Акцијата во Сен Дени заврши со две жртви и седум уапсени
18 ноември 2015Една жена се разнесе со експлозив, а осомничен џихадист загина во престрелка со француската полиција во големата акција во париското предградие Сен Дени која започна рано утрово.
Истрели од огнено оружје и серија експлозии го потресоа работничкото преградие во близина на главниот град на Франција, а преплашените жители беа евакуирани или мораа да останат во своите домови.
Седум лица биле уапсени во акцијата која траеше седум часа, додека пет полицајци се здобиле со мали повреди во престрелката со џихадистите кои се забарикадирале во еден апартман.
Парискиот обвинител Франсоа Молан изјави дека прислушувани телефонски разговори и изјави на сведоци и‘ дале повод на полицијата да верува дека во зградата се наоѓа и Абделхамид Абауд, кој се смета за главен организатор на терористичките напади во Париз. Засега нема потврда дека Абауд бил во станот.
Локалните жители, од кои дел биле евакуирани во нивната долна облека, велат дека се нашле среде страотна престрелка.
Хајат, 26 години, го напуштала станот на пријател каде ја минала ноќта кога започнале пукотниците.
„Слушнав пукотници. Можеше да ме погоди некој куршум. Никогаш не би помислила дека терористите би се криеле тука“.
Меѓу уапсените е и сопственикот на станот за кој треба да се разјасни дали одржувал некакви врски со терористите и зошто им го изнајмил.
Францускиот претседател Франсоа Оланд денеска закажа разговори со владата на кои треба да се одлучи дали да се продолжи вонредната состојба во земјата за уште три месеци. Предлогот мора да го одобри парламентот.
Организацијата на муслиманите во Франција најави дека ќе побара од сите 2.500 регистрирани џамии во земјата за време на петочната молитва да „ги осудат сите видови насилство и тероризам“.
Француските власти денеска соопштија дека успеале да ги идентификуваат сите 129 жртви од петочните терористички напади.