Албанија: Живот на ѓубриште
23 декември 2014Кој не мора, не оди зад оградата на депонијата. На човека му се слошува од ужасната смрдеа. А сепак, среде ѓубриштето има луѓе. Уште од утринските часови го чекаат камионот за смет со надеж дека во она што ќе го истури ќе најдат нешто вредно за да преживеат. На пример, шишиња или лименки со кауција, за кои би добиле по неколку центи.
Матилда има седум години и, како и сите други во семејството, му помага на татко и’ за да спечалат некоја паричка. Во успешните денови им се собират и до осум евра. Матилда гордо раскажува дека оди во прво одделение. Депонијата на албанскиот главен град Тирана е нејзиниот дом.
Ако човек не го види тоа со свои очи, нема да верува во какви услови живеат овде многумина од вкупно осумстотините илјади жители. Токму како ни во тоа, како изгледа на брегот на реката, која тече низ центарот на градот. Од тука загадената и матна вода оди директно во Јадранско море.
Заменикот-градоначалник надлежен за инфраструктурата, Ено Боздо, вели дека се прават обиди за создавање свест кај населението за заштита на природната околина, но дека за тоа е потребно време.
„Ситуацијата во која се наоѓаме сега и не им е толку туѓа на најголемиот дел од европските земји: во 60. и 70. години на минатиот век и во Германија имаше редица илегални депонии, на пример, долж реки. Се разбира дека ние сега мораме да работиме со целосна енергија за тука нешто да се промени. Како прв чекор, ќе ги исчистиме реките и бреговите. А потоа мораме да му пријдеме на проблемот во основа“, најавува Боздо.
Крајно време е. Албанија, имено, од јуни и официјално е кандидат за членство во ЕУ. Но, си го носи наследството од 46-те години на комунистичка диктатура. Еден мал дел од вкупно околу три милиони Албанци се збогати, меѓу другите и плитичката класа. Но, поголем дел од луѓето живее во руинирани станбени блокови, честопати со инфраструктура како во Третиот свет. А многу од зградите се настанати без какво било одобрение. Како и оние, на дел од реката каде градот веќе го отстрани отпадот.
Во изминатите недели беа однесени 600 илјади кубни метри смет, а се смета дека има преостанато уште 500 илјади. Притоа комуналците наидоа на уште еден проблем.
„Овде, на отсек во должина од околу еден километар, откривме 2 илјади илегални канализациони одводи и канали. Сега ќе ги отстраниме и ќе се погрижиме за прочистување на отпадните води“, вели Боздо.
Градската управа си постави големи задачи. Тирана треба да стане главен град во подем со функционална инфраструктура. Реката треба да биде чиста. Во канцеларијата на градоначалникот се изложени оптимистичките планови. Од нив произлегува дека дивите депонии на Тирана, вакви какви што се денес, треба да ги снема.
„Но, што ќе правите тогаш со луѓето кои таму собираат отпад и живеат“, го прашуваме заменик-градоначалникот.
„Таму веќе нема луѓе. Знаете, таму подигнавме ѕид...“
„Но, ние вчера бевме таму и имаше многу луѓе“.
„Не на самата депонија; на нејзиниот почеток - да, но не на влезот. И воопшто, за нив таму ќе биде забрането.“
Тоа баш и на звучи како некој добар план. Се разбира, луѓето се’ уште се таму - и не само на почетокот и на влезот во депонијата, туку во нејзиното средиште. Еден од работниците, навистина, прави неволен обид да ги истера, но само додека е тука камерата. Тој и самиот знае дека тие луѓе немаат ништо друго. Отпадот им обезбедува опстанок. Уште повеќе од тоа - тука е нивниот дом.