Северна Македонија за пет пати ја надминува договорената горна граница за загадување со сулфур диоксид, и произведува двојно повеќе прашина. Активистите на Бенквоч бараат санкции од ЕУ.
Реклама
Наместо да се намалуваат- драматично се зголемуваат емисиите на сулфур диоксид во Северна Македонија и на целиот Балкан, предупредува организацијата за заштита на животната средина Бенквоч (Bankwatch Network). Четири држави од регионот: Северна Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина уште во 2005 година презедоа обврска да ги намалуваат емисиите на сулфур диоксид, кои во најголем дел ги испуштаат термоелектраните. Но наместо намалување, вредностите на отровните емисии се за пет до шест пати повисоки од она што е предвидено како обврска за државите во договор со Енергетската заедница на ЕУ. Убедливо најголем загадувач е термоелектраната Костолац во Србија, која емитувала сулфур диоксид колку што им било дозволено на сите четири балкански држави заедно.
Во Северна Македонија, пак, РЕК Битола и понатаму е главен носител на загадувањето со сулфур диоксид. Термоелектраната произвела речиси 53 илјади тони сулфур диоксид- шест пати повеќе од дозволеното. Дополнително, од битолскиот гигант излегле и 3.470 тони прашина, што пак е трипати повеќе од дозволеното.
Сите земји од регионот, вклучително и Северна Македонија, се обврзаа до 2018 година да ги намалат емисиите на отровните супстанци. Но наместо намалување, се регистрира драстично зголемување на емисиите на загадување.
Извештајот на Бенквоч ќе му биде претставен на Европскиот парламент, а активистите бараат од ЕУ да ги санкционира овие држави кои го загадуваат воздухот. Најголема причина за загадувањето е користењето на јаглен и лигнит за производство на електрична енергија. Активистите бараа од ЕУ да воведе данок на јаглеродниот диоксид или на јагленот во овие земји со што струјата која тие ја извезуваат во ЕУ би била поскапа.
„Сакаме европските институции да го сфатат сериозно овој проблем. Во однос на ова конкретно прашање, имаме јасни докази и мора веднаш да се преземат мерки“, вели ко-авторот на извештајот на Бенквоч, Пипа Галоп. Штетите за здравствениот систем кои ги предизвикуваат овие термоелектрани се проценуваат на околу 11 милијарди евра годишно.
Според истите истражувања, загадувањето од 16 термоелектрани во регионот во 2016 година однело 3.900 човечки животи ширум ЕУ.
Единствената добра вест за регионот е што паѓаат емисиите на азотен оксид.
Проблематично е што на Балканот се планираат нови термоелектрани на јаглен со вкупна моќност од 2,7 гигавати финансирани од кинески банки, и тие веројатно дополнително ќе го влошат проблемот.
Како климатските промени се одразуваат во Европа?
Европскиот парламент прогласи „климатскa вонредна состојба“, бидејќи Европа доживеа екстремни временски услови- од рекордните топлотни бранови, па сè до катастрофални поплави. Дали за тоа се виновни климатските промени?
Фотографија: picture-alliance/S. Ziese
Рекордни топлотни бранови
Во летото 2019 година се забележани топлински рекорди низ целиот европски континент. Во јули, во Германија беше измерена највисоката температура досега од 42,6 Целзиусови степени. Франција го урна својот рекорд на горештина двапати во 2019 година, со највисока измерена температура од 46 Целзиусови степени во јули. Климатските промени ја зголемуваат фрекфенцијата на топлотните бранови.
Во ноември 2019 година, италијанскиот град архипелаг Венеција доживеа повеќе поплавувања и високо ниво на водата од 1,5 метри, кое беше достигнато трипати во една недела, за прв пат во историјата. Прогнозираното покачување на нивото на морето како резултат на климатските промени може во иднина да ги направи овие настани уште почести.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Medina
Шумски пожари во Шпанија
Истиот топлотен бран што донесе рекордни температури во Франција ги предизвика најлошите шумски пожари кои ја погодија Шпанија во последните 20 години. На шпанскиот остров Гран Канарија, пожарите во август го уништија националниот парк на популарниот туристички остров. Повисоките температури и сувиот воздух како резултат на климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари.
Фотографија: Reuters/B. Suarez
Германските шуми изумираат
Комбинацијата од суша, невреме и екстремна топлина ги осиромашува германските шуми. Според БДФ, група за заштита на шумите, во Германија, повеќе од 1 милион дрва умреле од 2018 година. „Ова веќе не се поединечни невообичаени временски настани. Ова се климатските промени“, вели претставник на БДФ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Frey
Исчезнуваат глечерите на Алпите
Глечерот на италијанската страна на Мон Блан доживеа забрзано топење во 2019 година. И ентузијастите одржаа „погреб“ за глечерот Пизол на швајцарските Алпи, кој речиси целосно исчезна. Научниците велат дека климатските промени го забрзуваат топењето на глечерите на Алпите.
Фотографија: AFP/F. Coffrini
Сушата влијае врз производството на храна
Сушата во Германија две години по ред силно ги погоди земјоделците. Во 2018 година, рекордната суша предизвика големи загуби кај земјоделските култури, а топлотните бранови во 2019 година, дополнително ги оштетија земјоделските култури. „Климатските промени значат почести суши и екстремни временски услови во Германија“, изјави потпретседателот на германската служба за временски услови Паул Бекер.