Актерка во антиисламскиот филм поднесе тужба
20 септември 2012Тужбата на Синди Ли Гарсија е насочена против Накула Баселеј Накула, коптски христијанин по потекло од Египет, кој живее во близина на Лос Анџелес и важи за продуцент на филмот. Освен тоа, таа од Гугл бара да го отстрани филмот од платформата Јутјуб. Според Гарсија, Накула ја измамил со тоа што и‘ рекол дека ќе учествува во филм за древен Египет, но на крајот, таа снимала сосем различен филм и сега „животот и‘ е во опасност“. Поради филмот во муслиманскиот свет со денови има протести и крвави безредија.
Франција со затворени амбасади
Француската влада презеде голем број безбедносни мерки поради објавувањето карикатури за Мухамед во еден француски сатиричен магазин. Владата во Париз најави дека денеска (20.09) ќе останат затворени амбасадите, конзулатите и училиштата во околу 20 земји во светот. Властите стравуваат дека по петочните молитви би можело да дојде до тешки безредија. Магазинот „Шарли Хебдо“ вчера објави серија карикатури, а на дел од нив Мухамед е прикажан гол. Париското министерство за надворешни работи соопшти дека „не е интелигентно да се долева масло на огнот“ во овој момент.