Најголемата навивачка зона во Русија беше отворена во текот на изминатиот викенд пред московскиот универзитет Ломоносов. Илјадници студенти протестираа против тоа. Еден од нив се осмели на особено голем ризик.
Реклама
„Не за навивачка зона“ - оваа речиси безопасна реченица скапо го чинела Дмитриј Петелин. Младиот студент по филологија на московскиот универзитет Ломоносов ја напишал на еден од плакатите кои се закачени насекаде во универзитетскиот камп и кои ги канат посетителите од цел свет во најголемата навивачка зона во Русија.
Не минало долго време и плакатот бил тргнат од страна на организаторите и заменет со нов, „чист“ плакат. Дмитриј Петелин прво имал работа со полицијата, а потоа и со обвинителството. Обвинет е за вандализам. За тоа во Русија се добива висока парична казна, многу часови бесплатна работа или - во најлош случај - до три месеци затвор.
„Ако си баксуз, можеш да завршиш в затвор“
„Погледнете десно“ - Петелин покажува на главната зграда на својот елитен универзитет, која е заштитена со законот за заштита на културни споменици. „Овде учат и живеат студенти. Овде се предавалните и студентските домови во кои студентите мора да се подготвуваат за летната испитна сесија. И сега погледнете лево - овде би требало да врескаат 25.000 фудбалски фанови.“
Помеѓу има само 300 метри. Премалку за Петелин и неговите 15.000 истомисленици, студенти и доценти, кои почнаа онлајн-петиција за да протестираат против навивачката зона. Со недели на универзитетското раководство му укажувале на можноста од уништување на историските архитектонски елементи на светски познатиот универзитет, како и на стравувањата од уништување на дрвјата и растенијата во паркот кој е во близина - зелена оаза со уникатна флора и фауна среде Москва. Но, нивните обиди биле попусти. Тогаш, Дмитриј Петелин се фатил за боја и сиот свој бес го испишал во три збора на еден од плакатите.
Веќе наредниот ден пред неговата врата чекале полицајци, морал да го предаде својот мобилен телефон и да замине во полициска станица. „Ме третираа уредно, без физичко насилство, но вршеа психолошки притисок. Ако имаш среќа, ми рекоа, ќе леташ од универзитетот, а ако си баксуз, ќе завршиш в затвор“, раскажува Петелин за ДВ.
Случајот доби политички димензии
Студентот по сослушувањето можел да се врати дома, но истрагата не била завршена. Реакцијата на властите на оштетувањето на еден очигледно не многу скап плакат била остра. Толку остра, што локалниот и меѓународниот печат се зафатил со случајот и целата работа добила политички димензии.
На прашањата на ДВ за студентските протести, универзитетот Ломоносов одговори писмено: „Универзитетското раководство презеде мерки за да ги минимизира непријатностите поради престојот на навивачите во блиската фан-зона“. Притоа се мисли на оддалеченоста од околу 300 метри до главната зграда. Првично било планирано навивачката зона да биде уште поблиску. Кога случајот на студентот се расчул и надвор од границите на Русија, на властите им „светнало“ дека веројатно претерале.
Ректорот се заложил за Петелин
Ректорот на универзитетот Ломоносов, Виктор Садовничиј, се заложил за студентот Петелин кај заменикот министер за внатрешни работи Александер Горовој, и побарал да не го казнува „злосторникот“: „Со оглед на фактот што ова дело е извршено од бруцош, кој инаку е добар студент, Ве молам да размислите за можноста за непреземање правни чекори против него“, пишува ректорот на бирократски руски јазик. Покрај тоа, тој го уверува „ценетиот наслов“ дека самиот универзитет ќе спроведе „просветителски и воспитни мерки од профилактички тип“ кон студентот.
Конечно, стигнала веста дека обвинителството го повлекува обвинението. Петелин помина само со претрпен страв. „И, сега што?“, ги праша ДВ истомислениците на Петелин од „иницијативната група“ на незадоволни. „Сега сѐ зависи од навивачите и нивното однесување“, гласеше одговорот.
Градови и стадиони - домаќини на Светското првенство во Русија
Фудбалските навивачи од целиот свет од 14 јуни погледот го вртат кон Русија. Светското првенство во фудбал се игра во 11 градови и на 12 стадиони. Погледајте каде се одржува смотрата на најдобрите репрезентации во светот
Со околу 10,4 милиони жители, Москва е најголем град во Европа. Најпозната градба е Кремљ, каде што се наоѓа седиштето на претседателот Владимир Путин. На територијата на метрополата се наоѓаат над 600 цркви. Москва затоа често се нарекува „трет Рим“ (по вистинскиот Рим и Константинопол-Цариград). Москва е единствен град домаќин со два стадиона.
Фотографија: Picture alliance/dpa/S. Stache
Стадионот Лужњики- Москва
Сите учесници на Светското првенство би сакале да настапат тука, и тоа по можност на 15 јули, во финалниот натпревар. Стадионот е изграден во дамнешната 1956 година и тука се одржаа Летните олимписки игри во 1980 година. За Светското првенство во фудбал е реновиран и проширен, и сега тука има места за 81.000 посетители. Русија тука ќе го отвори турнирот на 14 јуни со мечот против Саудиска Арабија.
Откритие арената е отворена во 2014 година. Тоа е нов стадион на московскиот Спартак. Веројатно најпознатиот руски фудбалски клуб со години чекаше да добие свој стадион. На Купот на конфедерации тука беше одиграна средбата за трето место. На Светското првенство тука ќе се играат 4 натпревари по групи и еден во осминафиналето. Капацитетот е 45.000 гледачи.
Фотографија: Picture alliance/dpa/S. Suki/EPA
Санкт Петербург
„Најубавиот град на светот“- така за заподноруската метропола зборуваше нобеловецот Јосиф Бродски. Градот на Нева навистина заслужува да се посети. Познатиот цар Петар Велики го основал Санкт Петербург во 18 век како „капија кон Запад“. Тогаш набрзина се изградени голем број величествени палати и раскошни замоци.
Новиот стадион на Зенит е изграден на истото место каде што се наоѓаше и стариот стадион на овој клуб. Место има за 68.000 гледачи. За време на изградбата трошоците постојано растеа и на крајот изнесуваа 930 милиони евра. Германската репрезентација има убави спомени од овој стадион- тие на 12 јули 1917 година го освоија Купот на конфедерации.
Фотографија: Picture alliance/dpa/D. Lovetsky/AP
Екатеринбург
Заштитен знак на најисточниот град на домаќините на Светското првенство е овој храм, познат и како „Храм на крвта“. Изграден е 2002 година на местото на кое во 1918 година, една година по Октомвриската револуција, е убиено царското семејство.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Централен Стадион- Екатеринбург
Стадионот во Екатеринбург досега беше со многу мал капацитет и не ги исполнуваше условите кои ФИФА ги постави пред домаќините на турнирот. Русите едноставно го зголемија капацитетот на 35.000 со изградба на дополнителна трибина на која има место за 12.000 посетители. По турнирот трибината ќе биде отстранета. На овој стадион инаку настапува ФК Урал од втората лига.
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/V. Sergeev
Ростов Арена- Ростов на Дон
Арената во Ростов е подигната за потребите на Светското првенство 2018. Тука настапува РК Ростов, руски прволигаш. За време на градежните работи тука се пронајдени повеќе неексплодирани бомби од Втората светска војна. Во арената капацитетот е за 45.000 гледачи. Тука се играат 4 натпревари во групната фаза и еден меч од осминафиналето.
Во главниот град на република Татарстан живеат припадници на разни култури и религии- мирно и заедно. Муслимански џамии покрај православни цркви. Повеќекратниот првак Рубин е најважен спортски клуб во градот на Волга.
Камен-темелникот за овој стадион го положи лично Владимир Путин во периодот кога беше премиер на Русија. Во Арената со капацитет од 41.585 места, настапува Рубин, фудбалски клуб кој во изминатите години во повеќе наврати ја освојуваше титулата првак на Русија.
Над Волгоград, градот кој стекна тажна слава поради своето поранешно има Сталинград, бдее статуата „Мајката татковина повикува!“ Таа потсетува на победата на Црвената армија над германскиот Вермахт во Втората светска војна.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Стадион Нижни Новгород- Нижни Новгород
Оваа арена е една од девет стадиони кои се комплетно изградени за потребите на Светското првенство. Стадионот има капацитет за 45.000 гледачи. Се гради на полуостров, на местото каде реката Ока се влева во Волга. За време на турнирот, тука ќе се играат натпревари во групната фаза, еден меч во осминафинале и еден во четврт-финале.
Фотографија: picture-alliance/AP Images
Калининградски стадион- Калининград
Калининград е најзападниот град на домаќинот на Светското првенство 2018. За време на турнирот на овој стадион ќе има места за малку над 35.000 посетители, а по Првенството капацитетот ќе биде намален на 25.000. Причина за тоа: локалниот клуб ФК Балтик не може да ги наполни трибините бидејќи „ротира“ меѓу втората и третата лига.
Фотографија: picture-alliance/TASS/V. Nevar
Саранск
Заштитен знак на градот е Катедралниот храм на Свети Теодор Ушаков. Изграден во традиционален стил на православните цркви, но е стар само 13 години. Стариот храм е срушен во 1930 година, а изградбата на новиот започна во 2004 година. Во него има место за 3.000 верници.
Фотографија: picture-alliance/M. Becker
Арената Мордовија- Саранск
Арената во Саранск има капацитет од 44.000 места. Проектирана е од германскиот архитект Тим Хупе. По Светското првенство во фудбал нејзиниот капацитет ќе биде намален на 28.000 места и во иднина тука би требало да настапува локалниот клуб Мордовија кој во моментов се натпреварува во третата руска лига.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Kudenko
Космос Арена- Самара
Овој стадион во Самара изворно беше планиран на еден остров на реката Волга, но немаше мост. Затоа градбата е „преместена“ и, покрај протестите на локалното население, незапирливо напредуваше, попримајќи сѐ поголеми димензии- од на почетокот планираните 27 хектари на дури 930 хектари. Во Арената треба да има место за 44.000 гледачи.
Фотографија: Reuters/M. Shemetov
Сочи
Сочи, градот со суптропска клима, стана познат ширум светот во 2014 година како град домаќин на Зимските олимписки игри. Критичарите тогаш се жалеа поради превисоките трошоци за спектаклот на брегот на Црното море. На улиците на Сочи еднаш годишно се возат и трки на Формула 1. Сочи годишно го посетуваат околу 4 милиони туристи, а него често го посетува и рускиот претседател Владимир Путин.
Стадионот со капацитет од 41.220 места е изграден за потребите на Олимпијадата 2014. Има кров и може да се претвори и во сала. Меѓутоа, со оглед на тоа дека ФИФА пропишува оти стадионите на Светското првенство мораат да бидат отворени, еден дел од конструкцијата е отстранет. Освен натпревари за време на групната фаза, тука ќе се игра и едно осминафинале, како и еден четврт-финален натпревар.