1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија: Нови критики за укинувањето на општините каде живеат Македонци

СН/ат/миа3 август 2014

Генералниот секретар на МАЕИ Васил Стерјовски, истакна дека законското решение со кое се укинуваат општините во кои живеат Македонци е неприфатливо, бидејќи тоа не е во согласност со меѓународните конвенции.

Фотографија: Vera Todorovska

Во Албанија продолжуваат реакциите околу законот за територијална поделба, што без присуство на опозицијата еден глас против и еден воздржан, го изгласа албанскиот парламент во четврток.

Во разгoвор за тиранската телевизија „Ора њус“, ставот на единствената македонска партија МАЕИ, околу новата територијална поделба го изнесува генералниот секретар Васил Стерјовски, според кој законското решение со кое се укинуваат општините каде што живеат Македонци е неприфатливо, бидејќи тоа не е во согласност со меѓународните конвенции.

„Од самиот почеток ние ја подржавме ова територијална реформа и побаравме од владата општините каде што живее доминантно македонско население да не се укинуваат. Да не се укинува општина Пустец и трите општини во Голо Брдо, додека две општини во Гора да се обединат и да се формираат општините Голо Брдо и Гора. Парламентот не ги зеде предвид нашите барања и го донесе новиот закон за територијална реформа на штета на македонакта заедница во Албанија оставајќи ја само општина Пустец, додека ги укина општините во Голо Брдо и Гора“, вели Стерјовски.

Според него, иако законот е усвоен нема да се откажат, од нивните легитимни барања, кои се заеднички со сите жители и актуелни локални власти.

„Ќе почекаме да се изјасни претседателот на државата, дали ќе го потпише указот за прогласување на овој закон. После тоа, ќе постапиме во рамки на институциите и ќе побараме да се произнесе Уставниот суд. Ова не се само наши барања, на легитимните преставници на македонската заедница во Албанија, тоа се барања и на самите жители на овие општини. Пред некој ден жителите на трите општини во Голо Брдо излегоа на протести со барања да се формира општина Голо Брдо, појаснува Стерјовски.

За овие барања, потенцира, има општ консенсус меѓу македонската заедница без разлика на политичка определба.

„Градочалниците на општините во Голо Брдо заедно со Советите на овие општини, без разлика на нивната политичка определба, некои се од Социјалистичка некои од Демократска партија, поднесоа барања до албанските институции за формирање на општина Голо Брдо“, изјави Стерјовски.

Во разговорот тој понатаму зборува за непобитниот факт, за, како што вели, продолжување на политиката од комунистичкиот период на негирање на малцинствата.

„За жал политиката на ова и на претходните влади кон македонското и другите малцинства во Албанија е продолжеток на политиката од комунистичкиот период, а тоа е политика на континуирано негирање и дискриминација. Во комунистичкиот период ние се признававме само во општина Пустец и сега само тука не оставија посебна општина додека во Голо Брдо и Гора каде живее голем број на Македонци продолжуваат да не се признаваат. Македонците во Голо Брдо и Гора, немаат никаква разлика ни по говор, фолклор, култура и традиција од Македонците во Преспа. Во Голо Брдо и Гора децата до седум години незнаат да зборуваат албански јазик, исто како во Преспа и почнуваат да го учат на училиште. Исто така и повозрасните жени во трите области го зборуваат само македонскиот јазик“, вели Стерјовски во разговор за тиранската телевизија „Ора њус“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми