1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако се исклучи името - Македонија не е полоша од другите кандидати!

Силвера Падори-Кленке16 мај 2014

Ова го кажа Михаел Рот државен секретар во германското МНР на дискусијата за ефектите од проширувањето на ЕУ. За ДВ Рот изјави дека од новото европско раководство очекува и нов импулс за решавање на спорот со името

Фотографија: Silvera Padori-Klenke

Десет години по најголемото историско проширување на Унијата и десет дена пред изјаснувањето за новите европски институции, Михаел Рот државен секретар задолжен за Европа во германското МНР даде биланс за целокупниот процес, кој го именуваше како „успешна приказна“. „Поглед наназад – поглед нанапред - Обдинувањето на Европа“ беше насловена вечерта во Шварцкопф-Фондацијата во Берлин (14 мај) на која Рот се наврати на промените од изминатиот четврт век на континентот, крајот на студената војна, историското доближување на истокот и западот и секако - актуелните случувања во Украина.

Со новите земји членки, Унијата сега обединува 28 држави со половина милијарда граѓани. По проширувањето, како истакна Рот, Унијата долгорочно е засилена и збогатена со новите народи, нивните култури, јазици, креативност. Кога е во прашање, пак иднината на Унијата, државниот секретар даде и прецизна анализа на феноменот „замореност од проширувањето“, кој особено се наметна последниве години со финансиската и економската криза. Неповолниот развој кај многу Европејци го поттикнало прашањето: дали Унијата не треба прво да си ги реши сопствените проблеми, па потоа да прифаќа нови држави? Имајќи го ова предвид, Михаел Рот истакна дека доколку се сака Европа да остане отворена, не треба да се игнорираат ваквите стравувања на нејзините граѓани. На политиката ѝ треба прифатливост и легитимност, а за да се сочува успешната политика на проширување на Унијата, треба да се реализират повеќе работи кои Рот ги образложи во три тематски блока.

Фер и строги критериуми

„ЕУ мора да се придржува на обврските и посветеноста на проширувањето кои им се ветени на земјите. Ова се однесува особено за земјите од Западниот Балкан. Второ, ЕУ мора да ја следи политиката на проширување со јасни, строги и фер критетриуми за прием. За идните членства во ЕУ, не смее како во минатото, да има политички попуст. Строгите критериуми за членство пред сѐ треба да се однесуваат на правната држава, стабилната демократија, борбата против корупцијата, прифаќањето на малцинствата - религиозни, сексуални, културни, етнички ... Овие работи мора да бидат исполнети пред полноправното членство. И трето, Европската унија треба и самата да ги исполни домашните задачи - да биде способна за прием и за делување со новите членки. Унијата мора преку зголемената транспарентност и подобрената комуникација да ја добие согласноста на граѓаните за натамошните проширувања“, истакна државниот секретар Михаел Рот.

Амбасадорката Корнелија Утевска-Глигоровска ја објасни генезата на спорот со иметоФотографија: DW

Во дискусијата што следуваше ДВ го праша Рот: зошто и по пет позитивни препораки на Европската комисија пристапните преговори не започнуваат и зошто е наметнат уште еден критериум- решавањето на спорот со името со Грција? Одговарајќи државниот секретар забележа дека од информациите кои ги има од колегата Јосип Јуратовиќ, пратеник со хрватско потекло во Бундестагот, кој добро го познава регионот - не бил проблем само спорот со името со Грција, туку како кажа „ситуацијата во Македонија е влошена“. Дополни и дека надвор од регионот, проблемот со името се гледа како апсурден, а во периодот на претседателството на Грција со ЕУ немало пробив, зашто Атина имала можност на широко да ја објаснува својата позиција околу името.
„Во текот на наредното италијанско претседателство, ни требаат конкретни предлози околу името“, дополни Рот.

Македонија не стои полошо од другите кандидати

На ваквиот одговор на Рот се надоврза и македонскиот амбасадор во Германија Корнелија Утевска - Глигоровска, која беше присутна на дискусијата. За учесниците во дискусијата, кои не го познаваат македонско-грчкиот проблем, амбасадорката накратко ја презентираше генезата на спорот околу името меѓу Македонија и Грција. Таа потсети на правото на самоопределување и во овој домен и на правото на сопственото име.

„Од 2005 година Македонија е земја кандидат, а од 2009 година Комисијата дава предлози за почеток на пристапните преговори. Сите предуслови се исполнети. Блокирањето од страна на Грција е единствената пречка за стартот на пристапните преговори. Сѐ останато на што се упатени забелешките се работи, кои во текот на преговорите може да се променат, подобрат. И додека не се заклучат преговорите, додека целосно не се исполнат предусловите, секогаш процесот (до полноправното приклучување) би можел да биде пролонгиран или дополнет со нови задачи кои ќе мора да се исполнат“, истакна македонската амбасадорка Утевска-Глигоровска, чие појаснување беше прифатено и од државниот секретар Рот.

Европа треба да се придржува на ветеното, а кандидатите за членство нема да имаат политички „попусти“Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Да точно е! Исто е како тогаш кога Кипарците го блокираа отварањето на поглавјата 23 и 24 што се однесуваат на правната држава, со што ја блокираа Турција. И тогаш важеше принципот на едногласност“, кажа Рот според кого практично е невозможно да се постигне консензус за некое прашање за кое е засегнат на пример и „критичниот“ претседавач со Унијата. Тој, како изјави пред учесниците на дискусијата, разговарал и прашал многумина - кое би било за сите страни најприфатливото решение за името. Вели, никој не му одговорил, но е сигурен дека оваа тема ќе биде на дневен ред во текот на италијанското претседателство со ЕУ.

„Инаку, доколку се тргне на страна спорот со името, тогаш вие (Македонија н.з.) и не стоите дефинитивно полошо од останатите држави на Западниот Балкан, со кои веќе се започнати пристапните пореговори. И доколку од 1 јули, во втората половина од годинава, го стартуваме и можното пристапување со Албанија, тогаш го разбивам вашето незадоволство“, коментираше Михаел Рот.

Очекувања од новото лидерство

Со оглед што Унијата е пред изборот на новиот Парламент и Комисија, по дискусијата во Шварцкопф-Фондацијата, ДВ го праша Михаел Рот што може Македонија да очекува од смените во европските структури?

„Се надевам дека со нови личности на врвот на Комисијата, со нови колеги во Европскиот парламент ќе има и нов импулс во решавањето и во преговорите околу името. Тука и двете страни мора да си ги решат домашните задачи. Навистина се надевам дека на Македонија ќе ѝ појде од рака да го надмине напорниот спор со името. Но, за тоа е потребна подготвеност за компромис и за раздвижување од сите страни. Таму каде можеме да помогнеме – радо помагаме“, изјави за Дојче веле Михаел Рот.

ДВ понатаму праша: зошто Германија не го искористила мигот и во екот на кризата кога Грција се повикувала на солидарност со ЕУ, не ја притиснала Атина ваква солидарност да даде и за решението на спорот околу името со Македонија?

„Не помага секогаш да се притиска во една насока. Што се однесува до проширувањето, особено на Западниот Балкан, ние (Германија н.з.) сме многу ангажирани и секако дека го поддржуваме она што се работи во Комисијата. Решението нема да пропадне поради Германија. Туку - сосема спротивно!“, одговори за ДВ Михаел Рот, најмладиот државен секретар во историјата на Германија (1970) задолжен за Европа во сојузното МНР.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми