земји веќе две и пол децении постојано е труена со национализам и антикизам, по што сега е многу тешко да се пречекорат, односно да се надминат поставените црвени линии.

Фотографија: Kabinett des Präsidenten der Republik Mazedonien

Само мерки за градење меѓусебна доверба водат кон излез од секоја криза. Ако постои меѓусебна доверба, ќе постои и вистински респект за аргументите на секоја од страните, без што нема ни „добар компромис“, за што се заложи грчкиот министер за надворешни работи при посетата на „северната пријателска земја“. Тој не објасни што подразбира под посакуваниот „добар“, а што под несаканиот „гнил“ (а не „расипан“!) компромис. За Македонија во проблемот со името нема компромис кој би бил добар, па не сме начисто ни како таа си го замислува „разумниот комромис”, за кој се залага нејзиниот претседател. Сигурно е дека ќе биде нужна голема дипломатска вештина (покрај неопходниот внатрешнополитички, но уште повеќе и општествен консензус) за Македонија да се извлече од спорот со што е можно помала штета (иако таа и досега всушност е огромна). Во тој спор од самиот почеток Македонија е ставена во подредена ситуација: прво, неправедно ѝ беше наметнато барање да се откаже од своето неприкосновено и меѓународното гарантирано право самата да си го определи името. Потоа таа беше принудена на отстапки – си го смени знамето и уставот, без тоа побитно да повлијае за постигнување конечно решение. Грција, пак, доби сојузничка, но непринципиелна подршка за своето неправедно барање (оти тоа е не само спротивно на меѓународните норми, туку и на принципите што ги прокламираат ЕУ и НАТО), а на крајот уште Македонија беше соочена со непризнавање на недвосмисленото решение на највисокиот суд на меѓународната заедница во нејзина полза во тој спор. Постигнување „разумен” консензус под овие услови би бил преголем залак и за далеку поискусна дипломатија од македонската, која досега не покажа ни приближно потребен капацитет.

Спортски херои или грешници?

На крајот само уште збор-два за глобалниот мега-настан, олимијадата во Рио. Таа во фокусот го стави прашањето за оправданоста на такви манифестации поради енормните трошоци за организацијата и за исполнување на инфраструктурните услови што ги поставува Меѓународниот олимписки комитет. Протестите во Бразил спроти олимписките игри и референдумското одбивање на кандидатура за зимска или летна олимпијада од страна на граѓаните (на пример во Хамбург за летна и во Минхен за зимска олимпијада), многу јасно покажуваат дека во време на економски кризи и растечки расчекор меѓу сѐ поголемиот круг на осиромашено население и сѐ помалиот, но сѐ поекстремно богатиот слој на граѓани, луѓето веќе не можат да се залажуваат со panem et circenses („леб и игри“).

Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Bothma

Модерните гладијатори во Рио, навистина, дадоа сѐ од себе, соборија редица рекорди, натамошно ги поместија границите на човековите можности. Но, и по Рио останува прашањето - по која цена, на кој начин? Затоа сум многу љубопитен кој од нив во наредните години, преку натамошно усовршување на анти-допинг методите, од спортски херој ќе биде бележан како допинг-грешник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми