1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: Без Македонија Шенген ќе колабираше

ЕМФ /welt.de
19 октомври 2016

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на ЕУ ѝ префрла дека со години ги одолговлекува преговорите за приклучување во ЕУ. Во интервју за „Велт“ тој вели дека без Македонија Шенген ќе колабирал.

Mazedonien Nikola Poposki Außenminister
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во интервју за „Велт“, меѓу другото, вели: „Што се однесува до почетокот на преговорите за приклучување, ние уште во 2009 година ги исполнивме сите критериуми, но за тоа не се грижи никој. Ако бевме фер третирани, сега ќе бевме во седмата година од преговорите.“

Македонскиот министер за надворешни работи изразува стравување декаприклучувањето кон ЕУ би можело да се одолговлекува и натаму поради бегалската криза. Тој потсетува дека Македонија со затворањето на границата кон Грција во март годинава придонесла значително за намалување на притисокот врз државите на ЕУ. „Ако Македонија не ја затвореше границата, Шенген ќе колабираше, а секоја земја одделно ќе мораше да воведува гранични контроли. Најповолното и политички најприфатливото решение беше тоа да го стори некој друг - ние го направивме тоа“, вели Попоски во интервјуто.

Тој додава дека Македонија ја затворила границата за да докаже дека е зрела за приклучување кон ЕУ, но досега од Германија и ЕУ нема добиено доволно помош за обезбедување на границата. „Ако се погледне колку пари доби Грција и што сѐ е сторено за нејзе, тогаш тоа е неспоредливо“, вели Попоски.

Околу актуелната состојба на границата, тој за „Велт“ оценува: „Во моментов, во лоши денови, на границата доаѓаат по неколку стотини луѓе. Илегалното минување на границата го спречуваме во најголемиот број случаи.“

За границата да може да се контролира како што треба, неопходна е поддршка преку билатерални договори, вели Попоски, додавајќи дека помош од европската Агенција за заштита на границите - Фронтекс, не е потребна: „За нас нема разлика дали австрискиот полицаец на границата работи под австриско знаме, или како дел од Фронтекс.“

Министерот за надворешни работи бара подобра размена на информации со земјите на ЕУ во борбата против тероризмот. „Голем дефциит е што ние во овој дел не сме третирани како рамноправен партнер“, нагласува Попоски, додавајќи дека тоа е неопходно за да се спречи криумчарење терористи преку бегалските рути. „За тоа да се спречи, треба да се зајакне размената на информации со земји кои не се дел од ЕУ, а кои се наоѓаат на бегалската рута“, вели во интервјуто за „Велт“ македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми