1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако Трамп ја затвори границата...

Николас Мартин
5 април 2019

Американскиот претседател Трамп му даде на Мексико рок од една година да ја запре илегалната миграција и шверцувањето дрога во САД. Во спротивно се закануваат драстични царини и затворање на границата.

Grenze Mexiko USA San Ysidro Tijuana
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Arias

Што би се случило ако САД ја затворат границата кон Мексико се покажа минатата година во ноември. 650 фирми кои се наоѓаат на американска страна кај граничниот премин меѓу Сан Диего и Тихуана, според информации на локалната трговска комора, имаа загуба од речиси пет милиони евра за само еден ден. Кратко пред тоа американските безбедносни сили фрлаа солзавец врз луѓето кои се обидоа да преминат преку оградата од Мексико кон САД. Границата потоа остана неколку часа затворена. Економските загуби беа предизвикани од затворањето на еден единствен граничен премин за само еден ден. Американско-мексиканската граница е долга 3.100 километри помеѓу пацифичкиот брег и Мексиканскиот Залив и таму има 48 гранични премини. Трамп се заканува дека ќе ги затвори сите, доколку Мексико не ја запре илегалната миграција и шверцувањето дрога во САД. Шефот на Трамповиот кабинет, Мик Малвејни, за телевизијата Еј-Би-Си рече дека морало да се случи нешто „драматично“ за Трамп да отстапи од реализацијата на заканата.

Економска пропаст

Американскиот претседател главно има проблем со миграцијата од Централна Америка. „Нашите капацитети за прием на доселеници се пополнети, ние веќе нема да примаме илегални мигранти. Следниот чекор е да се затворат границите“, напиша неодамна Трамп на Твитер.

Бројот на уапсени лица на американско-мексиканската граница во изминатите месеци е зголемен. Ако во јануари беа 58 илјади лица, веќе следниот месец бројката се искачи на 76 илјади. Во март би можела уште повеќе да се зголеми. Малвејни со оглед на таквите цифри зборува за безбедносна криза. Министерката за внатрешна безбедност Кирстен Нилсен најави дека ќе го засили обезбедувањето на границите. Минатата недела беа распоредени дополнителни 750 стражари.

Белата куќа „се сили на вилици“, а градоначалниците на пограничните места се фрапирани. Ди Марго, републикански градоначалник на Ел Пасо, во разговор со британскиот весник „Гардијан“ изјави дека го лазат морници при самата помисла на затворање на границите. „За нашата економија тоа би било исклучително штетно.“

Трамп аргументира со тоа дека затворањето на границата би имало позитивно влијание на трговскиот дефицит на САД. Имено, САД извезуваат во Мексико многу помалку производи отколку што увезуваат од таму. Трамп во повеќе наврати им префрла на земјите кои извезуваат во САД повеќе отколку што увезуваат од таму, дека се виновни за трговскиот дефицит на САД.

Мигранти на границата помеѓу Мексико и САДФотографија: Getty Images/AFP/J.C. Aguilar

Скапо авокадо и запрено производство

Сметката не е толку едноставна. Мексико и според официјалните статистички податоци на САД е трет најголем трговски партнер и е исклучително важен за земјата. Минатата година имало размена на производи и услуги во висина од 550 милијарди евра, односно околу 1,5 милијарди дневно, соопшти минатиот понеделник Американската стопанска комора. По Кина, Мексико е вториот најголем клиент за американски производи. Тоа што Трамп сега го планира е „апсурдно", изјави за „Њујорк Тајмс“, Гери Хуфбауер од Институтот за меѓународна економија Петерсон. „Да се затвори јужната граница е рамно на катастрофа", нагласува тој.

Повеќе:

Во Мексико мигрантите мора да бираат меѓу лошо и полошо

Спортско игралиште на кое завршуваат сите соништа

Цените за овошје и зеленчук во САД би можеле енормно да пораснат. Повеќе од 80 проценти од продадените домати во САД се од Мексико. Слична е и ситуацијата со авокадото кое е омилено на Американците. Најсилно погодени би можеле да бидат производителите на автомобили, бидејќи многу делови се прават во Мексико и потоа се вградуваат во САД. Ланецот на испорака е тесно врзан, па производството во случај на затворање на границите би можело да замре. Многу лица кои работат во САД, а живеат од другата страна на границата, изгледа ќе бидат блокирани. Пограничните региони се тесно испреплетени на многу места. Преминот помеѓу Сан Диего и Тихуана дневно брои околу 90 илјади лица кои ја преминуваат границата, од кои 70 илјади со автомобил, а остатокот пеш. Во Ел Пасо секој ден 23 илјади лица доаѓаат на работа од Сиудад Хуарез. Во Ногалес, во сојузната држава Аризона, минатиот декември границата ја преминале околу 300 илјади пешаци и исто толкав број на приватни возила во правец на САД.

Поголемиот дел од дрогата од Мексико во САД се шверцува преку граничните преминиФотографија: Getty Images/AFP/M. Vazquez

Шверц со дрога на алтернативни начини

На еден начин планот на Доналд Трамп може навистина да има привремен ефект: и покрај тоа што големите картели на дрога користат авиони и мрежа од тунели, поголемиот дел од дрогата се шверцува преку граничните премини. Властите конфискуваат сѐ повеќе дрога сокриена во камиони или автомобили. Но, би било наивно да се мисли дека со затворање на границата навистина ќе може да влијае врз моќта на картелите. Милијардите кои ги заработуваат од бизнисот со дрога им дозволува брзо да изнајдат алтернативни начини.

Може ли Трамп успешно да ја ограничи миграцијата? И во минатото се покажа дека заострување на контролите на граничните премини доведе до тоа мигрантите со помош на шверцери да изнајдат други рути. Доколку Трамп и покрај противењето на експертите сепак ја затвори границата, тоа силно ќе ја погоди мексиканската економија. „Сѐ што води кон зголемување на сиромаштијата во Мексико влијае и врз зголемување на миграцијата”, вели Гери Хуфбауер. Идејата на Трамп може да излезе наопаку за него.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми