1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ако сега не почнат промени во БиХ, нема никогаш“

Самир Хусеиновиж/ Жана Ацеска28 октомври 2014

Бакир Изетбеговиќ, Драган Човиќ и Младен Ивановиќ ќе бидат членови на Претседателството на БиХ во наредните четири години. Како ќе функционираат Претседателството и другите највисоки органи на власта во новиот состав?

Фотографија: CIK BIH

Во наредниот мандат најодговорните функции во системот на власта во БиХ, според утврдените изборни резултати, ќе ги имаат Драган Човиќ, Младен Иваниќ, Бакир Изетбеговиќ и Милорад Додик. Политичкиот аналитичар од Сараево Аднан Хускиќ тврди дека членовите на Претседателството се искусни политичари кои добро се познаваат и дека во нивната меѓусебна соработка не би требало да има поголеми проблеми. „Проблеми се можни ако БиХ биде директно вовлечена во судирот ЕУ - Русија, поради што може да дојде до разијдување во мислењата на членовите на Претседателството. Не е решено ни прашањето за продолжување на разговорите околу приближување кон НАТО“, вели Хускиќ за Дојче веле.
Хускиќ смета дека за ефикасно водење на надворешната политика, за која е надлежно Претседателството, е неопходно воспоставување посилен механизам на институционална соработка на релација Совет на министрите - Парламент - Претседателство на БиХ. „Секако, тоа подразбира постоење договор за интересите на државата, што е тема за која ретко имало консензус. Како ќе се однесува Младен Иваниќ во Претседателството зависи од конфигурацијата на власта во Република Српска и на државно ниво. Во проценката на неговата евентуална насока на дејствување треба да се вклучат и личните и професионалните амбиции“, вели Хускиќ.
Ново претседателство - нов курс?
Во Претседателството и во изминатите четири години имаше прегласување, а надворешната политика, според оценка на аналитичарите, повремено беше конфузна и недоречена. Дали изборот на Иваниќ навестува промени кои би можеле да влијаат и врз општествено-политичките околности во земјата? Бањалучкиот професор Ѓорѓе Вуковиќ не е застапник на ставот дека персоналните решенија подразбираат радикални промени на политичките концепти, посебно не во национално оптоварените општества. Тој, меѓутоа, остава отворена можност личните карактеристики, искуството и темпераментот да имаат одредена улога, барем на симболично ниво.
„Во тој случај сите тројца новоизбрани членови на Претседателството се личности кои можат да изберат нов, поинаков дискурс и да послужат за позитивен пример за сите субјекти во политичкиот живот во БиХ. Изетбеговиќ во претходниот мандат дејствуваше како заложник на старото, етнонационалистичко и конфликтно опкружување, кое ја оптоварува оваа држава, но во одредени случаи покажуваше и искрена определност кон создавање поздрава општествена клима, давање шанса на политиката на спогодување и културата на дијалог. Човиќ, како мудар политичар и толку посакуван легитимен претставник на хрватскиот народ, секако може да внесе нов дух во Претседателството, додека Иваниќ исто така спаѓа во редот на одмерените и искусни политичари кој, ако постои заедничка волја, нема да пропушти шанса активно да учествува во обликување на поведра и поодговорна политика на државно ниво“, вели Вуковиќ за Дојче веле.
За успех неопходна е поддршка
На членовите на Претседателството на БиХ ќе им треба поширока поддршка, како онаа од коалицискиот потенцијал, така и од страна на меѓународните функционери, интелектуалните елити и медиумите, тврди Вуковиќ. „Проблем ќе биде ако пред нив нагло се постават тешки и предизвикувачки задачи, ако се формираат нестабилни коалиции, ако изостане поддршката од Брисел, ако барањата за промени бидат контроверзни и непринципиелни или ако некоја од националните заедници почувствува дека политичките процеси не им нудат подеднаква шанса на сите. Има многу фактори од кои зависи во која насока ќе се движи БиХ, така што надворешната политика треба да дојде како последица на доброволен избор“, вели Вуковиќ.
Додик подготвен за позитивни промени во БиХ?
Според утврдените изборни резултати, Милорад Додик и во наредните четири години ќе биде претседател на Република Српска. Аднан Хускиќ тврди дека е променето опкружувањето во кое Додик ќе работи во наредниот мандат. „Ако му успее да формира власт, Додик овојпат ќе мора да смета не само на зголемени апетити на бившите коалициони партнери, туку и на можно вклучување на коалицијата Татковина во владејачкото мнозинство. Затоа, неговиот маневарски простор е прилично стеснет. Ако опозицијата формира власт во РС, можно е отворање на прашањето на уставните овластувања на ентитетскиот претседател, а во РС би можело да дојде и до криза на власта“, вели Хускиќ.
Ѓорѓе Вуковиќ е убеден - Додик би можел да е подготвен за активно учество во свртувањето нова страница во политичката судбина на БиХ, односно, без оглед на препознатливата реторика и идеолошката ориентација која ја промовираше минатите години, тој би можел да се согласи на значителен придонес во поправањето на ситуацијата во БиХ.
„Меѓутоа, затоа се потребни два услова: да се почувствува важен, вклучен - значи, да не биде понижено неговото лично его, а вториот е јакнењето на БиХ да не значи истовремено и слабеење на ентитетите. Уверен сум, истите услови важат и за Иваниќ - ни тој не би се согласил на развластување на РС. Затоа е важно новата политика во БиХ да не се базира на оспорување, негација, деструкција, туку на поголемо поврзување и афирмација на довербата“, истакнува Вуковиќ.
Клучен момент за промени
И Аднан Хускиќ смета дека за стабилна власт во БиХ е нужно спречување на политичкиот антагонизам меѓу државата и ентитетите и да се спречи повторување на сценаријата на нестабилни коалиции од минатиот мандат. Вуковиќ, меѓутоа, верува оти на БиХ и‘ претстои „тешко време“, зашто граѓаните на оваа земја се „социјално исцрпени, политички заситени и културно дезориентирани“.
„Не‘ чекаат болни соочувања со тешкото наследство од пропуштените години. Ако продолжи политиката на конфликти, меѓусебно порекнување и јавашлак, оваа земја ќе остане неизлечив пациент, резервоар на депресија, безнадежност. Општеството неповратно ќе потоне во социјална бездна, а политиката ќе загуби секаква смисла и втемеленост. Кој ќе се определи за продолжување на политичките и етничките конфликти, ќе докаже дека не му е важна ни државата, ни ентитетот, ниту народот. За уривање и омраза паднаа премногу жртви, загубено е премногу време. Ако сега не почнеме со промени, тоа никогаш веќе нема да го направиме“, вели Вуковиќ.

Драган ЧовиќФотографија: Europäische Kommission
Младен ИваниќФотографија: picture-alliance/dpa/F. Demir
Бакир ИзетбеговиќФотографија: picture-alliance/dpa/Jasmin Brutus
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми