Албанки им носат семејна среќа на Срби од Пештер
16 мај 2017Златко и Вера Муниќ (насловна фотографија) од Сјеница деновиве прославија 10 години брак. За тие 10 години, добија три деца, создадоа дом и како што велат, живеат убав семеен живот. А пред тоа, се присетува Златко, тој бил едно од првите момчиња кое во желбата да се ожени, својата среќа ја побарал во Албанија.
„Јас имав тогаш патничко комбе, па еден пријател ми рече дека му треба превоз до Тирана за него и за уште еден другар кој ќе се женел за Албанка, за да ги направи документите. И ми рече дека има девојка и за мене, па ако ми се допадне и ако таа се согласи, можам да се женам. Така за првпат отидов во Албанија“, се сеќава Златко и додава оти тогаш му било страв на граница, бидејќи односите меѓу Србија и Албанија беа многу лоши. Вели дека ни тоа, а ни другите преминувања на граница никогаш нема да ги заборави.
Пари под филџанот за кафе
Така Златко стигнал до својата сегашна сопруга. Во рамнината, покрај Скадар, девојката за мажење го чекала младоженецот и не сонувајќи оти тоа ќе биде момче од Србија. Златко се сеќава дека едвај чекал да ја види. Кога него и неговиот татко ги однеле во нејзината семејна куќа, според албанскиот обичај, кафе требало да им послужи девојката: „И сега го чекам тоа кафе! Додека чекав, раскажував каде живеам, колку имот имам и слично“, ни објаснува Златко. „Дојде таа, мала, па да речеме средена, ме прашуваат дали ми се допаѓа, јас велам ми се допаѓа. Ми се допаѓа! Ја прашаа неа дали ѝ се допаѓа момчето- ѝ се допаѓа. Е сега треба да кажат и браќата. Обичај е да се прашаат сите кога се мажи ќерката. Браќата одобрија, па дури и братот кој беше во Италија. И на крајот родителите рекоа дека може“, објаснува Златко.
Како што налагаат обичаите во Албанија, младоженецот Златко под филџанот за кафе оставил пари невестата да си купи злато и да извади пасош, а потоа се разделиле. Набрзо во Србија дошол братот на Вера да провери каде таа ќе го помине животот и дали сѐ што е кажано за имотот е вистина. Следела женската свадба во Албанија на која отишол со својот татко бидејќи поинаку било прескапо. А бидејќи на невестата ѝ била потребна виза која долго се чекала од амбасада, Златко својата сопруга ја довел во Сјеница преку ниви, наместо преку граница.
„Како да ме украде, Бог да чува!“, додава Вера со насмевка на многу добар српски јазик. Тоа ѝ е крстено име. На албански се пишува Вере, но се изговара Вера. Златко се трудел да го научи нејзиниот јазик купувајќи книги, речници и плаќајќи албански канали преку сателит. „Не помогна!“, повторно вели Вера со насмевка.
„Нема ништо поважно од децата“
Кога дошол по неа, се сеќава, имала 21 година, а тој 30. Всушност рекол дека има толку, а имал 35 што и денес на шега му го префрла. Таа додава дека во Албанија мажите се многу љубоморни сопрузи, но оти малку се поправиле во меѓувреме. Сепак, како што вели, во Србија машко-женските односи се навистина поопуштени. Таа денес е вработена во текстилната индустрија „Санатекс“, целосно е самостална, има возачка дозвола, што вели, е сѐ уште невообичаено во нејзината земја. Сепак, објаснува Вера, тоа ѝ е помалку важно и за неа ништо не е поважно од децата.
Првата година за Вера била исклучително тешка, не знаела ниту збор српски и тоа ѝ причинувало многу проблеми. Била осамена, не можела да се дружи, а во тоа време немало други Албанки со кои би можела да разговара и кои би ѝ помогнале да го научи јазиот. Сега тоа е многу поинаку, вели брачната двојка Муниќ, и кога ќе дојде нова снаа од Албанија многу побрзо го учи јазикот благодарејќи на меѓусебните дружења.
Скапи посредници
Сето останато за Вера во Србија било лесно. Венчавката е направена и во општина и во црква. Никогаш никој не ѝ направил проблем дека е Албанка. Ги прифатила обичаите, вели не се разликуваат многу од оние во Албанија. Родителите и роднините често ги посетуваат, и одамна веќе не тагува за родната земја. Не се кае оти дошла во Србија и би им препорачала на девојките да се мажат во Србија. Само е важно, потенцира таа, прво тие да се прашаат, и да се прашуваат повеќе отколку досега.
Вера и Златко Муниќ имале среќа дека наишле еден на друг. На други двојки им помогнале различни посредници кои ги има и во Србија и во Албанија, и кружат околу младоженците за големи пари. Од друга страна, хуманитарната организација Стара Рашка во претходните години венчала над 300 мешани двојки, организирајќи посети на српски момчиња во Албанија. Уште во првата година од работата, венчана е 41 двојка, благодарејќи на оваа организација, вели Момир Ковачевиќ од организацијата Стара Рашка.
Немилосрдниот Пештер
Пештер, непрегледно големиот простор со немилосрдна клима, крие многу снаи од Албанија. Ја пронајдовме и Мира, на албански Мире, која со свекрвата и две мали деца, го чекаше најстариот син да се врати од училиште.
Таа има 37 години, а во Србија живее 8 години и сѐ уште слабо го говори јазикот. Вели дека се омажила, така што некоја Албанка која дошла пред неа во Србија, ја препорачала за брак.
Иако е од големо семејство и има три сестри и брат, Мира вели дека за неа три деца се доволно. Ѝ недостасуваат сите во Албанија, со оглед дека не оди таму често, затоа што не може. Од сите нејзини сестри не е омажена само најмладата, но Мира срамежливо додава дека таа треба да остане во Албанија, бидејќи и таму има добри момчиња.
Мештаните во Пештер велат дека Албанките се добри сосетки и оти најважно им е семејството, што е за секаква пофалба. Иако има такви, кои, како што вели Златко Муниќ, прашуваат „зошто токму Албанка“, жителите на овој регион сметаат дека Албанките се совршени за нив, особено поради тоа што сакаат да имаат повеќе деца, а тоа и ним им е најважно.