1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Опасноста демне во затворени простории

СН/агенции
13 април 2021

Затворени пешачки зони и полициски час? Германските истражувачи на аеросоли го сметаат ова за претерано. Во споредба со затворените простории, според нив, ризикот од корона-инфекција на отворено е исклучително низок.

Coronavirus Schutzwirkung von Masken
Фотографија: imago images/Arnulf Hettrich

Водечките истражувачи на аеросоли од Германија ги повикуваат политичарите да го променат курсот во мерките за спречување на пандемијата на коронавирусот. „Ако сакаме да ја ставиме пандемијата под контрола, мора да ги сензибилизираме луѓето дека опасноста демне во затворени простории“, се вели во писмото до сојузната и покраинските влади, кое го цитира новинската агенција ДПА.

Сарс-Ков-2 речиси без исклучок се пренесува во затворен простор. „За жал, до денес, значајни наоди од нашите истражувања не се преточени во практично дејствување“, критикуваат авторите. Мерки треба да се преземаат во домовите, канцелариите, училниците, станбените комплекси и установите за згрижување. Тие предупредуваат дека инфицирање се случува во затворена просторија дури и ако не се сретнете со некого директно, но претходно во неа било заразено лице, а просторијата била лошо проветрена. Се смета за сигурно дека коронавирусот се шири пред сѐ преку воздухот. Ова може да се случи преку капките што се создаваат при кашлање и кивање на зарзеното лице и се апсорбираат преку мукозните мембрани на здравото лице. Или преку аеросолите, мешавини на цврсти или течни суспендирани честички во воздухот кои содржат честички на Сарс-Ков-2.

Фотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Нема кластери на отворено

Тие се дефинирани како јадра на капки помали од пет микрометри и обично остануваат подолго во воздухот отколку поголемите капки кои брзо паѓаат на земја. Аеросолните честички можат да лебдат во воздухот со часови до денови. Другите начини на заразување - на пример преку допирање на контаминирани површини - играат многу помала улога во процесот на инфекција. Дебатите за забрани на шетањето по речните променади, седењето во пивските градини, трчањето или возењето велосипед се контрапродуктивни, се вели натаму во писмото на истражувачите на аеросоли.

Повеќе:

-Колкава е опасноста да се заразите со коронавирус на отворено?

-Потценетa опасностa од корона-аеросолите

-Коронавирусот се пренесува преку дишење, кои маски помагаат?

Таквите забрани се повеќе од симболична природа и од нив „не може да се очекува значително да влијаат врз процесот на инфекција“. На отворено, инфекциите се исклучително ретки, со удел во промили во вкупниот број на инфекции. Ограничените ресурси не треба да се трошат на вакви мерки. Исто така, на отворено нема заразување на големи групи луѓе - т.н. кластери - какви што се забележуваат во затворени простории, на пример во домовите за стари лица, училиштата, хорските проби или патувањата со автобус.

Од гледна точка на научниците, полицискиот час, за кој според медиумите сега се залага германската сојузна влада, ветува повеќе отколку што може да испорача. „Со тоа не се спречуваат тајните средби во затворени простории, туку само се зголемува мотивацијата уште повеќе да се прекршуваат одредбите на властите“, пишуваат тие. „Да носите маска во пешачка зона, а веднаш потоа да седнете на кафе со некого во вашата дневна соба без маска не е она што ние како експерти го подразбираме под превенција на инфекција“.

Што пократки средби во затворени простории

Во намерата за воедначување на мерките за заштита од коронавирусот на национално ниво, сојузната влада се залага за воведување на полициски час од 21 до 5 часот наутро, ако во седум дена во определен регион се регистрираат повеќе од 100 нови инфекции на 100.000 жители.

Наместо тоа, авторите на писмото препорачуваат средбите во затворени простории да бидат што пократки, и во нив со често и вкрстено проветрување да се создадат услови како на отворено, да се носат ефикасни маски во затворени простории и да се инсталираат прочистувачи на воздухот и филтри во оние затворени простории каде луѓето мораат подолго да се задржуваат, како на пример во домови за стари лица, канцелариите и училиштата.

Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

„Комбинацијата од овие мерки води до успех. Ако ова се комуницира соодветно, луѓето ќе си повратат дел од слободата на движење во овие тешки моменти“. се вели натаму во писмото. Негови потписници се претседателот на Друштвото за истражување на аеросоли, Кристоф Асбах, генералната секретарка Биргит Венер и поранешниот претседател на меѓународното друштво за аеросоли во медицината, Герхард Шоjх.

Дополнителни сезонски ефекти

Истражувачите од Техничкиот универзитет во Берлин во февруари објавија пресметки за ризикот од инфекција за различни сценарија во затворени простории. Според пресметките, ризикот во фризерски салон, во полупразни музеи,театри и кина, но исто така и во супермаркетите, е споредбено низок. Ризокот пак е значително повисоко во фитнес студијата и особено во средните училишта и канцелариите со повеќе лица, пресмета тимот предводен од раководителот на студијата Мартин Кригел.

Таквите пресметки се неверојатно комплексни, истакнува експертот за аеросоли Шојх за овие податоци. Резултатите, кои многу прецизно го посочуваат ризикот, даваат впечаток на прецизност што не постои, вели тој.

Според истражувачите, во наредните топли месеци ќе настапат дополнителни сезонски ефекти на отворено. Така на пример, на повисоки температури ослабува стабилноста на обвивката на вирусот. Сончевите зраци, особено УВ-зрачењето, ги оштетуваат генетските информации на вирусот - патогенот се деактивира. Покрај тоа, имунолошкиот систем на човекот работи поинаку во текот на летото, а веројатно настапува и ефектот на повторно растечкото создавање на витамин Д во телото со помош од сончева светлина. Сепак, не е јасно колку силно сезонските ефекти можат да ја забават стапката на инфекција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми