1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Акѓун: „Ердоган сака да стане доживотен претседател“

Керстен Книп / превод: ЕМФ11 март 2016

Изјавата на сопругата на турскиот претседател Ердоган дека османлискиот харем ги подготвувал жените за живот, предизвика потсмев и вџашеност. Но, се работи за многу повеќе, предупредува социјалдемократката Лале Акѓун.

Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

ДВ: Госпоѓо Акѓун, сопругата на турскиот претседател, Емине Ердоган, деновиве пееше пофална песна за османлискиот харем. Тој бил „установа за учење, во која жените се подготвувале за живот“, рече таа. Што сака со тоа да ни каже госпоѓа Ердоган?

Лале Акѓун: Ако се суди според сликата која брачната двојка Ердоган ја има за жените, харемот е училиште за живот. Имено, кога жените ќе се деградираат на ниво на сексуални објекти, кога жената се гледа само како машина за раѓање деца, тогаш харемот, се разбира, е перфектно место за да ги образува жените за иднина.

Жените како машини за раѓање и еротски објекти - чудна претстава, претпазливо формулирано.

Едното е поврзано со другото. Во записите на конзервативните исламисти може да прочита токму тоа: жената треба да биде убава за својот маж, да се подготвува за него и да му раѓа деца. Изјавата на госпоѓа Ердоган одговара перфектно на изјавата на нејзиниот сопруг. Тој на Денот на жената изјави дека суштинската цел на животот на жената е да биде мајка.

Каков одек има тоа во Турција? Во земјата има конзервативен и секуларен, модерен табор.

Изјавата се поклопува со она што со години се проповеда во конзервативниот табор. Исламистите тежнеат многу кон тоа да се третираат себеси како жртви. Тие се гледаат како жртви на 90-те години република и сега мислат дека се враќаат конечно кон своите корени од Османлиското царство. Со ваквото размислување е поврзано и перчењето со Османлиското царство. Многу приврзаници на Ердоган сонуваат за ова царство. Тие најрадо би ги прескокнале 90-те години турска република, како кога го прескокнувате блокот реклами на телевизија и вртите на друг канал, и би се надоврзале директно на минатото. Мене ми е жал за прогресивните и секуларни жени, и тоа не само за тоа што нивниот глас сѐ повеќе се задушува, туку пред сѐ затоа што тие се понижувани и прогонувани поради своите ставови. Таков беше на пример случајот на 8 март, кога жените кои сакаа да одржат демонстрации на Денот на жената, беа прогонети од страна на полицијата.

Колку е според Вас силен овој конзервативен ислам, кој се артикулира во религиозните изјави и приказни, како онаа за харемот?

Лале АкѓунФотографија: picture alliance/dpa/D. Reinhardt

Османлискиот харем во суштина за жените бил пекол. Тие биле понижувани, потиснувани, морале да конвертираат во ислам, биле деградирани на ниво на сексуални објекти, морале да им служат на мажите, пред сѐ на султанот. Тие воделе живот кој всушност не го посакува ниту една жена. Претставувањето на такво нешто како желба е, се разбира, фикција. Меѓутоа, се плашам дека фикции како овие наидуваат на многу плодна почва во одредени кругови, меѓу другото и во смисла на политичка цел. Зашто, се работи за аспект на конзервативните претстави: Турција би требало да биде повторно најголемата и најсилна земја, сите треба да клечат пред Ердоган. Тоа сега се покажува и во политиката кон Европа. Во таа смисла, тој уште добива и „докази“ за својата големина. Тоа, се разбира, му помага да си продолжи со својата внатрешна политика. ЕУ со својата политика му помага на Ердоган да седи цврсто во седлото.

Изјавата доаѓа во недела во која ЕУ-државите со Турција направија договор по прашањето на бегалците. Дали е тоа случајност или коинциденцијата зборува можеби за извесна вообразеност на Турција?

Вакви знаци на вообразеност има постојано. Во кругови на владејачката партија АКП одамна има тенденција кон слични изјави, на пример околу темата принуден брак или убиство од чест. Попатно кажано: откако АКП е на власт, бројот на убиства од чест се зголеми неколкукратно. Она што е воочливо е што изјавите добиваат на решителност. Прво се зборуваше за жена која треба да седи дома, потоа се зборуваше за вредностите на турската жена, а сега сме кај харемот.

Каква е целта?

Ердоган мора да развие иделошки правец за да ја оствари својата цел да стане доживотен претседател. Нема да ме зачуди ако биде прогласен за доживотен претседател, а потоа се погрижи за тоа некој од неговите потомци - син или зет - да дојде на власт. Значи, еден вид семејна диктатура.

Лале Акѓун е авторка и политичарка. Од 2002 до 2009 година беше пртаеничка во Бундестаго. Таа е родена во Истанбул.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми