Ако нема прогрес за името,резултатот би бил вето!
5 ноември 2007По продолжението на преговорите за името во Њујорк и новиот предлог на медијаторот Нимиц,нема официјални коментари од грчка страна.Грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани денеска заминува на европска турнеја, веројатно ќе лобира кај партнерите во Лондон,Берлин и Париз да го поддржат грчкиот став во спорот со името со Македонија.
Но,за тоа каква е атмосферата во Грција,во разговор за Дојче Веле пренесе грчкиот професор Танос Докос,шеф на Грчкиот институт за европска и надворешна политика.
Грција молчи според договорот
За тоа зошто Атина молчи,Докос смета:
„Грчката страна објави дека било каква реакција или коментари за предлозите ќе му се даваат само на медијаторот Метју Нимиц, и до сега тоа го почитува. Изјави во јавноста не му помагаат на преговарачкиот процес. Ова е екстремно емотивна тема за двете страни и давањето јавни оценки, особено негативни ,не помагаат многу за изнаоѓање решение.
За атмосферата во Атина можам да ви кажам дека постои општо чувство дека ФИРОМ се обиде да ги промени правилата на игра во преговорите. Низ годините на преговори постоеше цел да се најде име, кое ќе биде прифатливо за двете страни. Поради тоа и пред неколку години имаше предлог за името Горна Македонија, за кое начелно имаше согласност, но никогаш не се постигна договор. Такво име, во кое има мала промена од сегашното уставно име, е прифатливо за грчката страна. Во Грција сега владее мислење дека ниту една сегашна или идна грчка влада нема да може да отстапи од таквата позиција и да прифати уставно име. Ако нема прогрес, за жал крајниот резултат ќе биде грчко вето, иако тоа би било негативно за двете страни. Во тој случај ниту една од двете страни нема да победи и двете ќе загубат. Но, атмосферата во Атина е таква дека Грција нема да прифати уставно име.
Ако треба да се донесе одлука следниот април во Букурешт, се плашам дека грчкиот одговор би бил вето. “
Одлагање на приемот во НАТО-една од опциите
Дали ова се наоѓа на агендата на Бакојани и што се очекува од дипломатската офанзива,Докос вели:
„Не знам дали на агендата на Бакојани, за време на европската дипломатска офанзива, е да бара одлагање на поканата за членство, но знам дека македонско грчкиот спор со името е една од главните теми за кои таа ќе бара поддршка за грчката позиција. Секако може да стане збор и за одлагање на поканата. Особено ако НАТО не е задоволен од прогресот кој го има постигнато Македонија тогаш може да донесе таква одлука и без да му се меша Атина.“