1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија доби нов претседател и избегна уставна криза

22 јули 2007

Стратегијата на опозиционите социјалисти на Еди Рама беше за нови избори. Тоа го спречија шестмина негови сопартијци - пратеници, кои не го бојкотираа гласањето и со нивна подршка Бамир Топи стана претседател на државата

Еди Рама не успеа да издејствува нови избориФотографија: AP

Сегашните настани се продолжение на одамна отворениот конфликт околу прашање кое во нормални демократски земји не смее да биде предмет на спор. Уште на крајот на минатата година Албанија западна во длабока уставна криза - социјалистите се заканија со бојкот на локалните избори оти земјата нема Централен регистер на населението, кој би требало да спречи двојно гласање на изборите. По повеќемесечно натегање проблемот беше политички решен, но на сите им стана јасно дека мора на Централната изборна комисија да и’ се овозможи да се потпре врз сигурни податоци. Во Албанија една едноставна административна задача при организацијата на изборите и натаму има политичка експлозивност.

Неопходноста од нов регистер на населението и на избирачите е одамна позната. По тешките безредија пред 10 години, кога речиси дојде до целосен слом на јавниот поредок, ОБСЕ интензивно се ангажираше за изготвување нов избирачки список. Но, за осум години на власт социјалистите не успеаја да го изработат. На сите парламентарни и локални избори ова е болна тема.

На Албанија, која е блиску до членство во НАТО и интензивно го прилагодува своето на правото на ЕУ, работејќи така и за пристап кон Унијата, сега и’ е потребна пред се’ стабилност. Тоа значи дека се штетни нови избори на секои две години. Во борбата за освојување на власта е разбирлив обидот на претседателот на социјалистите Еди Рама да изнуди нови избори, но за земјата е добро што тој доживеа неуспех.

Настаните покажуваат и дека сегашната влада мора дотолку поинтензивно да се фрли на работа, за на наредните избори во 2009-та година конечно да има избирачки список, а не тој да биде објект на политичко натегање.

Фабијан Шмит

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми