Аеродромската писта во Хановер „расцвета“ од горештината
ЖА / агенции
25 јули 2018
Летната горештина предизвика испукување на стартната писта на аеродромот во Хановер. Бројни летови беа откажани, а стотици патници ноќта ја поминаа во аеродромската зграда.
Реклама
Континуираните високи температури предизвикаа оштетувања на расположивата аеродромска писта, поради што аеродромот во Хановер синоќа мораше да биде затворен. Јужната писта веќе е надвор од употреба поради санирачки работи.
Утрово, по поправката која беше извршена ноќеска, воздушниот сообраќај е повторно воспоставен, потврди портпаролка на аеродромот, но сѐуште има отпаднати летови и доцнења. „Планираме попладне целосно нормализирање на состојбата“, изјави портпаролката.
Засегнати од затворањето на аеродромот, според официјални информации, биле 41 полетување и 44 приземјувања. За патниците кои останаа заглавени на аердромот ноќеска биле донесени монтажни кревети. Дел од авионските летови кон Хановер биле пренасочени кон Падерборн или Диселдорф.
Екстремно високите температури во Германија инаку продолжуваат, за денеска се предвидуваат 36 степени, а за в петок дури 38 степени.
11 германски изрази кои ќе ви бидат потребни во лето
Лето е во Германија. Тоа значи одење на одмор, ладење во локалниот базен или уживање на топлото сонце. Ова се 11 германски зборови кои веројатно ќе ги слушате често летово.
Фотографија: AP
Urlaubsreif
По повеќемесечна напорна работа, подготвени сте за одмор. На германски, во буквален превод ќе биде „зрели за одмор“. Земајте го костимот за капење пред да почнете да се чувствувате како скапан домат!
Фотографија: Sergey Peterman/Fotolia
Fernweh / Heimweh
Страдате ли од „болка за оддалеченост“? Тоа значи дека сакате да патувате во далечна земја толку многу - што боли. Германците се светски шампиони во патување (иако Кинезите полека ги надминуваат), но што ќе се случи доколку сте во странство и одеднаш ви недостасува домашната зелка на вашата мајка? Тоа значи дека страдате од Heimweh: копнеете за дома или носталгија.
Одморот е релаксирачки кога не морате да готвите - па дури не морате да барате ни ресторан. Кога сите ваши оброци, па и пијалоци, се вклучени во цената на престојот, тоа се нарекува All-In Urlaub, или одмор со сѐ вклучено. Германците сакаат да користат англиски изрази за многу работи. Во овој случај би можел да се примени и германскиот израз Pauschalurlaub.
Фотографија: picture-alliance/zb/A. Lander
Reiserücktrittsversicherung
Многу често, Германците сакаат да бидат сигурни и подготвени. Доколку сакате порано да резервирате одмор, но има шанса нешто да излезе, добро е да се купи патничко осигурување. Германскиот збор за тоа ќе ви го „искрши“ јазикот и во буквален превод значи „патничко осигурување за повлекување“.
Фотографија: Imago
Stau
Германските покраини во различни периоди прогласуваат годишен одмор, за да не се случи целата земја одеднаш да тргне на пат. Но турканици на патиштата - Stau - се редовна појава во првиот и последниот викенд од училишниот распуст. Мудро е да се тргне на пат на среде недела, затоа што тогаш има далеку помали колони.
Фотографија: picture alliance/dpa/R. Vennenbernd
Sommerfrische
Во превод: „летна свежина“. Sommerfrische е релативно стар термин кој датира од 19. век. Во германскиот речник на браќата Грим, тој е дефиниран како желба на урбаните жители да заминат во природа на освежување во текот на летото. Тоа било редовна пракса на благородниците во тоа време, меѓу другото и поради тоа што немало канализација во градовите, па тие не биле многу свежи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Affenhitze
Толку е жешко надвор што се потите „како свиња“. Во таква ситуација, Германците во игра внесуваат друго животно: мајмунот. Овој орангутан од Борнео избегал од Affenhitze (мајмунска жештина) наоѓајќи место под сенка меѓу крошните.
Фотографија: picture-alliance/WILDLIFE
Sonnenstich
Доколку не можете да најдете сенка во дрвјата како мајмунот, снајдете се што побрзо. Во спротивно ризикувате Sonnenstich или сончаница. Овие лежалки, типични за плажите во северна Германија, го блокираат ветрот, но кога е многу жешко - и сонцето.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner
Freibad
Во Германија има околу 7.000 јавни базени и повеќе од половината од нив се нарекуваат- Freibäder- слободни базени. И не, не се бесплатни: се нарекуваат слободни затоа што се лоцирани надвор, а не во сала како Hallenbad. За разлика од затворените базени кои се отворени цела година, Freibad се особено популарни налето.
Фотографија: picture-alliance/ZB/J. Woitas
Sauregurkenzeit
Летото е „време за кисели краставички“- или Sauregurkenzeit во Германија. Не дека луѓето тука јадат повеќе краставици во ова време од годината. Терминот датира од 18. век кога налето имало толку малку храна што единственото нешто за јадење биле краставички. Подоцна е адаптиран, па сега значи период со малку работа и многу често го користат новинарите за нивната работа налето.
Фотографија: picture-alliance/Andreas Franke
Altweibersommer
Ех да траеше летото вечно! Некои години летото продолжува и во текот на есенските месеци. Англичаните тоа го нарекуваа индијанско лето, балканците - „циганско лето“, а Германците Altweibersommer. Се претпоставува дека терминот доаѓа од зборот „weiber“ кој се однесува на мрежата која пајаците ја плетат кон крајот на летото.