Актерот Алек Болдвин уби камерманка и рани режисер
22 октомври 2021Камерманката Халина Хачинс (42) е смртно застрелана во инцидентот, се вели во соопштение на полицијата во Санта Фе. Режисерот Џоел Соуза (48) е повреден и пренесен во болница.
Инцидентот се случил во текот на снимањето на вестернот „Rust“ на ранчот Бонанца Крик во Ново Мексико. 63-годишниот Болдвин има главна улога во филмот и истовремено е и продуцент.
Полицијата добила итен повик од локацијата каде што се снима филмот. Според полициското соопштение, Хачинс била со хеликоптер префрлена во болница и таму била утврдена нејзината смрт. Засега нема информации каква е здравствена состојба на Соуза, кој е во болница во Санта Фе.
Иследниците зеле изјави од сведоци. Се истражува и оружјето и начинот на којшто било пукано. Досега не е покрената кривична истрага, наведува полицијата.
Тимот портпароли на Болдвин засега не дава изјави. Актерот, еден ден пред инцидентот, на Инстаграм постави своја фотографија со брада и во „вестерн облека“.
Тој во филмот го глуми бандитот Харланд Раст, по кого е распишана потерница. Во филмот, меѓу другите, глумат и Френсис Фишер, Брејди Нун, Тревис Фимел и Џенсен Еклс.