1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија има највисок наталитет

3 мај 2011

Дури 79 нации во светот изумираат, меѓу кои и 35 од Европа. Само во две европски земји се раѓаат повеќе луѓе отколку што умираат- Албанија и Малта. Германија е на дното на наталитетот, и покрај мерките што се преземаат..

Германија има ниска стапка на наталитетФотографија: Fotolia/Karen Roach

Според истражувањето на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), спроведено во 30 најразвиени земји во светот, Германија се наоѓа на 26 место во однос на стапката на наталитетот, и покрај тоа што издвојува многу средства за финансирање на семејната политика. За секое новородено дете, до неговото полнолетство, оваа земја троши по 146.000 евра. Стапката на парови без деца во Германија се‘ уште е висока и изнесува 8,3 проценти, но сепак е пониска отколку во останатите индустриски земји, каде во просек изнесува околу 12,7 проценти.

Повеќе помош за најмалите

Во Германија се потребни нови капацитети за грижа за децатаФотографија: Sigrid Knichel/Waldkita Purzelbäume

Раководителката на истражувањето Моника Кисер е сигурна дека во Германија и натаму е проблем да се спојат професионалните амбиции и семејството, а исто така доаѓа до заклучокот дека државата треба да стори повеќе за најмладите.

„Германија издвојува релативно многу пари за постарите деца. Детски додаток добиваат и оние деца кои изучуваат некој занает, а и работата при учењето им е платена. Во истовреме, помладите деца добиваат релативно малку пари“, вели Кисер.

Од ОЕЦД советуваат државата директно да вложува во создавањето на инфраструктура за подобра грижа за децата. Меѓутоа, германската влада и понатаму на прво место при помошта го става исплаќањето на детски додаток. Херман Кис од Министерството за семејна политика вели:

„Тоа се значителни приходи, кои претставуваат предуслов за сиромаштијата кај децата во Германија да остане на ниско ниво. Свесни сме дека мораме да вложуваме и во инфраструктурата за грижата за децата и да отвориме нови капацитети за сместување на децата во целодневен престој, или само на неколку часа. Во моментов работиме на тоа.“

Албанија и Малта се рекордери во Европа

Албанија во просек има 2,8 деца по семејствоФотографија: fotolia/DaliaDrulia

Во само две европски земји, во просек има повеќе деца отколку возрасни. Во Малта има во просек 2,4 деца по семејство, но рекордер е Албанија со 2,8 деца по семејство. Истражувањата покажуваат дека во последните 100 години бројот на Албанците е зголемен за 700 проценти. Во истиот период, популацијата во Романија, Бугарија и Грција се зголемила за 40 проценти, но статистиките говорат за намалување на бројот на жители кај цела низа народи.

Така сега има 10 проценти помалку Срби, отколку пред еден век, а и кај останатите нации од регионот во тек е изумирање. Хрватска, на пример, има 690.000 деца и малку повеќе од 760.000 лица над 65 години, а според демографите за 30 до 40 години бројот на децата ќе се преполови, а ќе има трипати повеќе стари лица отколку сега. Бројот на Србите секоја година се намалува за околу 40.000, а слична е состојбата и во Босна и Херцеговина.

Автор: Селма Филиповиќ / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми